Германија им оддаде почит на жртвите на нацизмот

Комеморација на холокаустот во Бундестагот

Германскиот канцелар Олаф Шолц потсети на историската одговорност на Германија за убиството на милиони Евреи во нацистичката ера, за време на комеморациите за жртвите во неговата земја.

„Страдањето на 6 милиони невино убиени Евреи не смее да се заборави, како ни страдањето на преживеаните“, порача Шолц.

Комеморации за жртвите на Холокаустот во петокот се одржаа ширум Германија. Во парламентот се обрати преживеаната од Холокаустот Розете Кац.

Претседателката на Бундестагот Бeрбел Бас го отвори настанот на кој присуствуваше и сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Комеморациите годинава се фокусирани на луѓето кои биле прогонувани од нацистите поради својата сексуална ориентација или идентитет. 

„Се сеќаваме на сите луѓе кои беа прогонувани од Националсоцијалистите- ограбени, понижени, маргинализирани, измачувани и убиени“, порача Бас.

Германија официјално го чествува Денот на сеќавање на Холокаустот, годишнината од ослободувањето на Аушвиц, од 1996 година со церемонија во Бундестагот и со комеморации ширум земјата. 

На 27 јануари 1945 година, војници на Црвената армија ги ослободија преживеаните затвореници во концентрациониот логор Аушвиц и од другите логори во окупирана Полска. Нацистите во него убиле повеќе од еден милион луѓе, повеќето Евреи.

Историска одговорност 

Во Министерството за надворешни работи на Република Македонија денеска беше одбележан Меѓународниот ден во спомен на жртвите на Холокаустот. Настанот почна со една минута молк во знак на почит кон жртвите што настрадаа само затоа што беа Евреи.

Ужасот од Холокаустот нè потсетува на одговорноста да градиме демократски општества. Наша цивилизациска одговорност е да градиме свет во којшто има место за сите, порача македонскиот државен врв

Милионите жртви и ужасот од Холокаустот нè потсетуваат на нашата заедничка историска одговорност да градиме демократски општества во кои антисемитизмот, антициганизмот и расизмот никогаш нема да се повторат, борбата против сите облици на дискриминација е од особено значење, вели претседателот Стево Пендаровски.

„Само со постојана борба против сите облици на дискриминација можеме да обезбедиме почитување на различностите и на човековите права и слободи на секој поединец“, додава претседателот. 

„Евреите ја платија најголемата цена на злосторничката нацистичката идеологија. Таа нивна победа над програмираното и системски спроведувано зло е и наша победа, победа на целото човештво. Таа победа е и предупредување: никогаш, никому и никаде повеќе! И, затоа, 27 јануари е датум длабоко врежан во нашата меморија. Но, не само да остане меморија, туку да биде и завет за иднината“, рече Османи.

Тој истакна дека сеќавањето, образованието и развивањето на вистинските хумани вредности на меѓусебна почит, уважување и толеранција се особено важни за превенирање оваа зло никогаш повеќе, никаде и никому да не му се повтори.

Ужасот од Холокаустот нè потсетува на одговорноста да градиме демократски општества

Република Македонија, горда на своето мултиетничко и мултикултурно општество, каде што секој граѓанин се чувствува свој на своето, независно од неговото име, потекло, јазик или вера, го чува и ќе го чува споменот на Холокаустот, на 6-те милиони убиени Евреи, меѓу кои и 7.144 наши сограѓани, кои особено ќе ги споменеме повторно и на 11 март, на 80-годишнината од нивната депортација во Треблинка, истакна министерот Османи.