Во полскиот град Полице на 19 ноември 2026 година, беше откриен првиот споменик во Полска посветен на децата бегалци од Егејска Македонија кои не се вратија во родните краишта, туку го поминаа животот во Полска и таму починаа. Споменикот е дело на Петро Алексовски и е подигнат со поддршка на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Споменикот беше подигнат по иницијатива на претседателот на Сенатот и претседател на Светскиот конгрес на Македонците во Полска, Петро Алексовски, син на Мито Клавчов, македонско дете бегалец од Грција. Споменикот го открија градоначалникот на Полице, Кристијан Ковалевски, и амбасадорот на Македонија во Полска, Јасмин Ќахил. Тој е еден од трите споменици што се предвидени да бидат поставени во полските градови што ги згрижиле децата бегалци од Егејска Македонија.
Во своите обраќања, амбасадорот Ќахил, градоначалникот Ковалевски и Петро Алексовски, му се заблагодарија на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ). Тие нагласија дека без поддршката на Фондот проектот немало да се реализира за толку кратко време.
„Судбината на децата бегалци од Егејска Македонија, откорнати од своите огништа, природно се преплетува со историската меморија на еврејскиот народ и на сите оние кои го преживеале прогонот и загубата на домот. Затоа беше природно да помогнеме“, истакна директорот на ФХЕМ, Горан Садикаријо.
Со поддршката за подигање на споменикот, Фондот придонесува за зачувување на сеќавањето на децата бегалци и на солидарноста на полските градови што ги згрижиле.
Централниот совет на Македонците во Германија со длабока почит и емоции го поздравува откривањето на првиот споменик во полскиот град Полице, посветен на децата бегалци од Егејска Македонија кои по егзодусот во 1948 година никогаш не се вратија во своите родни огништа.
Овој чин на сеќавање претставува силен симбол на хуманоста, солидарноста и нераскинливата врска на македонскиот народ со својата историја, без разлика каде во светот нè однеле животните патишта. Изразуваме огромна благодарност до полскиот народ, локалните власти во Полице, иницијаторите, коавторот Петро Алексовски, како и до Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија за несебичната поддршка во реализацијата на ова историско обележје.
Во име на македонската заедница во Германија ја споделуваме тагата за изгубеното детство на илјадниците прогонети деца, но и гордоста што нивната жртва и животна приказна добиваат трајно место во европската култура на сеќавање.
Нека овој споменик, како и наредните што се планираат во Полска, бидат вечен потсетник за важноста на мирот, човековите права и зачувувањето на македонскиот идентитет низ генерациите!
