За македонскиот јазик во “Прирачникот за југоисточноевропска лингвистика” на гермаснки јазик

Југоисточноевропскиот јазичен пејзаж е обликуван од повеќевековен соживот и заемно влијание на најразлични јазици, чие истражување претставува централна задача на балканистиката. Едно пионерско стандардно дело во ова истражувачко поле е „Прирачникот за југоисточноевропска лингвистика“ (Handbuch der Südosteuropa-Linguistik), издаден од Уве Хинрихс во 1999 година. Како научен зборник, ова дело обединува независни придонеси од меѓународни експерти кои детално ги анализираат специфичните структури и развој на поединечните јазици во регионот.

Во рамките на овој сеопфатен приказ, централно место зазема трудот на проф. Максим Каранфиловски. Во своето специфично поглавје, Каранфиловски се посветува на утемелениот лингвистички опис на македонскиот јазик. Неговото истражување не само што ги осветлува внатрешните граматички и фонетски структури на јазикот, туку и ги вградува во поширокиот контекст на ареално-лингвистичките процеси во Југоисточна Европа. Со тоа, неговиот придонес дава незаменлив удел во разбирањето на македонскиот јазичен систем и неговата улога во севкупната балканска јазична структура.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

МАКСИМ КАРАНФИЛОВСКИ, Скопје

Воведна белешка

Македонскиот јазик е јужнословенски јазик. Заедно со бугарскиот јазик, некои дијалекти на српскиот јазик, новогрчкиот, романскиот и албанскиот јазик го формира таканаречениот Балкански јазичен сојуз. Македонскиот јазик е официјален службен јазик на Република Македонија. Дијалекти на македонскиот јазик се зборуваат во егејскиот дел на Македонија (во Република Грција), пиринскиот дел (во Република Бугарија) и во некои региони на Република Албанија (Мала Преспа, Голо Брдо и др.). Надвор од границите на Македонија македонскиот јазик се зборува од иселениците во рамките на македонската дијаспора во Западна Европа, Канада, САД, Австралија и други земји.

Азбука

Македонската азбука е кирилска (македонска кирилица) и се состои од следниве 31 буква (во заградите е дадена нивната латинична транскрипција):

            А а (a), Б б (b), В в (v), Г г (g), Д д (d), Ѓ ѓ (ǵ/gj), Е е (e), Ж ж (ž), З з (z), Ѕ ѕ (dz), И и (i), Ј ј (j), К к (k), Л л (l), Љ љ (lj), М м (m), Н н (n), Њ њ (nj), О о (o), П п (p), Р р (r), С с (s),Т т (t), Ќ ќ (ḱ/kj), У у (u), Ф ф (f), Х х (h), Ц ц (c), Ч ч (č), Џ џ (dž), Ш ш (š).

Македонската азбука се разликува со некои особености од другите кирилски азбуки. Покрај отсуството на двојните графеми (я, ю, щ) и некои други кои се употребуваат во старословенскиот, рускиот и бугарскиот јазик, за македонскиот јазик се карактеристични графемите ѓ, ќ, љ, њ, ј, ѕ, џ, од кои само во македонскиот јазик се употребуваат ѓ, ќ, ѕ.

За разликување на хомонимните форми се употребува надреден знак (ˋ) во кратката заменска форма нè (од заменките ние, нас) за разлика од негацијата не, во кратката заменска форма ѝ за разлика од сврзникот и и во количествената заменска форма сè  и се (3 л. мн. од глаголот сум и повратната заменка себе се). За означување на темниот вокал [ə] во македонскиот јазик се употребува апостроф. Апострофот се користи кај некои турцизми, пред вокалното р на почеток од збор и во некои дијалектни форми:  к’смет, ‘рѓа, ‘рж итн.

Правопис

Правописот на македонскиот јазик е фонетски и во голем степен фонолошки со доследно почитување на правилото „секој глас е претставен со посебен знак“. Посебна карактеристика е едначењето по звучност на звучните и безвучните согласки во непосреден контакт: брег – брекче, врабец – врапче, врапци, рид – ритче, сладок – слатка, бележи – белешка, близок – блиска, сват – свадба, гостин – гозба, кај префиксираните лексеми (зад-) затскрие, (од-) отказ, (под-) потпис, (пред-) претсобје, претседател, (без-) бескуќник, (раз-) расчекор и др., а во случаите кога морфемската граница е  јасна можно е и удвојување на согласките: оддели, раззелени, оттука, бессовесен. Во случаите кога деловите на зборот се сраснати во поголем степен доаѓа до изедначување на согласките и контракција (испуштање на едната согласка): оддамна – одамна, бесмислен, бесрамен, исече, раседна ( разседна), расее, рашета ( разшета) или се задржува согласката с бесшумно ( безшумно), истепа, исшие итн.

Во следните случаи едначењето по звучност не се бележи:

  1. Кога в се наоѓа пред безвучна согласка: вкупно, втор, мравка, цевка, трговски, глувче, тавче, мевце, овца, овчар итн.
  2. Согласката д во суфиксите -ски, -ствен, -ство: градски, ридски, охридски, производствен, водство; пред  ц во множинските наставки: очевидец очевидци, крадец – крадци; пред определениот член –та: заповед – заповедта, жед – жедта.
  3. Пред определениот член –та и кај други согласки: зоб – зобта, надеж – надежта, ‘рж – ‘ржта.
  4. Согласката г во следниве лексеми: бегство, другпат.
  5. Кај сложенките од типот: петгодишен, десетдневен итн.
  6. Во имиња од туѓо потекло: Вашингтон, Страсбург како и во придавките изведени од нив: страсбургшки, хабсбуршки.
  7. Во спој со сонанти: милослив, мирислив.

Звучните согласки на крајот од зборот се изговараат безвучно, но обезвучувањето не се бележи:  даб [dap], заб [zap], крв [krf], мраз [mras], бодеж [bodeš], брег [brek], праг [prak], нож [noš], воз [vos].

На спојот од две морфеми може да дојде до сраснување на две согласки во една (бестрастен, исече, расее) или до нивно удвојување (беззаконие, раззелени, бессилен, бессоница, оддел, оттаму, потта, пролетта, петте, најјак, осуммина, каллив).

Кај некои согласни групи може да дојде до испуштање на одделни согласки: лист – лисје, жалост – жалосно (по аналогија – жалосен), како и во некои стандардни форми  –устен – усна, местен – месна, пристаништен – пристанишна и др.

Поделбата на слогови се врши според општите правила за слогот, а посебните случаи се опфатени со дополнителни правила.

Досега се изработени 4 правописи:

1. Македонски правопис, изработен од Комисијата за јазик и правопис на Министерството за народна просвета, Скопје 1945.

2. Б.Конески и К.Тошев, Македонски правопис со правописен речник, Скопје 1950.

3. Б. Видоески, Т.Димитровски, К.Конески. К.Тошев и Р. Угринова-Скаловска, Правопис на македонскиот литературен јаик, Скопје 1969.

[Заб. на ред.:

4. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Правопис на македонскиот јазик, Скопје 2015.]

Гласовен систем

Гласовниот систем на македонскиот јазик се состои од 5 вокалски и 26 консонантски фонеми (консонантската фонема /р/ е претставена со два позициони алофони, консонантско [р] и слоготворно [р0]). Слоготворното [р0] се јавува и како носител на слог и затоа се нарекува и вокално р.

Слоготворното /р/ во македонскиот јазик се јавува во зборовите меѓу две согласки (дрво, крв, прст, срце, срп, црква и др.) и на почетокот од зборот ако по него следи согласка. Во вториот случај пред слоготворното /р/ стои апостроф (‘рбет, ‘рѓа, ‘рж, ‘рскавица, ‘рт и др.), како и во случаите кога во таквите зборови на почетокот стои префикс со самогласка (за’рѓа, за’ржи и др.). Во случаите со консонантски префикс слоготворното /р/ се пишува без апостроф ( сржи, срска, срти и др.).

Во изговорот на консонантското и вокалното /р/ нема квантитативни и интонациски разлики, а исто така нема редукција на неакцентираните вокали (освен кај еден дел од македонските дијалекти).

Во некои случаи меѓу два вокали во непосреден контакт се вметнува ј: меѓу и и а

вријам, змија; о и а бројам, боја; у  и  а – дујам, чујам; е и а – алеја, вејач; а и а  – бајач, замаја, залајал; и и о змијо, Маријо (вокатив) и др. При непосреден допир од три самогласки по правило двете последни се разделуваат со ј: знаеја, ткаеја, пееја, чуеја итн.

Вокалите во македонскиот јазик на фонолошко ниво се карактеризираат според положбата на јазикот (според Тополињска, 1995)

Во македонскиот стандарден јазик постојат следните 26 консонатски фонеми: /p/, /b/, /f/, /v/, /m/, /t/, /d/, /s/, /z/, /n/, /n‘/, /l/, /l‘/, /r/, /j/, /š/, /c/, /ȝ/, /č/, /ǯ/, /k/, /g/, /x/, /k‘/, /g‘/.  Речиси во сите случаи постои корелација меѓу безвучните и звучните согласки  (консонанти) со ист тип и место на артикулација [ p:b, f:v, t:d, k:g, s:z, c:ȝ, s:z, č:ǯ, ƙ:ǵ ]. Исклучок се сонантските фонеми /n/, /n‘/, /m/, /l/, /l‘/, /r/, /j/ и фонемата / х/. Корелација по палаталност образуваат само мал број фонеми: /n/, /n‘/, /l/, /l‘/; кон нив се приклучуваат и /k/; /k‘/ и  /g/; /g‘/ .

Карактеристични согласки (консонанти) за македонскиот јазик се: ѕ, џ, ќ, ѓ и л (љ). Согласката ѕ се јавува само во ограничен број зборови на почетокот од зборот пред самогласка (вокал) – (ѕевгар, ѕемне, ѕид, ѕирка), кај некои префиксирани зборови (изѕида, проѕирен, заѕуни), пред согласката в и во спој со сонантите р, н  (ѕвезда, ѕвер, ѕвечи, ганѕало, ѕенѕа, наѕре, ѕрцала). Согласката џ се јавува главно во зборови од туѓо потекло (пред сè турско) кои се позајмени во македонскиот јазик: џабе, џам, џем, џемпер, џигер, оџа; џентлмен. Се јавува и во суфиксите -џија, -џика, – џилница (казанџија, атерџика, бозаџилница). Со едначење по звучност ч пред звучна согласка преминува во џ (лиџба, нараџба, враџба); се јавува и во одделни други зборови (вџаши, џагор, џвака, џган) и др.

Изговорот на ќ, ѓ варира во македонските дијалекти од  смекнати к,г до ч,џ. Тие се јавуваат во голем број зборови (Божиќ, вреќа, куќа, леќа, ноќ, свеќа, сваќа, синоќа), во формите на збирната множина (бруќе, враќе, праќе, рабоќе), кај именки што означуваат жители (пироќанец, Египќанец, Тибеќанец, сплиќанец) и кај зборовите плаќа, праќа, испраќа; веѓа, лаѓа, преѓеска, ‘рѓа, туѓ, туѓина, луѓе, ливаѓе, ограѓе, охриѓанец, Швеѓанец. Овие фонеми се многу чести во зборови од турско и грчко потекло (ќаја, ќар, ќотек, ќофте, ќумур, спанаќ, ѓавол, ѓон, ѓубре  и др.). Според правописот пред е се пишуваат ќ, ѓ (ќебап, ќебе, ѓердан), а пред и се пишува к (кибрит, килим, кирија, Кирил, Зекир, Шакир).

Согласката љ /l‘/ се пишува и се изговара пред  а,о,у (љуби, љуби, љубов, Љуба), исто така и пред други самогласки (иљач, пљачка, Кољо, Суљо) и пред некои согласки (беља, биљбиљ, детаљ). Полумеко л [l‘] се изговара пред е,и и ј (леб, лето, ливада, лице, зел је, Биљана).Во сите други позиции се изговара л [l], но во некои дијалекти изговорот е помек [l‘].

Морфолошките алтернации во македонскиот јазик се предизвикани  од испуштањето на самогласките во определени позиции, на пример кај формите за машки род на некои придавки во споредба со формите за женски и среден род и за множина: жежок: жешка, тежок: тешка, лесен: лесно, при употреба на определениот член кај именките и броевите: туризам: туризмот, седум: седмиот.  Кај согласките исто така доаѓа до  алтернации, на пример т:ќ (брат: браќа, сват: сваќа), д:ѓ (Охрид: охриѓанец, ливада: ливаѓе).

Фонолошкиот систем на македонскиот јазик се одликува и преку помал број позициони алофони, преку отсуство на палатализација на согласките пред предните самогласки, преку отсуството на корелации по палаталност кај согласните фонеми, со помал број палатални согласки како и преку отсуство на впечатливи вокалски алофони во консонантски контекст (според САВИЦКА.И, СПАСОВ Љ., 1991).

Фонолошкиот систем на македонскиот јазик и неговите дистинктивни признаци може најдобро да се прикажат преку фонолошкиот дендрит според САВИЦКА и СПАСОВ (1991). (види Прилог).

Од историска гледна точка на македонскиот гласовен систем важни се следните промени: вокализација на редуцираните вокали ъ, ь во нагласена позиција во о,е ( тип: сънъ>сон, дьнь>ден, крај на 10 в.), дезанализација на назалните (носовките) ѫ, ѧ во a, e (тип: мѫка > мака, пѧть>пет, со некои исклучоци од типот сѫдъ>суд, (ѩ)>ја(ѩзꙑ́къ >јазик, 12-13 В.);  преминот на ы (у) >и (11-13 в.)(рыба >риба);  развојот на вокалните р, л (tъlt, tьlt, tlъt, tlьt),  во периодот 15-18 в. Доаѓа до развој на вокал +  l (tolt)полн, волк и до задржување на вокалниот призвук во trt (врв, ѓрб, срп, крв).

Во консонантскиот систем  најважни се следните промени: затврднувањето на меките согласки, загубата на епентетското l (земја), губењето на h (леб) и неговата замена во многу случаи со в (ухо>уво, виках>викав), промената на с, з, ш, ж, ч, ј пред деминутивните суфикси –че, –ца, со в: крст>крвче, маст>мавца, грозд>гровче, трошка>тровче и низа други промени во консонантските групи.

Акцент

Акцентот во македонскиот јазик е експираторен и динамичен и паѓа на третиот слог од крајот кај повеќесложните зборови (кај двосложните зборови соодветно на вториот слог од крајот). Од дијалектен аспект се работи за акцент од западномакедонски тип. Во источните и во јужните македонски дијалекти акцентот е подвижен и парадигматски.

Важна особина е што акцентот е постојан и во основа паѓа на третиот слог од крајот, што значи дека тој се преместува при промените на зборот со цел да го задржи местото на третиот слог (на пример при членувањето) и кај наставките (при образувањето множина). Исклучоци од ваквиот начин на акцентирање, односно акцент на вториот (претпоследниот) слог има кај глаголскиот прилог (читајќи, седејќи), кај прилозите  (годинáва = оваа година, зимáва = оваа зима, летóво = ова лето : годʹинава, зʹимава, лʹетово (членувани именки), кај постари  (апсáна, топáна, камбáна) и понови туѓи зборови (кантáта – музички термин – кáнтата – именката канта со член ) – клишé, решó, литератýра).

Важна одлика на македонскиот акцент е формирањето на акцентските целости:

  • – Именки, заменки, глаголи, глаголски прилог со кратки заменски форми: мáјка-ми, тáтко-ми, éве-го, éне-ја, донéси-го, донесетé-ми-ја, земáјќи-ги.
  •  заменски форми, сврзници и глаголски форми: тој му-рéче, рече оти-дóшол, кóј-виде?, штó-кажа?
  • Придавка и именка: киселó-млеко, цéл-живот, сувó-грозје.

Акцентот се преместува кај синтаксичките групи предлог+именка и предлог+заменка врз предлогот: бéз мене, сó него, óд дрво (пʹадна) : од д`рво (дрвен).

Акцентските промени и акцентските целости се проследени со низа особености кои бараат низа објаснувања и дополнителни истражувања.

Морфологија

Најважна карактеристика на современиот именски систем е загубата на деклинацијата и употребата на тројниот член со различни наставки.

Именките имаат категорија род, број и определеност. Има три рода: машки, женски и среден род. Именките од машки род најчесто завршуваат на согласка (брат, вар, ученик),  поретко на самогласка: (слуга, војвода, Никола), –о (татко, дедо, Трајко), е (вујче, Јане, Миле), именките од женски род главно завршуваат на –а (жена, мачка, Марија) или на согласка (пролет, вест, радост), именките во среден род завршуваат на –о (езеро, корито) или на  –е (море, пиле).

Кај некои именки постои колебање меѓу машки и женски род. Тоа колебање се одразува и и во употребата на членот: жарот – жарта, пепелот – пепелта, правот – правта. Проблематична е определбата на родот кај странските зборови со нетипични завршетоци за македонскиот јазик: интервју, жири и др., кај кои има колебање на родот меѓу машки и среден, иако се забележува преовладување на средниот род.

Во македонскиот јазик има два броја – еднина и множина. Најчеста наставка за множина кај именките од машки и од женски род е –и (мажи, жени). Во зависност од завршетокот на именките доаѓа до морфонолошки промени  (внук – внуци, патец – патци, Србин – Срби, Македонец – Македонци, скопјанец – скопјани, театар – театри и др.). Голем број едносложни именки образуваат множина на -ови, -еви (мост – мостови, нож – ножеви), како и некои двосложни именки (ветар – ветрови, оган – огнови и др.). Исклучок се именките од женски род рака – раце, нога – нозе и од машки род брат – браќа, човек – луѓе.

Именките од среден род на –о образуваат множина со наставката –а (села, вретена, крила, дрва, а некои именки имаат посебни форми око – очи, уво – уши, рамо – рамена, небо – неба  и небеса, чудо – чуда и чудеса  и др.).

Именките од среден род на –е образуваат множина во две групи. Именките со суфиксите –је, -ие, -це образуваат множина на –а (лозја, влијанија, лица), а сите други на –иња (име – имиња, море – мориња, прасе – прасиња); Исклучок е множината од дете –деца. Посебен начин на образување множина во македонскиот јазик е збирната множина која за машки род се образува со суфиксите ишта (рид – ридишта, куп – купишта, -је и -ја (сноп, снопје, лист – лисје, роб – робје/робја, рид – ридје, трва – тревје)  и во женски род со  -ќе, -ѓе (ливада – ливаѓе, брут – бруќе).

Во македонскиот јазик постои уште една, трета форма за образување множина кај именките. Тоа е таканаречената избројана множина. Оваа форма потекнува од старата двоина (дуал), но сега е ограничена  не само на тоа значење. Нејзината употреба е најчеста кај именките со бројот два (два, леба, два дена), но не се исклучени и комбинации со другите броеви (три јунака, десет бисера, сто дена, осумдесет реда итн.).

Кај некои именки ваквата форма за образување множина не е типична, а кај други е можна паралелна употреба на двете форми со што се овозможува стилистичко нијансирање. При употреба на атрибут во рамките на именската група се употребува обичната множина (видов пет млади војници). Од старите падежни форми кај именките од машки и женски род зачувани се формите на вокативот. Во машки род вокативот се образува со наставките или (брате – брату, Стојан – Стојане, маж – мажу, волк – волку итн.), а во женски род со наставките  –о или –е (невесто, душо, моме, Горице, Ратке, Веро итн.). Вокативот при обраќање сè поретко се употребува. Со ограничена фреквенција се и остатоците од генитивно-акузативната форма  од типот го видов Петрета, со татка си итн.

Придавките ги имаат истите категории како и именките и се согласуваат со нив во род, број и определеност (нов календар, нова книга, ново место; нови книги; новиот календар итн.). Описните (квалитативни) придавки можат да се степенуваат со помош на претставката по– (компаратив) и нај- (суперлатив) (понов – најнов). Форма на степенување може да се сретне и кај некои именки: помајстор, најмастор (КОНЕСКИ, 1967).

Именките и придавките можат да бидат определени со помош на три различни форми на член: -от (неутрална употреба), -ов ( релативна просторна близина со соговорникот) и -он (поголемо просторно растојание од соговорникот). Формите за женски род гласат -та, -ва, -на, за среден род -то, -во, -но и за множина кај машкиот и женскиот род –те, -ве, -не, а за среден род во множината имаат форми идентични со формите за женски род во еднина: -та, -ва, -на.

 Слично како придавките се однесуваат и присвојните заменски придавки мој, моја, мое, мои; твој, наш, –а, –е, –и; ваш, негов, –а, –о, –и; нејзин, –а,о, –и; нивни, –а, –о; понатаму квалитативните заменски придавки: таков, ваков, онаков, инаков, секаков, некаков, никаков, толкав, олкав, онолкав, прашалните каков, колкав и др.; тука спаѓаат и сиот, сета, сето, сите, сам, –а, –о, –и, друг, –а, –о, –и  итн.

Личните заменки во македонскиот јазик разликуваат долга и кратка форма за старите акузативни и дативни форми (удвоени форми): 1. лице – јас, мене ме, мене ми; ние, нас нѐ, нам ни; 2. лице – ти, тебе те, тебе ти; вие, вас ве, вам ви; 3. лице – тој/тоа, него го, нему му; таа, неа ја, нејзе ѝ; тие, нив ги, ним ѝм.  Вакви форми има и повратната заменка себе се, себе си (може да се сретне и себеси се, себеси си).

Лично-предметните заменки се: кој, која, кое, кои; чиј, чија, чие, чии, што; некој, никој, секој, нешто, сешто, ништо;кој било, кој да е, кој-годе, што било, што да е,што- годе. Заменката кој има посебни форми за стариот акузатив:кого го и датив: кому му.

 Показните заменки разликуваат тројни форми како и кај членот: тој, таа, тоа, тие итн.;овој, оваа, ова, овие  итн.; оној, онаа, она, оние итн.

Кај броевите бројот еден има посебни форми според родот и за множина: еден, една, едно, едни (синоним со некој). Вакви форми има и бројот  два (м.р.) и две( ж., ср. р.  мн.:две деца, две жени.  Броевите во атрибутивна позиција може да бидат определени со постпозитивен член (двете деца, двете жени).

Македонскиот глаголски систем во својот историски развој има многу помалку промени во однос на именскиот систем. Тој ги има категориите лице, број, време, начин, залог и вид. Најважна историска промена е загубата на инфинитивот и затоа 3.л.едн. на сегашното време се зема како основна форма на глаголот. Според вокалот на кој завршува основната форма на глаголите тие се делат на три групи: а-група, е-група и и-група.

Наставките за 1 л.едн. и за 3 л. мн. во сегашното време во македонскиот јазик се генерализирани.  Промената на глаголите во сегашно време се разликува според  вокалот во 3 л. едн.

 чита   
едн.1. л.читамјадамседам
 2. л.читашјадешседиш
 3. л.читајадеседи
мн.1. л.читамејадемеседиме
 2. л.читатејадетеседите
 3. л.читаатјадатседат

Сегашното време се образува од несвршените глаголи, а идното време  од несвршените и од свршените глаголи. Идното време се образува од формите за сегашно време  + партикулата ќе (ќе одам, ќе одиш итн.).

Помошниот глагол сум во сегашно време ги има следните форми: сум, си, е, сме, сте, се. Идното време се образува од ќе + сум или ќе + биде: ќе +  бидам, бидеш, биде, бидеме, бидете, бидат).

Во минатите времиња има повеќе промени (конјугации) на глаголите. Во минатото определено несвршено време (имперфект) има две глаголски групи, т.е. а-група, а двете групи е-група и и-група се обединуваат во една е-група:

пишуваспиестои
   
пишувавспиевстоев
пишувашеспиешестоеше
пишувашеспиешестоеше
пишувавмеспиевместоевме
пишувавшеспиевтестоевте
пишувааспиејастоеја

            Помошниот глагол сум во формите на имперфектот ги има следниве форми: бев, беше, беше, бевме, бевте, беа.

За образување на формите на минатото определено свршено време (аорист) се користат свршените глаголи, а за минатото определено несвршено време (имперфект) се употребуваат несвршените глаголи. Глаголите во аористот се делат во раздели (подгрупи) според нивниот основен вокал: Во а-групата нема раздели напишав, напиша (2 и 3 л.едн.), напишавме, напишавте, напишаа. Глаголите од и-група се делат на три раздели (и-раздел, е-раздел и а-раздел):

научиоздравиизброи
   
научивоздравевизбројав
научиоздравеизброја
научиоздравеизброја
научивмеоздравевмеизбројавме
научивтеоздравевтеизбројавте
научија  оздравеа  избројаа

Кај глаголите од е-група се разликуваат 4 раздела: -а,-е, -о и –ø (без основен вокал):

викнезапреречеиспи
    
викнавзапреврековиспив
викназапревречеиспи
викназапревречеиспи
викнавмезапревмерековмеиспивме
викнавтезапревтерековтеиспивте
викнаазапреарекоаиспија

Интересни се можностите во определени ситуации (иако во денешно време не се многу продуктивни) да се образува имперфект од свршени глаголи (да ми дадеше) и аорист од несвршени глаголи (доста пивме; те фатив – мисли му!).

Минатото неопределено време (перфект) се образува и од несвршени и од свршени глаголи. Неговото основно значење според кое се разликува од  определените минати времиња (аорист и имперфект) е временската неопределеност во минатото и категоријата прекажаност ( дејствието за кое се зборува не е засведочено, т.е. за него е слушнато од друг извор), со што македонскиот јазик заедно со бугарскиот се разликува од другите словенски јазици. Перфектот се образува со помошниот глагол сум + л-формата од несвршен или свршен глагол:

1.л.јас сум +  пишувал/напишал/ -а, -оние сме + пишувале/ напишале
2.л.ти си + пишувал/напишал/ -а, -овие сте + пишувале/ напишале
3.л.тој, таа, тоа ø + пишувал/напишал/ -а, -отие ø + пишувале/ напишале

За разлика од бугарскиот јазик во македонскиот јазик отсуствува формата за 3 л.  во еднината и во множината од помошниот глагол сум.

Македонскиот јазик има и други временски форми: предминатото време (плусквамперфект) се образува од имперфективните форми на глаголот сум: бев, беше, бевме, бевте, беа + л форма; минато-идно време се образува со партикулата ќе +имперфективните форми на соодветниот глагол – ќе одев, одеше итн., негираните форми се образуваат само со негацијата не(не ќе одев, не ќе одеше итн. или со немаше да + сегашно време (немаше да одам, немаше да одиш итн.); идното прекажано време се образува со партикулата ќе + перфект (сум, си, ø, сме, сте, ø + имперфективна л-форма, при негација со немало + да + форма на глаголот во сегашно време (немало да оди, немало да одиш…) или се образува само со негацијата  не пред потврдната форма (не ќе одел итн.).

Карактеристично за македонскиот јазик е развивањето на паралелен конјугациски систем со има, нема + глаголска именка во среден род (перифрастичен перфект):

имам, имаш, има, имаме…  јадено, копано, пишувано
имав, имаше, имавме…-//-
сум, си,  ø + имал-//-
сме, сте, ø + имале-//-
беше сум (си) имал, сме (сте) имале…-//-
ќе имам, ќе имаш, ќе има…-//-
ќе имав, ќе имаше…-//-
ќе сум (си) имал, ќе сме (сте) имале-//-
би (сум) имал, би (сме) имале-//-

Овие форми се доминантни во разговорната форма на западномакедонските дијалекти и оттаму се проширени и во македонскиот стандарден јазик. Основен признак на овие форми е резултативноста.

За изразување можност во македонскиот јазик по правило се употребува  можниот начин (потенцијал) – би сакал да кажам, би рекол дека Вие имате право итн. Но и со формите на минато-идно време може да се изрази истата функција. За изразување на иреален услов се употребува минато-идно времеќе работеше како инженер, ако не беше распреден да биде бригадир.

Имперфектот главно се образува за 2 л. едн. и мн. Најчесто   императивот се образува прилично едноставно. Вообичаените форми за 2 л. еднина и множина се: пиј – пијте, викај – викајте, себе – седете. Покрај овие форми има можности и за императвни форми за 1 л. множина со да+ сегашно време:  да одиме и за 3 л. еднина и множина со нека + сегашно време: нека оди, нека одат.

Во современиот македонски јазик нема партиципи како во старословенскиот јазик. Од стариот активен партицип презент веќе во 13 век настанал глаголскиот прилог со кој се искажува истовремено случување на две дејствија (одејќи падна, читајќи заспа). Од другите партиципи денес се употребува само пасивниот партицип перфект – глаголска придавка, која ги има следниве наставки за род и број: -на, -но, -ни, -та, -то, -ти: најаден, изброен, беган, шетан, паднат, станат итн. Стариот л-партицип (активен партицип перфект) преминал во денешната л-форма. Од другите партиципи  останати се само остатоци во форма на придавки: бивш, лаком, питом и др. Во македонскиот јазик постои уште и формата на  супстантивизиран глагол – глаголска именка, која се образува од несвршени глаголи со наставката –ње (учење, викање, спиење, ткаење). Некои стандардни форми на свршени глаголи образуваат глаголски именки со наставката –ние: издание, решение итн. Во употребата на глаголските именки се забележува влијание од балканскиот јазичен простор (мајстор е за работење, за тоа треба учење).

За македонскиот јазик важни се уште и категориите повратност (рефлексивност), залог и преодност (транзитивност). Категоријата преодност овозможува  глаголот да формира реченична конструкција со директен објект. Постои и можност и за употреба на непреодни глаголи со директен објект (ме умреа од смеење, ги качувам скалите за пет минути).

Синтакса

Од синтаксички аспект во македонскиот јазик поради загубата на падежниот систем посебен статус добива редот на зборовите. Но тоа сепак не значи дека се исклучени можностите за варијации и тие се користат во стилистички контекст.

Вообичаениот ред на зборовите во реченицата е според шемата: подмет (субјект) – прирок (предикат) – предмет (објект)  кај преодните глаголи и подмет – прирок кај непреодните (GOLOMB, 1965): Петре купи книга и Петре оди.

Специфичност на македонскиот јазик е удвојувањео на директниот (Akkusativ-Objekt) и индиректниот (Dativ-Objekt) објект со кратките форми на личните заменки. Од посебна важност е непроменливата позиција на личните заменки пред глаголот. Во ситуациите кога глаголот е во императив или глаголски прилог личните заменки одат по глаголот со тоа што распоредот на личните заменки е ист како и кога се тие пред глаголот. Индиректниот предмет секогаш стои пред директниот предмет – во декларативните реченици распоредот е: подмет (Ѕ) + дативна форма на личната заменка (D) +  акузативна форма на л.зам. (A) + прирок (P) + директен предмет (A-Objekt) + индиректен предмет (D-Objekt (Петре му ја купи книгата на синот); во извичните реченици: P + D + A + A-Objekt + D-Objekt (Купи му ја книгата на синот!).

Директниот предмет секогаш се удвојува кога е искажан со определена именка или именска група (определени со член или показна заменка), со лично име или долга форма на лична заменка (Петре ја купи книгата/ оваа книга, Петре ја виде Марија/неа).

Индиректниот предмет се удвојува  кога е искажан со членувана именка или именска група (му даде пари на дедото), со именка или именска група со показна заменка (му даде пари на ова дете), со лично име (ѝ даде писмо на Марија), со долга форма на лична заменка (ми даде писмо мене) или со именки за роднинско сродство придружени со кратка заменска форма (ѝ дадов писмо на ќерка ми). Употребата на индиректниот предмет е почеста отколку на директниот предмет и е во висок степен граматикализирана. За центар на оваа иновација, во голема мера на балканско ниво, се сметаат западномакедонските дијалекти (CYHUN, 1981).

Лексика

Зборовниот состав на македонскиот јазик е главно од словенско потекло. Во текот на својот историски развој тој е пополнуван со зборови од грчкиот јазик (главно во областа на религијата), од турскиот јазик (има околу 3000 турцизми од кои еден дел се веќе застарени и заборавени), од соседните балкански јазици (од словенско и од несловенско потекло), како и од географски подалечни јазици како што се рускиот, францускиот, италијанскиот, германскиот и англискиот јазик преку директни или индиректни позајмувања. Во лексичкиот состав на македонскиот јазик има низа интернационализми како што е случај и во други јазици. Во денешно време се чувствува влијанието главно на англискиот јазик,  кој преку говорот на младите навлегува во сферите на музиката, уметноста, културата, компјутерската техника, модата итн.

            Лексичкиот фонд на македонскиот јазик досега е прикажан во следните речници:

1. Речник на македонскиот јазик, Т. ДИМИТРОВСКИ, Б.КОРУБИН и Т. СТАМАТОСКИ со околу 65.000 зборови;

2. Обратен речник;

3. Речник на македонската народна поезија

4. Правопис на македонскиот литературен јазик;

5. Речник на странски зборови.

[Заб. на ред.:

6. Толковен речник на македонскиот јазик во 6 тома, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Скопје 2003 – 2014 (околу 100.000 зборови).

7. Толковен речник на современиот македонски јазик, З.Мургоски, Филолошки факултет „Блаже Конески“ Скопје 2011.]

Како и цела низа од двојазични речници со различен број зборови.

Дијалектологија

Во македонскиот јазик се разликуваат три големи дијалектни групи (наречја): западномакедоско, источномакедонско и северномакедонско наречје. Групата северномакедонски дијалекти е процентуално најмала. Граничната линија на овие говори (северномакедонските) поминува северно од линијата Тетово – Скопје – Свети Николе – Злетово со градовите Куманово, Кратово, Крива Паланка и Пробиштип сè до границата со српските дијалекти.

Поголемиот дел од македонската јазична територија  е поделен меѓу западната и источната дијалектна група. Границата меѓу нив оди по реките Пчиња, Вардар и Црна. Во југоисточниот дел меѓу градот Корча (Албанија) и Преспанското Езеро и Островското Езеро (Грција) се костурско-леринските преодни говори. Во рамките на западномакедонските дијалекти лежат градовите Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Струга, Кичево, Дебар и Гостивар. На исток од реките Пчиња и Вардар и јужно од реката Црна се наоѓа групата на источномакедонските дијалекти расположени во источниот дел на Република Македонија (Штип, Струмица, Кавадарци, Дојран, Гевгелија), Пиринска Македонија и егејските дијалекти источно од Островското Езеро со градовите Воден (Edessa), Ениџе Вардар (Giannitsa), Кукуш  (Kilkis), Сер (Seres), Драма и др.

Главните дистинктивни признаци на западната и источната дијалектна група се:

  1. Западномакедонските дијалекти имаат фиксиран акцент на третиот слог од крајот, додека кај источните тој е слободен, подвижен, парадигматски и има граматичка функција.
  2. Во јужните и југоисточните дијалекти неакцентираните самогласки се редуцираат (вокалниот систем во неакцентирана позиција има три вокали).
  3.  Во источните дијалекти се употребува интервокално в, кое во западномакедонските дијалекти се испушта: јавор, говедар – јаор, гојдар итн.
  4.   Определеноста на именките во западномакедонските дијалекти разликува три форми на –т, -в, -н, а во источните се употребуваат само  форми на –т.
  5. Западните дијалекти имаат зачувани повеќе елементи од падежниот систем на заменките (мене ми, вам ви, нејзе ѝ, нему му  и др.),  кај личните имиња на согласка зачувани се формите (Стојана, Петрета) и нивните дативни форми (Стојану, Маркоту ), додека истите односи во источните дијалекти се искажуваат со предлогот на (на Стојан, на татко му, на мене, на нас итн.).
  6. За западните дијалекти се карактеристични конструкциите со има, нема + глаголска придавка во ср.род (имам чуено, имав работено и др.) и конструкциите со помошниот глагол  сум + глаголска придавка од преоден глагол (е дојден, беше дојден итн.). Овие конструкции не се познати во источните говори.
  7. Удвојувањето на предметот за западните дијалекти е редовна појава, додека кај источните се јавува само спорадично.

Во целина меѓу македонските дијалекти од западната и од источната група има разлики во 30 точки од кои 13 се фонетски, а останатите се од морфосинтаксичка природа. Нивната диференцијација започнува во 12 век и околу 17 век настанале денешните македонски дијалекти. Центарот на западномакедонската дијалектна група (Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Кичево) ја формира основата на современиот македонски стандарден јазик.

Историја на македонскиот јазик

Во историјата на македонскиот јазик покрај мисијата на светите браќа Кирил и Методиј во Моравија најзначаен момент е враќањето на  Климент и Наум во IX век во Охрид и основањето на книжевната школа со центар во Охрид. Веќе во тоа време се кристализирани и првите разлики во старословенската писменост во споредба со центарот во Преслав (Бугарија). Периодот 11-12 век ја обележува македонската варијанта на црковнословенскиот јазик од една страна  со многу елементи од секојдневниот живот и од друга страна со отстапувања од канонскиот период. Следниот период до 14 в. е под знакот на коегзистенција на македонската и српска варијанта врз основа на заедничкиот живот под српска власт.

Условна јазична граница се поставува во 15 в. кога се претпоставува настанувањето на словенските јазични модели. Во  таа временска рамка се вградени и елементите на балканизацијата така што од 15 в. македонскиот јазик станува аналитичен и го прима балканскиот модел. При преведувањето на таканаречените дамаскини во 16 в. доаѓа до одлучувачки процес со внесување на народниот јазик во писмениот јазик.  Во 18 в. доаѓа од една страна  до навлегување на руски црковни книги и преку нив на руската варијанта на црковнословенскиот јазик, а од друга страна има силно грчко влијание во Југозападна Македонија обележано со употреба на грчката азбука во македонските текстови.

Во 19 в. отпечатени се книгите на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ на народен јазик. Тенденцијата народниот јазик да се вклучува во црковнословенските текстови и во школите се чувствува и во дејноста на личностите како Теодосија Синаитски, Партенија Зографски, Венијамин Мачуковски, Кузман Шапкарев, Ѓорѓија Пулевски и други.

Кај сите нив со време превладува идејата дека македонскиот народ е посебен народ со сопствен јазик. За таа цел отпечатени се голем број учебници и други трудови (граматики).

Во областа на литературата од тоа време дејствуваат поетите Константин и Димитар Миладинов, Рајко Жинзифов, Григор Прличев и други.

Стремежот кон самостоен литературен јазик го достигнува својот врв со издавањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков во 1903 г., која се смета за основа на македонскиот литературен јазик врз  базата на дијалектите од централната област на Велес, Прилеп, Битола и Охрид.

Во периодот меѓу двете светски војни објавени се неколку книги на македонски јазик – драмите од В. Иљоски, Р. Крле, А. Шопов и поезија од К. Рацин, К. Неделковски и други.

На 2 август 1944 г. на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) македонскиот јазик е прогласен официјално за национален јазик на Македонците. На 3 мај 1945 г. законски е утврдена македонската азбука, а на 7 јуни 1945 г. и македонскиот правопис.

Важни моменти во развојот на македонскиот јазик без двоумење се издавањето на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески во 1952 г. (првиот дел) и во 1953 г. (вториот дел), „Речник на македонскиот јазик“ во три тома (1961 – 1966) и „Историја на македонскиот јазик“ (1965) од Блаже Конески.

За развојот на македонскиот јазик покрај Блаже Конески голем придонес имаат во голема мерка Б. Видоески, Б. Корубин, Т. Стаматоски, Т. Димитровски, Р. Угринова-Скаловска, О. Јашар-Настева, К. Тошев, Р. Паноска, К. Конески и повеќе помлади лингвисти.

Скратеници

A – акузатив, D – датив, P – предикат (пририок), S – субјект (подмет).

Литература

Bray, R. de: Guide to the Slavonic Languages, London 1951.

Видоески, Б.: Основни дијалекти и групи во Македонија. Македонски јазик XI-XII.кн. 1-2, Скопје 1960/61, стр. 13-31 + 3 карти.

– Македонските дијалекти во светлината на лингвистичката географија. Македонски јазик XII-XIV, кн. 1-2, Скопје, 1962/63, стр. 87-107 + 8 карти.

– Акцентските системи во македонските дијалекти. Литературен збор VII, бр. 3, Скопје 1970, стр. 1-11.

– Фонолошки описи на македонските говори. АНУБиX, посебна издања, кн. LV, Сарајево 1981, стр. 627-822.

– Акцентските системи во македонските дијалекти во Грција (Егејска Македонија) и јужна Албанија. Македонски јазик XXXVI-XXXVII, Скопје 1986, стр. 19-45.

Friedman, V.: The Grammatical Categories of the Macedonian Indicative. Slavica Publishers, Columbus 1977.

Голомб, З. (=Z. Gołąb): Синтаксичка конотација. Македонски јазик, XVI, Скопје 1965, стр. 91-100.

Јашар-Настева, О.: Македонските калки од турскиот јазик. Македонски јазик XIII-XIV,кн. 1-2, стр. 109-172.

Конески, Б.: Граматика на македонскиот литературен јазик. Скопје 1966, 552.

– Историја на македонскиот јазик, Култура, Скопје 1962, стр. 239.

– Македонскиот XIX век – Јазични и книжевно-историски прикази, Култура, Скопје 1986, стр. 304.

Конески, К.: Зборообразувањето во современиот македонски јазик, Скопје 1995, стр. 188

Корубин, Б.: Јазикот на Крсте П. Мисирков, Скопје 1956.

– Јазикот наш денешен I. Скопје 1969, II,Скопје 1976, III, Скопје 1980, IV, Скопје 1986.

– На македонскограматички теми, Скопје 1990.

– Македонски историосоциолингвистички теми, Скопје 1994, стр. 259.

Lunt, H.G.: A Grammar of the Macedonian Literary Language. Skopje 1952.

Марков, Б.: Образувањето на придавките во македонскиот јазик. Скопје 1988, стр. 170.

Mazon, A. et Vaillant, A.: L’ evangeliaire de Kulahia, un parler slave du Bas-Vardar, Paris 1938.

Mareš, F. V.: Makedonska gramatika, Skopje 1994, str. 86.

Минова-Ѓуркова, Љ.: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје 1994, стр. 313.

Oblak, V.: Macedonische Studien. Wien 1896.

Обратен речник на македонскиот јазик. Составувач В. Миличиќ. Институт за македонски јазик, Скопје 1967.

Паноска, Р.: Современ македонски јазик. Скопје 1987, стр. 261.

Савицка, И.: Спасов, Љ.: Фонологија на македонскиот стандарден јазик. Скопје 1991.

Стаматоски, Т.: Македонска ономастика. Скопје 1990, стр. 336.

Станковски, Љ.: Речник на личните имиња кај Македонците. Скопје 1992, стр. 480.

Тополињска, З.: (=Z. Topolińska) Граматика на именската фраза во македонскиот литературен јазик, МАНУ, Скопје 1974

– Студии од македонско-бугарската јазична конфронтазија. Скопје 1996.

– Zarys gramatyki języka macedońskiego, Kraków 1995, str. 70.

Topolińska, Z., Vidoeski, B.: Polski-Macedoński : Gramatyka konfrontatywna, I., Ossolineum, Wrocław 1984

Угринова-Скаловска, Р.: Јазикот на црковнословенската писменост во Македонија. Литературен збор XVI, I, 1969, стр. 13-19.

Усикова, Р. П.:Македонский язык, Скопје 1985.

Цыxун, Г.: Типологические проблемы балканославянского языкового ареала. Минск 1981.

Чашуле, И.: Синтакса на македонската глаголска именка. Скопје 1989.

За авторот

Проф. д-р Максим Каранфиловски

Максим Каранфиловски е роден 1948 година во Скопје, каде што на Филозофскиот факултет во 1971 година дипломирал на групата за руски јазик и книжевност, а во 1973 година и на групата за македонски јазик. Магистрирал во Белград, а докторирал во 1992 година.

Бил професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а во 2008 година е промовиран за почесен професор на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“. Претседател на Македонскиот славистички комитет од 2011 до 2022 година, а по пензионирањето, покрај другото, преведува и современа руска книжевност. Д-р Каранфиловски бил директор на Меѓународниот cеминар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, Република Македонија во периодот 1994-1996, 2001-2005 и 2009-2013 година. Во 2019 година биле објавени две негови книги: „Македонистика и славистика“ и „Полско-македонски разговорник“, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Добитник на највисоката награда за македонистика ,,Воздејства“ за 2024 година.

Со љубезна дозвола на авторот и издавачот

„Прирачникот за југоисточноевропска лингвистика“ (Handbuch der Südosteuropa-Linguistik), издаден од Уве Хинрихс во 1999 г.