Пред споменикот на Св. Методиј во Елванген

По повод одбележувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, сакаме да ви претставиме трудот на проф. Ѓорѓи Лазаревски, објавено во зборникот на трудови од меѓународната научна конференција ” Минатото на јазичниот свет – денес и утре”, одржана на 15-16 ноември 2017 г. во рамките на “Отворените денови” во Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков” во Скопје, Република Македонија.

Tрудот “Пред споменикот на Св. Методиј во Елванген” на проф. Ѓорѓи Лазаревски

Апстракт: Во трудот се изнесени содржини за градот Елванген во Германија, градот во кој бил затворен Св. Методиј со неговите ученици во далечната 870 година. Времето кога престојувал во затворот е одамна поминато, но престојот на Св. Методиј во Елванген оставил неизбришливи траги за човештвото, а посебно за граѓаните на овој град. Увидувајќи ја големината на ликот и делото на Св. Методиј, граѓаните на овој град, во знак на спомен, поставиле спомен-плоча на една зграда од манастирскиот комплекс каде престојувал Св. Методиј. Плочата е поставена непосредно до прозорецот со решетки од затворската келија. На спомен-плочата е напишана вистината за неговиот престој во овој град. Местото каде што се наоѓа споменикот е именувано како „Методиев плоштад“, а улицата што води од центарот на градот до споменикот е именувана како „Методиева улица“. Граѓаните на Елванген го избрале Св. Методиј за свој светец заштитник на градот од невреме и од елементарни непогоди. На 1 јуни 1996 година, со сите државнички и верски почести од Република Македонија, со дозвола на германските власти, е поставена спомен-плоча од Репблика Македонија. На споменикот се наоѓа и спомен-плоча од Бугарија. Пред споменикот на Св. Методиј во Елванген со свои литературни творби настапиле броји поети и научни дејци од Македонија. Германците со особена почит се однесуваат кон ликот и делото на овој голем словенски просветител и рамноапостол.

Градот Елвавген (Ellwagen) се наоѓа во Јужна Германија во покраината Баден Виртемберг. Од Штутгарт е оддалечен околу 100 км на патниот правец Штутгарт – Нирнберг. Неговите координати се: 48 степени и 58 минути северна географска ширина, и 10 степени и 8 минути источна географска должина. Градот се наоѓа на надморска височина од 440 метри. Според податоците, населението во 2011 година изнесувало 24 600 жители, а површината на градот изнесува 127,45 км квадратни.
Градот Елванген се протега на двете страни на реката Јагст, која тече од југ кон север.
Почнал да се развива во VII век како германска населба на француско-германската граница. Во 764 год. францускиот благородник Хариолф и бискупот на Лангр, го основале бенедиктанскиот манастир на ридот од населбата. Манастирот е споменат во документ на Лудвиг Побожниот во 814 год. Најголема знаменитост на градот е неговиот средновековен центар со црквите, особено базиликата. Добро позната е барокната црква Шененберг, како и замокот, кои се наоѓаат на блиските ридови. Елванген е збратимен град со градот Лангр во Франција и градот Абјатеграсо (близу до Милано) во Италија. Од центарот на градот Елванген до плоштадот „Свети Методиј“ води „Методиевата улица“, каде се ноѓаат делови од манастирскиот комплекс. Во овие простории, според преданието, во 870 година бил затворен Св. Методиј со неговите ученици кои се враќале од Рим на патот за Моравија. Бил уапсен од Ерманриќ – бискупот на Пасау. Според пресудата на Бискупскиот суд во Регензбург, овде е задржан словенскиот апостол Св. Методиј. Бил заворен до 873 година. По интервенција на папата Јован VIII бил ослободен во 873 година. Времето поминато во затворот било тешко за затворениците, но оставило неизбршливи траги во животот на граѓаните на овој град. Поминало многу време, но трагите не биле избришани.

Споменикот на Св. Методиј во Елванген

На ова место на „Св. Методиевиот плоштад“ во Елванген, каде што многу години се собираме, се движел Св. Методиј Солунски Чудотворец, кој со своите ученици хрaбро го ширел словенското писмо. Тоа е жива наша црковна и национална македонска историја. Пред овој споменик не се поклонувале само Македонците, Србите, Бугарите, Русите (или дуги со словенско потекло), напротив, огромна почит покажале најпрво домаќините, граѓаните на Елванген, кои со огромна почит го овековечиле  неговото присуство во Елванген.
На зградата, од германските власти, е поставена спомен-плоча со следната содржина:

VERURTEILUNG DES HL. METHODIUS 870.
DURCH EIN BISCHOFSGERICHT IN REGENSBURG UNTER
KÖNIG LUDWIG DEM DEUTSCHEN NACH DER ÜBERLIEFERUNG
WURDE DER SLAVENAPOSTEL IN ELLWANGEN GEFANGENGEHALTEN

Cпомен-плоча поставена од германските власти

Преводот на оваа содржина е:

ОД СТРАНА НА БИСКУПСКИОТ СУД ВО РЕГЕНЗБУРГ Е ОСУДЕН
СВЕТИ МЕТОДИЈА ВО 870 ГОДИНА ЗА ВРЕМЕ НА КРАЛОТ ЛУДВИГ
ГЕРМАНСКИ. СПОРЕД ПРЕДАНИЕТО СЛОВЕНСКИОТ АПОСТОЛ
ЛЕЖЕЛ ВО ЗАТВОРОТ ВО ЕЛВАНГЕН

Покрај оваа спомен-плоча, се поставени уште две спомен-плочи: една од Бугарија и една од Македонија. Нешто подоцна е поставена и трета спомен-плoча. На 1 јуни 1996 година е поставена спомен-плоча (триделна, десно до германската плоча) со следната содржина:

СО ПОЧИТ И ВЕЧНА БЛАГОДАРНОСТ КОН НАШИОТ ПРОСВЕТИТЕЛ И
ХРИСТИЈАНСКИ МИСИОНЕР, РАМНОАПОСТОЛ СВ. МЕТОДИЈ
ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Cпомен-плоча од Репблика Македонија

Истиот текст, подолу на плочата, е преведен на германски јазик. Во градот Елванген и во околните градови: Ален, Гајлдорф и другите, живеат одреден број семејства што потекнуваат од Македонија. Во одреден период, во спомнатите градови имавме училиште за дополнителна настава на македонски мајчин јазик. Наставата ја изведуваа следните наставници од Македонија: Трпко Матовски од Тетово, Јоше Спасески од Кичево и Ѓорѓи Лазаревски (1987–1995) од Битола и други. Покрај наставата со учениците, зарем можевме да не го забележиме споменикот на Св. Методиј и да го посетиме во Елванген? Зарем можевме да не го одбележиме „Денот на нашите просветители Кирил и Методиј?“ Зарем можевме таму да бидеме со години и да се правиме како ништо да не видовме, а да си ја гледаме само нашата „службена“ работа?
Од страна на родителите, поради непознавање на историските факти, ни беше забележано за нашите посети на овој споменик, бидејќи порано Бугарите беше поставиле своја спомен-плоча напишана на бугарски јазик. Годините во кои работев како учител во Германија (1987–1995) се карактеризираа со бројни настани поврзани со распаѓањето на заедничката држава Југославија и мноштво негативни настани поврзани со тоа како: непризнавање на македонскиот јазик, нација, црква и што ли уште не!

Колкаво лицемерие се прави и покрај многу докази за постоењето на македонскиот народ, јазик и култура. Немам намера да влегувам во полемика со креаторите на бројни лаги и невистини, но ќе изнесам само неколку факти:

Во весникот „Македонска нација“ од 9 август 2017 год. од авторот Тихомир Каранфилов го прочитав прилогот: „Еден македонски речник од XVI век“ (Un lexique macedonien du XVI Siecle) од познатите слависти Андре Вајан (Andre Vaillant) и Чиро Џанели (Ciro Giannelli), објавен во 1958 год. Се работи за неколку песни, зборови и реченици од секојдневниот говор на костурчаните (Егејска Македонија), кој ги запишал протосингелот Силвестер, кој патувајќи од Ерусалим за Рим, минувал низ Македонија. Тоа е еден од најраните манускрипти напишан на чист македонски јазик. Повеќе од 300 зборови се запишани со грчки букви. Некои зборови и фрази останале непроменети со векови. Текстовите од овој речник ја демонстрираат силата на македонскиот јазик, кој се зачувал и покрај сите обиди за асимилација.

“Еден македонски речник од XVI век“ од познатите слависти Андре Вајан и Чиро Џанели, објавен во 1958 г.

Во грчкиот весник „Нова зора“ бр. 55 од месец ноември 2014 година на стр. 7 е објавен прилог под наслов: „Ах овие неписмените Американци“. Во прилогот е објавен статистички извештај за пристигнатите емигранти во Америка во 1899 година и јазикот на кој зборуваат емигрантите. Емигрантите што пристигнале од Грција зборувале грчки или македонски јазик, емигрантите од Бугарија – бугарски или македонски, емигрантите од европскиот дел на Турција зборувале македонски, влашки или еврејски јазик. Авторот прашува: Зарем Американците не знаеле дека македонскиот јазик е „вештачки создаден“ од Тито 50 години подоцна?
Слично нешто забележал и американскиот новинар Херберт Кори во 1917 година, осум месеци по битката на Кајмакчалан. Новинарот објавил семејна фотографија од една свадба во село Добровени (едно од селата под Кајмакчалан). Меѓу другото, новинарот се интересирал и за националната припадност на жителите за да разбере дали се Срби или Бугари? Се изненадил од пркосниот одговор на една стара жена која му рекла „ни Бугарка ни Србинка, јас сум Македонка и ми е смачено од војни“ (The National Geographic magazine, 1917).

National Geographic Magazine
Volume 31, Number 5, May 1917
On the Monastir Road by Herbert Corey

Македонските учители, верни следбеници на делото на Кирил и Методиј, како просветители во Германија за нашите граѓани, во ова бурно време за нашата држава и нација, бевме исправени пред бројни искушенија. На многу средби, на разни нивоа низ Германија, бевме напаѓани од грчката пропаганда со сите средства. Морам да признам дека имавме изградено углед и чест кај германските власти, особено во областа на образованието и на локалната управа. Тие секогаш беа на наша страна, но ние моравме со факти да се докажуваме, како пред германската јавност, така и пред сите присутни на теренот каде имавме свои училишта, како во градовите: Штутгарт, Еслинген, Леонберг, Улм, Гаилдорф, Ален, Фајнген-Енц, Синделфинген, Беблинген и на други места.

Како најдобар одговор на нападите, за тоа време, сметавме дека е најдобро празникот на словенските просветители да го одбележиме според нашиот календар, 24 мај, но тоа мораше да биде најавено кај градоначалникот на Елванген и да се добие дозвола од него. Во нашата програма, пред споменикот на Св. Методиј, беше предвидено да се чита поезија на македонски и германски јазик, но и да има и на другите јазици како: српски, италијански, турски, ирански и други. Сакајќи да ја претставиме поезијата на својот јазик, пред аудиториумот на Германците, тоа го правевме на тој начин што песните ги презентиравме, освен на мајчиниот македонски и на германски јазик. Во овој поглед посебно ми помогна збирката песни „Бели мугри“ од Кочо Рацин во која песните се препеани и на германски јазик.  Здружението „Радник и пјесник у туђини“ од Штутгарт беше голема моторна сила за литературното творештво на сите јазици и нивно презентирање во јавноста. Секој поет или писател својата нова книга ја промовираше преку ова Здружение. На многу од овие промоции лично присуствував, а на дел од нив бев и промотор. Освен Срби, во ова Здружение членуваа поети што потекнуваа од Македонија, а живеат во Германија како: Љубомир Лозановски, Вера Танчева, Васил Пецуровски, Костадин Костадиновски и други.

Одбележувањето на 24 мај – Денот на словенските просветители, вообичаено го славевме два дена. Првиот ден, обично во сабота попладне, во македонскиот клуб „Вардар“ од Синделфинген организиравме поетска средба на која, вообичаено, покрај поети од Македонија, учествуваа и поети Срби, Германци, Иранци, Италијанци и од други националности. Наредниот ден, скоро со истото сценарио, поетските средби ги одржувавме пред споменикот на Св. Методиј во Елванген. Задолжително беа канети, а и редовно беа присутни: градоначалникот на Елванген, претставник на Козулатот од Штутгарт и други видни луѓе. Наредната година, Манифестацијата ја прошривме со тоа што беа воспоставени мостови на соработка со Друштвото на писателите од Македонија и Струшкиот фестивал на поезијата во Струга. Па така, вообичаено, каневме поети од Македонија, кои со своите творби настапуваа на овие поетски манифестации во Синделфинген и наредниот ден пред споменикот на Св. Методиј во Елванген. На крилата на поетите, членови на ова или она здружение, секогаш носталгични, нашиот човек за час ќе се пресели во цветните полиња и ливади на својот роден крај, житните полиња на својот крај, го слуша жуборењето на потокот, го чувствува мирисот на четинарите, планините, бистрите езера, прекрасните полиња и долини…
Ја воздигнува љубовта и слободата на говорот и гледа во иднината. Свртените погледи кон иднината нѐ тераат на заедничко дружење, разменување на мисли и градење на мостови на пријателство и соработка. Водени од таа мисла, под покровителство на македонските клубови „Вардар“ од Синделфинген и „Македонија“ од Штутгарт, а во соработка со Македонското научно друштво (порано ДНУ) од Битола и тогашните легални југословенски и германски власти, во градот Синделфинген беа организирани поетски средби во месец мај секоја година, почнувајќи од 1989 година. На овие поетски средби, вообичаено беше да има по еден или двајца поети од Македонија, кои се претставуваа со по неколку песна на македонски и германски јазик. Покрај поети од Македонија, на овие поетски манифестации настапуваа и поети од Србија и другите ЈУ-простори.

Секоја поетска манифестација започнуваше со песната „Т’га за југ“ од Константин Миладинов, прво на македонски, а потоа на германски јазик, што редовно беше придружена со музичка поткрепа. Потоа беа претставувани поетите од Македонија. Овие поетски манифестации ги водев јас и мојот ценет помлад колега Јоше Спасески од Кичево. Преку овие поетски манифестации, во кратки црти, ја претставуваме нашата татковина Република Македонија и Струшкиот фестивал на поезијата. Покрај македонските учители, на овие манифестации имавме и многу солидни преведувачи, кои симултано преведуваа на германски јазик.
По својата суштина Струшкиот фестивал на поезијата претставува едно големо поетско братство што се остварува на бреговите на Охридското Езеро. Таму се рефлектираат светлите патишта по кои оди зборот на поетот и човештвото. Тој е отворен за творечки и културен дијалог, секогаш отворен за иднината на човекот и светот, зошто иднината беше и останува единствена цел на поетите и нивната поезија. Добитниците на „Златниот венец“ создаваат своевидна антологија на современата светска поезија. На брегот на Охридското Езеро, односно од неговиот влив во реката Црни Дрим, на чиј мост се среќаваат поети од целиот свет, изречени се бројни пораки како: песната е културна димензија на верувањето за себе и во себе; поетот е мисионер на љубовта, песната е најранливиот леб за човекот да не биде гладен, (јас би додал) за убава мисла да не биде страден и други.
На нашите поетски манифестации во градот Синделфинген, покрај учеството на поети од Македонија, задолжително го претставуваме и ликот и творештвото на еден од добитниците на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Од тие автори вообичаено читавме по две песни на германски и на македонски јазик. За оваа пригода особено беа претставени поетите: Ханс Магнус Енцензбергер од Германија, Јанис Рицос од Грција, Миодраг Павловиќ од Србија, Блаже Конески од Македонија, Пабло Неруда од Чиле, Никита Станеску од Романија, Фазил Хисни Дагларџа од Турција и бројни други поети. Песните на добитниците на „Златниот венец“ ги рецитиравме ние македонските учители, а нивните препеви на германски јазик ги рецитираа преведувачите или други погодни личности.

На манифестацијата одржана пред споменикот на Св. Методиј настапиле бројни поети, како Македонци исто така и Срби и многу други. Сите заедно со должна почит кон ликот и делото на Свети Методиј. Чувствувам за потреба да го истакнам и фактот дека и Германците имаат особена почит кон ликот и делото на Св. Методиј. Со името на Св. Методиј е именуван плоштадот каде се наоѓа споменикот и истото име го носи и улицата што од центарот на градот води до овој споменик на културата. Граѓаните на градот Елванген Св. Методиј го прогласиле за свој светец заштитник. На поетските манифестации во градот Синделфинген и пред споменикот на Св. Методиј, почнувајќи од 1989 година настапија бројни поети од Македонија, како што се: Перо Миленкоски, Ристо Јачев, Светлана Христова Јоциќ, Панде Манојлов, Видое Подгорец, Зорица Наумовска, Ксенија Костова, Разме Кумбаровски, Мирче Клечкаровски и други. На овие средби, незаборавен е настапот и на нашите поети Неда и Алексо Лозановски од Канада, а по потекло од Македонија. Нивниот настап пред овој незаборавен аудиториум беше во 1994 година. На овие средби настапија и бројни научни работници од Битола: проф. д-р Трајко Огненовски, проф. д-р Сотир Пановски, м-р Симеон Цветановски, Илија Алушевски, Ѓорѓи Танковски, Томе Трајковски и други. Научни работници од Германија кои настапија прод споменикот на Св. Методиј се: д-р Еберле, познат историчар од Елванген, д-р Ханс Хелмут Дитрих, градоначалник на Елванген и д-р Ханс Букс, заменик на градоначалникот на Елванген.
Во управата на Македонскиот клуб „Вардар“ од Синделфинген беше формирана посебен одбор „Пријатели на Струшките вечери на поезијата“, кој се грижеше за целокупната организација на манифестацијата. Членови на овој одбор, покрај македонските учители и активисти од клубот беше и поетот Реља Лукиќ – претседател на здружението „Радник и пјесник у туђини“ од Штутгарт, инаку Србин. Беа воспоставени врски на соработка со поетска Струга. Така во 1990 година, од Германија, учесници на Струшките вечери на поезијата беа поетите: Реља Лукиќ и Вера Танчева (еден Србин и една Македонка). Како резултат на тесната соработка помеѓу македонските и учителите од другите националности (Германци, Срби, Хрвати, Турци, Италијанци) се роди збирката на детски песни „Ѕвездени патеки“ (Auf dem Pfad der Sterne), печатена во Битола во 1993 година во 1 000 примероци. Покрај песните на македонски јазик, во неа се претставени и песни на: српски, хрватски, германски, италијански и турски јазик. Најголемиот број примероци од оваа книга ги разделивме во училиштата каде што работевме и бројните институции во повеќе градови низ Германија. Секоја детска песна е претставена во својот оригинал со препев на македонски и на германски јазик. Целата збирка е поделена на три делови: „Пораки“, „Зборот што цвета“ и „Мостови“. Во првиот дел „Пораки“ се поместени пораките од: д-р Димитар Бајалџиев, тогашен министер за образование на Република Македонија, Видое Подгорец, Панде Манојлов, Вера Танчева, македонските учители: Ѓорѓи Лазаревски и Јоше Спасески, Низаметин Асим (на турски јазик) од Битола и Вера Танчева. Секоја порака си има своја убавина. Во вториот дел на оваа збирка „Зборот што цвета“ се застапени повеќе творби од три ученички на македонски јазик со препев на германски јазик.

Во третиот дел „Мостови“ се застапени творби од 41 ученик на повеќе јазици. Од нив 10 ученици се Срби, а изборот на нивните творби и лекторирањето го изврши нивната српска учителка Даница Тодоровиќ. Песните на другите јазици се лекторирани од познати професори во својата струка. Така како лектори на одредени песни се забележани: на германски јазик Петра Пригл, на италијански Ана Пикарди, на хрватски Анте Сабљак и на турски јазик Низаметин Асим. Останале бројни спомени од овие поетски средби во Германија. Секоја средба има своја убавина и значење.

Литературно читање пред споменикот на Св. Методиј во Елванген, Германија, мај 1994 г.

Литературно читање пред споменикот на Св. Методиј во Елванген, Германија, мај 1994 год. Присутни: в.д. амбасадор на РМ, Ташко Теодосиевски, македонските учители, Ѓорѓи Лазаревски, Јоше Спасески, Нада Алексоска, поетитe од Македонија: Видое Подгорец и Зорица Наумовска, Веле Алексоски, уредник на весникот „Македонско сонце“, од ДНУ – Битола: проф. д-р Сотир Пановски, проф. д-р Трајко Огненовски и многу други. Не можам да ги набројам имињата на сите учесници на овие поетски средби, но еден дел од нив сѐ уште ги помнам и никогаш нема да ги заборавам. Посебено забележано е учеството на поетите од Штутгарт и други градови во Германија: Реља Лукиќ, Милутин Алемпијевиќ, Здравко Џекиќ, Радован Лепановиќ, Момир Делибашиќ, Божица – Боба Пиперски, Милорад Миленковиќ, Миодраг Миленковиќ, Марија Јовановиќ и други.

На овие средби учествуваа и поети Германици како: Ина Марија Шертел од Росток, која покрај нејзините настапи на овие средби, напиша една цела збирка песни посветени на Македонија под наслов „Булки и манастири“. Од Иран – Амини Ахамад и бројни други учесници од Турција и други земји од светот. Родени во Германија, а според потеклото на своите родители – Италијанци кои учествуваа на овие поетски средби се: Моника Скалмато, Бригина Марија и Емануела Алфонзо. На средбите, покрај учесниците што настапуваа со свои песни, во програмата имавме и поезија од познатите поетски имиња како: Блаже Конески, Десанка Максимовиќ, Мирослав Антиќ и многу други. Нивните песни со особен квалитет и осет ги рецитираше наставничката Милена Новаков од Војводина. Повеќето од споменатите песни беа проследени со тивка музика, која оставаше силен впечаток кај слушателите. Секоја поетска манифестација претставуваше посебен празник на поезијата. Покрај редовните гости, посебна убавина му даваше и присуството на званичните претставници на Генералниот конзулат од Штутгарт (по осамостојувањето на Македонија и претставник на Амбасадата на Република Македонија од Бон, подоцна Берлин), конзулот за школство на Турција Алтан Ар’сли, редовен гостин беше Фридрих Фаустен, Амини Ахмад – и бројни други видни луѓе. Не можам да ги заборавам убавите стихови на Десанка Максимовиќ кога зборува:

… да би срце могла поклањати свимаи да опет много остане га мени. („Пролетна песна“)

Со слична порака се стиховите на Рацин во песната „Печал“:
…Нема ли срце на срца срцето,
срце ширини широко,
срце длабини длабоко,
целиот свет да го збере
па за вија гради да е малечко.
(„Бели мугри“)

Бројните чествувања пред споменикот на Св. Методиј во Елванген беа крунисани со поставување на спомен-плоча на ден 1 јуни 1996 година. На овој свечен собир беа присутни: Софија Тодорова – министер и ополномоштен застапник на премиерот Бранко Црвенковски, Срѓан Керим – амбасадор на Р Македонија во Германија, Боро Митриќески – автор на спомен-плочата. Славе Николовски Катин – потпретседател на Републичката комисија за односи со верските заедници. Црковната делегација беше предводена од архиепископот г.г. Михаил и митрополитите г. Кирил и г. Горазд. Чествувањето започна во 10 часот со одржување на Свечена литургија од Поглаварот на МПЦ, архиепископот Михаил, во присуство на надбискупот на покраината Баден Виртемберг и во сослужение на архиереите г. Кирил и г. Горазд и други свештени лица во базиликата на манастирскиот комплекс во Елванген. Во 14 часот градоначалникот на Елванген, д-р Ханс-Хелмут Дитрих, приреди свечен ручек за делегацијата на Република Македонија. Во својот поздравен говор градоначалникот Дитрих, поздравувајќи ги присутните, уште еднаш ја искажа својата радост што е домаќин на висока државна делегација од една пријателска земја од Балканот, со која неговата држава има одлични културни и стопански врски. За него е голема чест што е домакин и дека овој денешен свечен чин (откривањето на спомен-плочата) ќе претставува потврдување и проширување на тие врски кои со векови се негувале (Огненовски 1998: 45). Потоа беа разменети пригодни подароци меѓу министерката Софија Тодорова и градоначалникот Ханс-Хелмут Дитрих.
Спомените ме обврзуваат да ги забележам, да не бидат заборавени прекрасните врски и релации помеѓу Македонците и другите бројни националности во пријателска Германија. Ова што го ставив на овие неколку листови хартија е само еден мал дел од тоа што се случуваше таму, во градот Штутгарт и околните градови. Тоа што се случуваше е толку многу:

Колку и да кажам – малку ќе биде!
Што и да напишам – недоволно ќе биде!
Како да го опишам – нецелосно ќе биде!

Врските можат да се менуваат, усовршуваат, но градењето на мостови на пријателство и соработка помеѓу Македонците и Германците, како и другите народи, мора да продолжи. Мостовите секогаш поврзувале. Без нив ќе останеме закопани во својата беда и немоќ.


За авторот проф. Ѓорѓи Лазаревски

Проф. Ѓорѓи Лазаревски

Роден е 1939 година во село Бач, Битолско. Основно образование завршил во родното село Бач, Учителска школа, Нижо музичко училиште и Педагошка академија во Битола. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел како учител во село Бач а потоа како педагог во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола. Во период од осум години (1987-1995) Ѓорѓи Лазаревски работел како учител за дополнителна настава по македонски јазик и култура во Штутгарт и Синделфинген, Сојузна Република Германија, испратен од Минитерството за образование на Република Македонија. По враќањето од Германија се вработил како педагог во Основното училиште „Стив Наумов“ – Битола од каде заминува во пензија. Член е на Македонското научно друштво од Битола и претседател на Пелагонските културно-научни средби.

Со љубезна дозвола на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје за преобјавување на трудот

Линкот до оригиналниот труд: http://imj.ukim.edu.mk/CMS/Upload/2017ZBORNIK.pdf

Зборникот на трудови од меѓународната научна конференција ” Минатото на јазичниот свет – денес и утре”, 2018 г.