ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИТОЛА: ГРАДОНАЧАЛНИКОТ Д-Р КОЊАНОВСКИ И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЦЕНТРАЛНИОТ СОВЕТ Г-ДИН КЛЕНКОСКИ ОБЕДИНЕТИ ЗА МОДЕРНИЗАЦИЈА И ПРОМОЦИЈА НА БИТОЛА ВО ГЕРМАНИЈА
Битола, 9 септември 2026 година – Денес во просториите на Општината се одржа официјална работна средба помеѓу градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, и г-дин Роберт Кленкоски, претседател на Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.). Средбата, која помина во исклучително срдечна атмосфера, ја потврди и нивната претходна пријателска релација, што овозможи директен, отворен и високопродуктивен дијалог насочен кон градење на долгорочно стратешко партнерство.
На почетокот на средбата, градоначалникот д-р Коњановски детално го информираше раководството на Централниот совет за моменталната состојба, капацитетите и постоечките ресурси во Општината. Посебно беа истакнати тековните потенцијали на Индустриската зона „Жабени“, како и улогата на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО), со неговите клучни образовни столбови како Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) и Техничкиот факултет, кои секоја година продуцираат висококвалификуван стручен кадар.
Дијалог за нови иновативни теми и чиста технологија
По анализата на состојбите, градоначалникот Коњановски и претседателот Роберт Кленкоски заеднички го отворија дијалогот за воведување нови, радикално поиновативни теми кои соодветствуваат со современите европски трендови. Беше разгледана стратегијата за идна трансформација на Битола во модерен ИТ-центар и хаб за чиста еколошка технологија (CleanTech), насочена кон привлекување германски компании од ИКТ-секторот и секторот за обновливи извори на енергија. Преку својата мрежа во СР Германија, Централниот совет ќе дејствува како официјален амбасадор за промоција на битолскиот софтверски и инженерски потенцијал пред германски инвеститори.
Брзите шалтери како поддршка за дијаспората и поттик за враќање дома
Во фокусот на разговорите беше иницијативата за воведување на ЕУ-модел за „One-Stop-Shop“ канцеларии со брзи административни услуги. Оваа иницијатива беше официјално доставена до градоначалникот со цел Општината да понуди достапни и брзи дополнителни комерцијални услуги за иселениците.
Овие „брзи шалтери“ драстично ќе им ги олеснат обврските на иселениците кои доаѓаат во летните и зимските сезонски месеци — без разлика дали станува збор за плаќање даноци или вадење нови лични документи. Наместо да го губат драгоценото време во чекање пред шалтери и ходници, целта е да им се овозможи повеќе време да ја запознаат својата татковина, да го видат нејзиниот напредок и непречено да уживаат на Широк Сокак и убавините на Пелистер.
Преку оваа дебирократизација, Советот сака да испрати силна порака до иселениците: времето брзо тече, а развојот поврзан со вистинската животна радост дома е сепак подобар од далечните земји. Ова треба да ги поттикне нашите сограѓани да размислат дали е веќе дојдено времето да се вратат во својата татковина или похрабро да инвестираат во својот роден крај.
Меѓународно поврзување како дополнителна вредност
Како дополнителна вредност на оваа соработка, д-р Коњановски и г-дин Кленкоски ја разгледаа возможноста за иницирање официјална процедура за збратимување на Битола со соодветен еквивалентен град од СР Германија, што дополнително ќе го олесни трансферот на знаење и заеднички образовни програми во ИКТ-секторот.
Заеднички заклучок за идниот развој на градот
По исцрпниот разговор, двете страни дојдоа до дециден заклучок дека токму овие иновативни предлози се клучот што му е потребен на градот за модерен урбан и економски развој. Градоначалникот Коњановски нагласи дека Општината во иднина сè повеќе ќе се залага и ќе ги става овие приоритети во фокусот на локалната стратегија. Г-дин Роберт Кленкоски изрази длабока почит за конструктивноста на градоначалникот, нотирајќи дека ваквиот висок професионализам позитивно кореспондира со претходните искуства во другите општини. Во таа насока, двете страни дадоа цврста заложба дека во иднина интензивно ќе ги развиваат директните контакти и ќе ја засилат меѓусебната размена на идеи и соработки.
Контакт за медиуми:
Централен Совет на Македонците во Германија / Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.
Mühlenstr. 8a, D-14167 Berlin
Тел.: (+49) 030/6098296-0
Е-пошта: info@zentralratdermakedonen.de
Интернет: www.zentralratdermakedonen.de
