5 мај – Денот на македонскиот јазик

Денот на македонскиот јазик е усвоен како своевиден празничен ден во 2019 година, во чест на 5 мај 1945 година, кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

На 2 август 1944-та година, делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај наредната година усвоена е македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издигнал на ниво на државен јазик.

Првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на државата, со АСНОМ во 1944 година.

Иако одлуката за азбуката како официјално писмо, всушност, е донесена на 3 мај 1945, денот на нејзиното објавување e на 5 мај 1945 година во весникот „Нова Македонија“ , бидејќи во тоа време не постоел службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. По предлог на Советот за македонски јазик, во 2019 година 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик.

– Одлуката за прогласување Ден на македонскиот јазик е донесена врз основа на едногласниот предлог на Советот за македонски јазик, како своевиден одговор на потребата која се чувствуваше во општеството за еден ваков ден. Во многу европски земји постои Ден на националните јазици. Македонскиот јазик, освен што е официјален јазик во државата, тој уште има и обединувачка улога во македонското мултиетничко општеството и претставува јазик на кој комуницираат и се разбираат граѓаните од различни етнички заедници, на кои македонскиот можеби и не им е мајчин јазик. Како Совет за македонски јазик, кога предложивме одбележување на Денот на македонскиот јазик, сакавме во него да се препознае и континуитетот на словенската писменост на почвата на Македонија, која се развивала од 9 век, се негувала и од која низ вековите се создала традиција што е темелот на денешниот стандарден македонски јазик. Ова не ја одрекува писменоста на соседните словенски народи, но ја покажува и посебноста на македонскиот јазик – вели универзитетскиот професор, македонистот Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.
Кога се говори за важноста на македонскиот јазик во изразувањето на македонскиот национален идентитет, тие две категории се нераскинливо поврзани. Тоа особено доаѓа до израз во последниве години, кога сѐ посилно доаѓаат до израз загрозувања и негации од (надворешно)политички карактер, како на македонскиот национален идентитет така и на македонскиот јазик. Всушност и кодификаторот на современиот стандарден македонски јазик, Блаже Конески, постојано потсетуваше дека „македонскиот јазик е најголемото приближување до идеалната татковина“.

Процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, според некои три, и не се согласиле сите одеднаш.

„Конески бил најупорниот за овој тип на азбука, затоа што сметал дека најдобро ја одразува реалноста, вистинитоста на македонскиот изговор и на македонскиот правопис кој доаѓа подоцна. Конески тоа го докажува со пишувањето на Граматиката на македонскиот литературен јазик, првиот и вториот дел во 1952 и во 1953, а во периодот од 1961 до 1966 година следува издавањето на тритомниот Речник и со тоа се заокружува процесот на стандардизирањето. Во сите три акции Блаже Конески е човекот локомотива“, рече проф. Људмил Спасов од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и претседател на Советот за македонски јазик.

– Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина – напиша Блаже Конески, како своевиден завет за чување на македонскиот јазик.

Во таа смисла, постоењето на Денот на македонскиот јазик означува и еден начин на почитување и одржување на заветот на Конески. Сепак, лингвистите истакнуваат дека во одбележувањето на овој ден мора да се одбележи и „дијалектичкото единство со Денот на словенската писменост“.
– Секој начин на изразување почит на македонскиот јазик заслужува поддршка и во таа смисла го поздравувам постоењето на Денот на македонскиот јазик. Сепак, би сакал овој ден да се сфати во дијалектичко единство со 24 Мај, Денот на словенската писменост, никако како негова противречност. Само на таков начин може да се изрази посебноста на современиот македонски јазик, но и заедничкото општословенско јазично и книжевно наследство во кое нашиот јазик има значајна улога и место. Овие два празника, 5 Мај и 24 Мај, треба да бидат празници близнаци – вели лингвистот Игор Радев.

Македонскиот јазик и македонскиот народ се нераскинлив дел oд македонскиот национален идентитет

Во однос на поврзаноста на јазикот и националниот идентитет, Игор Радев наведува дека во светот постојат повеќе модели, т.е. концепти. Но во случајот на македонскиот јазик и народ, тие се нераскинливо, дури и семантички хомоними.

– Кога говориме за важноста на јазикот во формирањето и изразувањето на националниот идентитет, добро е да се знае дека во старословенскиот јазик (од кој потекнува и македонскиот) зборот „јазик“ истовремено означува и „јазик“ и „народ“, односно се идентификуваат и јазичната и етнографската заедница. Денес во светот постојат нации со силно изразен национален идентитет, но кои говорат на туѓ јазик (Ирците). Постојат и народи што си го изгубиле јазикот, па си го обновиле по повеќе од два милениума, како Евреите во државата Израел… Но македонскиот јазик и македонскиот народ постојано низ вековите се нераскинливи компоненти на македонскиот национален идентитет – вели Игор Радев.
За важноста и улогата на јазикот во животот на луѓето и опстојувањето на општеството има многубројна научна литература и мноштво искажани мисли и пораки. Секоја од нив на свој начин ги доловува и доближува големата мисија и огромното значење што јазикот ги има за секоја индивидуа, народ или држава.
Го бараме и го добиваме како природна потреба кога ќе почувствуваме дека сакаме да му го дадеме својот глас, да го означиме своето постоење на светот што нѐ опкружува – и близок и далечен. Живееме со чувството дека јазикот е нешто што природно ни припаѓа, дека е неизбежен елемент во градењето на личната, а подоцна и на колективната слобода. Како што созреваме, сфаќаме дека, всушност, ние му припаѓаме на јазикот, кој во најголема мера го одредува нашиот идентитет. Во таа насока, токму грижата и негувањето на посебноста на македонскиот јазик треба да бидат и да останат наша најголема обврска и мисија. Или, како што велат, сѐ додека постои и се говори убавиот македонски јазик ќе постојат и македонскиот народ и македонската држава. Ако успеал досега да опстои низ вековите, тогаш македонскиот јазик и македонскиот народ ќе опстојат и во иднина, сѐ до вечноста.

извор: Нова Македонија