Успеси на ФК “Вардар” од Зинделфинген – ретроспектива 1987

Извадок од „Македонија“ – илустрирано списание на матицата на иселениците од Македонија

Број 407 – 1987 г.

Успеси на ФК “Вардар” од Зинделфинген

Фудбалскиот клуб “Вардар” од Зинделфинген, Западна Германија, повеќе од десет години е носител на спортскиот и културниот живот во овој град. Освен тоа, тој е и вистински мост на соработка меѓу татковината и нас, привремено вработените во оваа европска земја. Како спортска екипа, ФК “Вардар” има значајна улога во развивањето и зачувувањето на братството и единството на југословенските народи народности, зашто во него членуваат спортисти од цела Југославија. Освен тоа, вратите клубот се отворени и за спортисти од други националности од светот. Соработуваме и со други клубови од околните места, а посебно со Клубот на Југословените од Штутгарт и со новооснованиот клуб “Македонија” од овој град.

Тимот на ФК “Вардар” од Зинделфинген

Од постоењето на клубот ФК “Вардар” се натпреваруваме во Втората југолига, каде постигнуваме убави резултати. За нас, нејзините фудбалери и членови на управата,е голема сатисфакција што сме насекаде добро примени и што важиме за фер екипа и добри другари.

Учествуваме на повеќе турнири, а сами сме организатори на спортски натпревари како во мал така и во голем футбал. Освен тоа нашите културни приредби во чест на нашите културни приредби во чест на нашите национални празници секогаш се добро подготвени и со симпатија примени и во германската средина. Веќе се традиционални нашиот турнир по повод 25 Мај, пикникот во чест на Илинден, прославата во чест на 11 Октомври, како и големата другарска вечер со приредба во чест на 29 Ноември. Голема поддршка имаме од нашиот главен покровител – Стопанската банка од Скопје и извонреден пријател и соработник во Реџеп Рамадани, нејзиниот претставник во Штутгарт.

Како успешна спортска екипа имаме ретка радост и можност да гостуваме во нашата татковина : бевме гости во СР Македонија и СР Србија. Тој престој ќе ни остане во трајно сеќавање, како по резултатите што ги постигнавме, така и по убавата атмосфера, другарство и пријателство што нѐ следеше за време на целиот наш престој во татковината.

Членовите на ФК “Вардар” и на КУД “Раде Кончар” пред споменикот “Илинден” во Крушево при една посета на Републиката

Можеме да се пофалиме дека досега сме биле домаќини на повеќе друштва и групи од татковината, меѓу кои на КУД “Кузман Јосифовски-Питу” од Гевгелија, КУД “Браќа Минковци” од село Куклис, ФК “Турија” од село Турново, Струмичко и МКУД “25 Мај” од Куманово.

Нашата соработка на спортско и културно-просветно поле во иднина ќе биде уште поголема, а нашите резултати на спортско поле уште подобри.

Срдечни поздрави од сите нас, од Зинделфинген

Киро Златков, претседател на ФК “Вардар” (известувач)

Насловна страна на “Македонија“ – илустрираното списание на матицата на иселениците од Македонија

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*