Интервју со Љенче Николовски – прва македонска претставничка во Советот на странци во Висбаден

На изборите на странци во градот Висбаден, кои се одржаа на 14-ти mарт 2021 г., Љенче Николовски, кандидатка за меѓукултурнaта женска листа, се пласирашe во официјалниот состав на Советот и ги застапува правата и интересите на странците во Советот на странци во главниот град на сојузната покраина Хесен.

Голем поздрав до Вас и благодарност што прифативте интервју со нас. Пред сé, дали ќе може да ѝ се претставете на македонската заедница во Германија?

Љенче Николовски: Добар ден, како прво Ви благодарам што ме контактиравте. Огромна чест и задоволство ми е што присуствувам на Вашето интервју.

Јас се викам Љенче Николовски, родена сум на 08.03.1983 година во Струмица, Македонија. Во Германија живеам од 2007 година. Омажена сум и мајка на две прекрасни керќи. По професија сум дипломиран социјален педагог и работам во основно училиште во Висбаден.

Главната причина за овој интервју е вашиот избор во Советот на странци на градот Висбаден. Кој се вашите причини да се кандидирате на едни вакви посебни избори?

Љенче Николовски: Од моето доаѓање во Германија веднаш се поврзав со повеќе меѓународни сојузи каде што се разменуваат мислења и искуства на луѓето со миграциона историја. Многу се интересирав за законите и правилата овде во Германија. Како и на кој начин се снаоѓаат „странците“ во новата средина. Кои проблематики ги имаат луѓто кои се новодојдени, а кои проблематики ги имаат оние кои се подолго време во Германија. Од таа причина се решив да аплицирам за пракса во службата за имиграција и интеграција. Таму стекнав големо знаење и искуство, за да можам да се вклучам во самиот процес на интеграција на народите од балканските земји. Во 2011 година почнав да работам како интеграционен асистент во Висбаден. Како јазичен и културен посредник за луѓето од нашиот крај Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Бугарија се мотивирав и сакав да се ангажирам уште повеќе да можам да им бидам од корист и на сите други кои бараат совет и помош.

Какo изгледа работата на Советот на странци во градот Висбаден, колку членови брои, и колку време е неговиот мандат?

Љенче Николовски: Советот на странци е официјално застапување на странското население во комуната. Советот на странци во Висбаден има советодавна функција т.е ги советува органите на градот во сите аспекти, каде што има население со миграционо потекло и ги застапува интересите на населението со миграционо потекло во Висбаден. Вкупно се избрани 31 советници во советот на странци во Март 2021. Мегу нив и јас сум избрана, како прва и единствена жена Македонка во советот на странци во Висбаден, Затоа сум премногу благодарна на сите кои го дадоа својот глас за мене и ми дадоа огромна поддршка за време на изборите. Мандатот трае 5 години.  Работата во советото на странци е доста интересна и разновидна. Советoт за странци, прв од ваков вид, кој беше основан пред 50 години, со текот на времето се промени од советодавно тело во тело кое дејствува политички. На пример, претседателот има постојано седиште и право да зборува во градскиот совет. Oдборите морат да го слушнат Советот за странци за прашања што ги засегаат странските жители. Од 2020 година, Cоветот исто така може да поднесува молби директно до градскиот парламент. Дополнително, Cоветот одлучува за распределба на средства до 52.000 евра годишно на здруженија на мигранти.

Кој се условите за пријавување на ваков избор и дали имате некоја препорака или совет за тие кои би сакале во иднина да се кандидираат?

Љенче Николовски: Секој кој има 18 години и живее подолго од 3 месеци во една комуна може да се кандидира за таа функција. Мотивацијата и желба за помагање се подразбира. Правото на глас го има секој кој што не поседува германски пасош. Избрани можат да бидат само тие кои што имаат германски пасоши, но не можаат да гласат во советот на странци.

Што е досега заработувано, а дали има некој проект за Македонки/Македонци во овој град?

Љенче Николовски: Проект нема остварено поради моменталната ситуација со пандемијата, поради која многу работи не можат да се реализираат истовремено. Сепак, најголемиот меѓукултурен фестивал во Визбаден се враќа во соработка со градот по двегодишна пауза за Корона во септември на Шлосплац. Овој популарен меѓународен летен фестивал со фолклорни ора и кулинарски специјалитети од здруженијата на мигранти се организира од Советот на странци уште од 1976 година.

Дали имаaт Македонците во Висбаден свој клуб?

Љенче Николовски:  Македонците во Висбаден сеуште немаат свој спортски или културен клуб, значи воопшто немаат место за средби. Мојата цел и желба е секако да ги сплотам Македонците во Висбаден. Да направиме една мрежа од сплотени Македонци кои се поддржуваат и поттикнуваат меѓусебно за заеднички живот. Би сакала да основаме место за средби на нашиот народ, каде што ќе се негува македонската традиција и култура. Меѓутоа сакам да напоменам дека и народите од соседните земји се од големо значење за опстанок и заеднички соживот.

Кој се проблемите во секојдневие на новодојдените Македонци?

Љенче Николовски: Адаптацијата би рекла. Нашиот народ има поразличен менталитет од германскиот. Условите за живеење овде се поразлични од условите за живеење во Македонија. Животот во странство е поврзан со многу носталгија, гризи и емоционалност за своето родно огниште и семејство во татковината. За многу новодојдени Македонци тоа е причина за нецелосно прилагодување во новата животна средина. Исто така германскиот јазик како голема бариера и потешкотија за новодојдените Македонци мора да се спомна.

Дали соработуваaт Македонците од првата или втората генерација со новодојдените?

Љенче Николовски: Би требало да соработуваат. Тоа зависи и од карактерот на поединци. Помладата генерација има помалку бариери и препреки за дружење, затоа што во денешно време барем е лесно. Дигитално се остваруваат контакти, познанства, се шират мрежи од секаков вид на социјалните мрежи и на тој начин се поврзуваат и соработуваат. Постарата генерација профитира од помладата, така што сите на еден начин се поврзани. Само обврските и времето колку дозволуваат за соработка, е знак прашањетo.

Според Вас, кои се најважните теми на Македонците во Висбаден?

Љенче Николовски: Тоа се обединување на семејството или приклучување кон други членови на семејството а и аплицирање за работа, признавање на дипломите во Германија.

Кој се вашите лични цели и желби?

Љенче Николовски: Мојата цел е да се ангажирам за луѓето против нееднакво однесување и дискриминирање на народите. Дискриминација и расизмот не смеат да имаат место никаде. Никој не смее да биде обесправен заради бојата на кожата, религијата или потеклото. Сакам да се ангажирам за образовни можности, за интеграција во градинките и училиштата.

A дали некогаш сте почувствувале или доживеале дискриминација?

Љенче Николовски: Искрено ви кажувам дека никогаш не сум почувствувала дискриминација овде во Германија. Сé зависи од однесувањето и постапувањето во ова општество. Доколку ние постапуваме правилно, ги почитуваме германските закони и правила и се однесуваме коректно, нема да бидеме дискриминирани со сигурност.

За крај Ви посакуваме многу успешни проекти и здравје на сите пратеници, Ви благодариме, ни беше чест

Љенче Николовски: Уште еднаш Ви се заблагодарувам на поканата да присуствувам во интервјуто. Чест и задовослтво ми беше да се претставам како советничка на советот за странци во Висбаден. Мојот успех се должи на поддршката што ми ја дадоа сите кои гласаа за мене. А посебно сакам да се заблагодарам на мојата фамилија која целосно ме поддржува во секоја моја одлука и ми ја дава целата сила да продолжам цврсто во мојата политичка кариера.