Заеднички празничен пулс на Македонците во Германија и Албанија

БЕРЛИН / ТИРАНА — По повод големиот национален празник, 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) прими официјална честитка од Македонското друштво „Илинден“-Тирана, потпишана од претседателот г-дин Никола Ѓурѓај.

Во својот допис, друштвото „Илинден“ го истакна значењето на овој историски ден и улогата на македонското малцинство во Албанија:

„Во создавањето, зачувувањето и афирмирањето на македонската национална свест и стремежот кон слободна и независна Македонија, свој придонес имаат дадено и Македонците од Албанија. Со негувањето на македонскиот јазик, култура, традиција и националниот идентитет, Македонците од Албанија со гордост се дел од македонската историја.“

Возвратени честитки и порака за заедништво

Претседателот на Централниот совет на Македонците во Германија, г-дин Роберт Кленкоски, упати официјален одговор до г-дин Ѓурѓај и членовите на МД „Илинден“, изразувајќи длабока благодарност и почит кон нивната долгогодишна дејност.

Во одговорот, г-дин Кленкоски нагласи дека Македонците во Германија високо го вреднуваат неуморниот труд на своите сонародници во Албанија за зачувување на македонските корени, јазик и традиција. Тој потенцираше дека заедничкиот стремеж кон посилна и обединета македонска заедница надвор од татковината нè поврзува без разлика на географските оддалечености.

Вечен спомен за минатото, одговорност за иднината

Двете организации се обединија во пораката за зачувување на историскиот спомен за сите оние кои придонесоа за слободна и независна Македонија, како и во заложбата за достоинствено чествување на државноста со гордост и љубов.

Централниот совет на Македонците во Германија им го честита празникот на сите Македонци во татковината и ширум светот.

Нека е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија!