Извадок од „Македонија“ – илустрирано списание на матицата на иселениците од Македонија
Број 549 – 1999 г.
Министерството за иселеништво – покровител на денот на “Свети Методиј” во Елванген
Денот на македонскиот и сесловенски просветител “Свети Методиј”, што секоја година на 24 мај се одбележува во градот на неговото две и пол годишно робување во темните зандани во Елванген, Германија, оваа година ќе се одбележи под покровителство на Министерство за иселеништво. Оваа Одлука е донесена на состанокот на 6-ти март годинава, што се одржа во Елванген, а на кој учествуваа претставници од повеќе црковни општини, клубови и здруженија на Македонците од Јужна и Средна Германија. На состанокот присуствуваа м-р Мартин Треневски, министер и Соња Димитровска, заменик министер за иселеништво на Република Македонија.
За успешно организирање на програмата по овој повод, е формиран Одбор од 9 члена, а активностите ќе ги координира архиерејскиот намесник, прота Мирко Пешовски. Одборот го сочинуваат:д-р Томислав Лукаров, Јован Гриовски, Киро Златков, Трајче Костадиновски, Јован Ристов, Лили Бетц, Дончо Панов, Илија Ѓоревски и Спасе Божинов.
Годинешново чествување на “Денот на Свети Методиј” ќе биде одбележан со повеќе културно-уметнички содржини и настапи на уметници од Република Македонија. Се очекува, на 24 мај, во Елванген, во чест и слава на Свети Методиј, каде што Република Македонија на 1 јуни 1996 година постави Смомен-плоча, да присуствуваат повеќе илјади Македонци од цела Германија, како, и од соседните земји.