Денес светот го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари, воспоставен и прогласен од Обединетите Нации и УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година.
Во 2000 година Меѓународниот ден на мајчиниот јазик -21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување. Според статистиката, во последните три века драматично се намалил бројот на јазици, особено на американскиот и австралискиот континент. Околу 200 земји се пред предизвикот да ги зачуваат „малите” јазици и да се погрижат тие да се употребуваат заедно со светските јазици. Покрај Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, на 26 септември се одбележува и Денот на европските јазици. Во 1998 година стапи во сила Европската повелба за заштита на регионалните и малцинските јазици со која, исто така, се потенцира лингвистичката разновидност и повеќејазичноста.
Централниот совет на Македонците во Германија по повод Меѓународен ден на мајчиниот јазик упатува честитка до македонската заедница и до македонските граѓани во Сојузна Република Германија, како и до сите Македонци ширум светот.
Особено во овие денови кога сѐ поагресивно и сѐ поотворено се негира и оспорува постоење на македонскиот јазик од држави-членки на ЕУ, Централниот совет на Македонците во Германија сака да го истакне значењето на образованието на мајчин јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонско потекло во Албанија, Грција и Бугарија значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите македонски народни и културни традиции.