Благица Ласовска: План за Економски Развој и Промена во Македонија

Интервју со Благица Ласовска, актуелен пратеник и кандидат за пратеник од ИЕ 3 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ за Централниот совет на Македонците во Германија.

1. Економски развој и работни места:

Како идна власт во Македонија, кои конкретни мерки планирате да ги преземете за стимулирање на економскиот раст и креирање на нови работни места ?

          Моделот за раст кој што го наметна владата на СДСМ и ДУИ во изминатите 5-6 години, базиран на форсирање на потрошувачката, доведе до катастрофални резултати за македонската економија. Ние имаме најниска стапка на раст на БДП во споредба со земјите од регионот, а истовремено највисок кумулативен раст на цените. Високата инфлација ги поништи сите изнасилени притисоци за раст на платите и го девастираше животниот стандард на граѓаните.

          Поради ова е неопходно менување на постоечкиот модел на економски раст. Новиот пристап ќе биде насочен кон јакнење на конкурентноста на македонската економија преку поддршка на инвестициите на приватниот сектор, особено на инвестиции во технолошка модернизација на производните и извозно ориентираните компании. Овој процес ќе биде проследен со инвестиции во иновации и човечки капитал како основа за подобрување на продуктивноста на трудот и инвестиции во инфраструктура. Конкурентноста на бизнис секторот ќе се зголеми со инвестиции во крупни капитални проекти, за чија изведнаба ќе се обезбеди поквалитетна подгоровка и планирање, како и поефикасно менаџирање со нивната конкретна реализација.

Како планирате да ја вклучите дијаспората и да ја искористите нивната експертиза, кои како потенцијал и ресурс можат да помогнат во економскиот развој?

          Дијаспората е нераскинлив дел од нашето општество. Ќе ги зајакнеме врските со нашите иселеници од постарата и од поновата генерација преку нашите дипломатско-конзуларни претставништва и други организации, како што е, на пр., „Македонија 2025“. Нашите извозни компании треба да се целосно отворени за соработка со бизниси од нашата дијаспора, а новата влада до максимум ќе ја користи експертизата во повеќе области на наши вработени во странство кои се подготвени да се ангажираат во реализацијата на програмата за работа на идната влада.

2. Образование и развој на кадри:

На кој начин ќе го зајакнете образовниот систем во Македонија за да се остручат висококвалитетни кадри што би одговарале на барањата на модерниот пазар на труд?

          Македонија има непланироно производство на кадар и прво што треба да се направи е анализа на потребите на пазарот на труд. Во средното образование ќе го зајакнеме срено стручното образование и дуалните паралелки. При тоа ќе напеавиме договори за поголем обем на практична работа и учење преку работа во компаниите. Одредени компании вклучени во овој процес ќе се договориме од државата да добијат бенефиции. Во високото образование ќе преговараме со универзитетите да ги модернизираат студиските програми и да воведат повеќе пракса во нив. За кадрите кои се горлив проблем, односно има видлив недостаток на студентите ке им понудиме стипендии и дел од нив ќе  ослободиме од партиципација. Ке водиме грижа за подобрување на квалитетот на образованието и со вложуваее на повеќе средства од буџетот, 5 % за образование, 1% од БДП за наука. Ќе воведеме и професионално советување за учениците и родителите, со цел учениците да се насочат во области во кои ќе бидат најпродуктивни.

Кои мерки ќе ги превземете за да го спречите одливот на мозоци и на кој начин ќе ги охрабрите младите македонски висококвалитетни и талентирани да останат и да работат во својата земја?

          Македонија се соочува со проблем на растечка депопулација. За жал, ни го однемува населението. Падот на населението е поврзан со намалување на природниот прираст на населението каде се раѓаат се помалку деца, а особено алармантно е тоа што расте бројот на млади и образовани луѓе кои се одлучуват да ја напуштат татковината.

          Иселувањето е сериозен и мултикомплексен проблем. Постојат повеќе причини за напуштањето на Македонија. Тоа се лош економски, образовен, здравствен и правосуден систем, постоењето на мито и корупција, нефункционалност на институциите, ниските плати, загаденоста, државата не дава бенифити за раѓање на деца и за младите семејства, високо обучените кадри не се препознаени и вклучени во општеството, немањето на можности за кариера и многу други причини. Ние имаме решенија за овие проблеми, со мерки и проекти предвидени во програмата Платформа 1198 на која посветено ќе работиме е за да се ублажи иселувањето. За пример ќе го земам тоа што предвидуваме пакет на даночни поволности за преселување на ИТ компании во Македонија. На овој начин ќе отвориме бројни високоплатени работни места, со цел ИТ инжинерите и другите стручни професии да останат и да работат во Македонија.  Или за друг пример, во првите 100 дена од новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира постапка за 500 ургентни вработувања на здравствениот кадар кој со години работи во здравствените установи со нерешен работен статус. Не треба да дозволиме овој готов обучен здравствен кадар со повеќегодишно искуство да замине во странство, само затоа што државата не им го решила работениот однос.

          Иста така, имаме сет на мерки за враќање на нашинците назад во татковината преку програмата „Return – Добредојдовте дома“. Со оваа програма се планира поддршка за лицата кои ќе се вратат од странство за да живеат во Македонија, преку намалување на данокот на личен доход за фирмата која ќе ги вработи повратниците. Доколку се врати дефицитарен кадар, ослободувањето ќе вклучи и дел од придонесите што ги уплаќа фирмата. Со оваа програма се предвидуват  мерки за отворање нови компании, со грантови и помош за развој на бизнисот за квалификувани иселеници што ќе одлучат да отворат компанија во Македонија. Предвидуваме олеснување на условите за купување земјиште за изградба на сопствен дом, како и олеснети процедури за добивање македонско државјанство за иселениците од Македонија.

          Да заклучам, една од најважните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ е демографијата и намалувањето на иселувањето. Дека сериозно ќе бидеме посветени на овој проблем е тоа што ќе направиме реорганизација на министерствата со воведување на министерство за социјална политика, демографија и млади, со што овој проблем ќе го ставиме на приоритетно и секторско значење.

3. Борба против корупција и засилување на владеењето на правото:

Каква е состојбата со корупцијата и владеење на правото во Македонија и какво е нивното влијание врз бизнисот?

          Последниот Извештај на Европската комисија за Македонија за 2023 година констатира дека нема никаков напредок во областа на судството и во областа на борба против корупцијата. Комисијата нотираше дека корупцијата во државата е загрижувачка и дека таа е распространета во многу области. Тоа го направи криминалното владеење на СДС и ДУИ. Овој извештај е важен документ со кој се мери секоја земја за напредокот за пристапниот процес во ЕУ.

          Корупцијата има длабоко и широко влијание врз бизнисот. Таа создава сива еконмија, ја дискриминира конкурентноста бидејќи често добиват оние кои направиле корупција во однос на чесните, таа создава нееднаков пристап до ресурси и можности, ја повредува слободата на пазарот и претприемливоста и други негативни последици. Знаеме дека инвестициите се клучен фактор за економскиот раст на една земја. Ваквите извештаи кои го утврдуват нивото на корупција и владеење на правото, на пример, се еден од одлучувачките фактори дали еден странски инвеститор ќе инвестира во Македонија. Инвеститорот смета дека подобро му е да го инвестира својот капитал во земја со мала корупција. Бизнисот бара доверба и сигурност на инвестициите кои ги вложиле, бизнисот бара владеење на правото. Начелна оценка е дека деловното опкружување на Македонија воопшто не е на задоволително ниво. Затоа ќе зададеме силен удар притив корупцијата и мора да воспоставиме владеење на правото.

На кој начин ќе го направите тоа, со кои конкретни чекори ќе ги преземете за да ја вратите довербата на населението во правосудството и владата?

          ВМРО-ДПМНЕ посветено и одлучно ќе работи да се промени оваа негативна слика за Македонија, со отварање на фронт против корупцијата.  Програма во која вклучува системски решенија за трансформација на правосудните органи во одговорни, независни и транспарентни, преку воведување на европските стандарди. Ќе воведиме независно судство и обвинителство, целосно ослободени од стегите на извршната власт. Ќе има целосна ревизија на приемот на кандидатите во Академијата за судии и јавни обвинители. Сегашниот Судски совет и Советот на јавни обвинители го имат изгубено кредибилитетот и затоа тие ќе бидат распуштени, а ќе направиме законски измени со строги критериуми за избор на нови членови на овие совети преку јавна и транспарентна постапка. За да се одвојат чесните од нечесните судии и обвинители ќе направиме проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите и на нивните семејства, со воведување на постапка за нивно разрешување, доколку не ја докажат законитоста на стекнатиот имот.

          Ќе донесеме нови закони од сферата на правосудството кои ќе бидат во согласност со највисоките европски стандарди по примерот на некои земји од ЕУ. Мора да има одговорност за судиите и обвинителите кои се разрешени поради нестручно и несовесно работење, со тоа што доказите за разрешувањето ќе одат до надлежното обвинителство за да провери дали има прекршување на кривичниот законик. Граѓанинот поради штетната одлука или пресуда на судијата ќе има право на надомест на штета. Новина ќе биде и тоа што со закон ќе се воведе поведување на постапка на одговорност на судија доколку во неговата пресуда се утврди прекршување од страна на судот во Стразбур. 

          Приоритет на новата влада е безмилосна борба со корупцијата и казни за корумпираните носители на јавни функции. Со јасни правила и со дигитализација на услугите ќе се намали субјективното одлучување на функционерите. Ќе воспоставиме ефикасен систем за превенција, надзор и ревизија на работењето на јавните институции. Во првите 100 дена, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе формира владино координативно тело за борба против корупцијата. Ќе ги зајакнеме капацитетите на Државниот завод за ревизија и на Комисијата за спречување на корупцијата и нивните извештаи ќе ги поврзиме на разгледување од јавното обвинителство. Ќе воведем нула корупција во јавните набавки преку унапредување на транспарентноста на единствениот систем за јавни набавки со зголемување на бројот на податоци и фреквентноста на објавените извештаи. Со единствениот систем автоматски ќе идентификува, ќе пријави и објави судир на интереси и ризици од корупција при јавните набавки. Ќе воведеме сектор во Бирото за јавни набавки задолжен за контрола на критериумите за најповолна понуда, за да нема манипулација со јавните набавки. Со закон ќе ги ограничиме и намалиме дискреционите овластувања на раководните лица на институциите. Постојат и други сет мерки. За нас одлучната, неселективната и бескомпромисната борба против корупцијата и владеење на правото е приоритет кој ќе доведе до економски раст и развој на Македонија.

4. Инфраструктура и регионален развој:

Кои проекти и мерки ќе ги поддржите за да се подобри инфраструктурата и да се потикне руралниот развој на запоставените региони и села во Македонија?

          За нас одржувањето и развојот на руралните средини е од важно значење. Поглавна цел ни е да имаме инвестирање во инфраструктурата, што би значело подобрување на условите за живеење во овие средини, и друга цел е да овозможиме услови за работа на овие жители за да останат да работат во нивните локални средини.

          Во делот на инфраструктурата, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе обезбеди 250 милиони евра годишно или за целиот четиригодишен мандат ќе обезбеди 1 милијарда евра за инвестиции во капитални проекти пред се за патна, комунална и образовна инфраструктура за руралните средини и општините.

          За да имаме заживување на уништеното земјоделство и на руралните средини ќе издвојуваме 180 милиони евра годишно за финансиска помош на земјоделците, особено за жените од руралните средини и ќе го зголемиме процентот на програмата за рурален развој. Имаме мерки за поддршка на земјоделските задруги во руралните средини, поддршка за формирање на мали и средни претпријатија во руралните средини, поддршка за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики и други проекти. Ќе го потикнуваме и развиме руралниот туризам, кој би било бенефит за локалното население. За да имаме здравствена заштита на оваа население, предвидуваме стимулативни мерки на здравствените работници да работа во руралните средини.  

Како планирате да ја зголемите соработката со меѓународните партнери и инвеститори, за да ја стимулирате модернизацијата и подобрувањето на инфраструктурата?

          Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ќе вложи максимални напори за остварување на реален видлив напредок во евроинтеграцискиот процес и полноправно членство во ЕУ. Во врска со пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, ќе работиме на интензивирање на соработката меѓу институциите на Македонија и институциите на Европската Унија, за подобро искористување на европските фондови од страна на македонските институции и субјекти, со јакнење на капацитетите на државните институции, за да се вложува во македонската инфраструктура. За таа цел, ќе ја зајакнеме и прошириме ЕУ академијата кои ќе биде во рамките на Секретарјатот за европски прашања, што треба да доведе до јакнење на капацитетит на пристапниот процес за подобра искористеност  на европските фондови, како и размена на добри практики и знаење со Центрите за ЕУ. Новата влада особено ќе се залага за што побрзо користење на придобивките од потенцијалот на европскиот заеднички пазар, во смисла на слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Владата треба да обезбеди буџетски средства за поддршка на граѓанските организации што аплицираат и се добитници на проекти од европски и други фондови, како што се ИПА фондовите, Хоризонт Европа, Клајмет Кик, ИнвестЕУ, Дигитал Европа и други, а за кои е потребен процент на учество, односно кофинансирање.

          Економската дипломатија ќе биде еден од приоритетите на надворешната политика. Владата и МНР посебен фокус ќе дадат кон привлекувањето на иновативни, високопродуктивни инвестиции и оние што ќе доведат до повисоко ниво на соработка на странските компании со домашната индустрија и ќе помогнат во поттикнувањето на засилен економски развој на државата. Ќе извршиме доекипирање на Развојната банка со стручен кадар којшто ќе го олесни пристапот на микро, малите и средните претпријатија до кредитните линии преку подобрување на бизнисот. Бројот на банки што партиципираат во кредитните линии од ЕБРД, ЕИБ и други меѓународни финансиски институции ќе се зголеми, со воведување на стимулативна пониска камата за банките зависно од износот на пласирани средства.

          Грижата за Македонците и македонските граѓани што живеат во странство и градењето силни врски со нив се клучни приоритети во работата на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што македонската дијаспора е нераскинлив дел од македонскиот народ и од македонската држава. Доколку ја добиеме довербата на парламентарните избори, идната влада ќе изврши мапирање на сите формални и неформални групи и здруженија во дијаспората. Ќе воспоставиме принципи и правила за редовна и интензивна комуникација. Исто така, со цел искористување на севкупниот потенцијал на македонските иселеници, ќе извршиме мапирање на сите Македонци и граѓани на Република Македонија во светот кои се наоѓаат на влијателни работни места и извршуваат високи позиции во своето поле на работа. Владата силно ќе се залага за нивно вклучување во надворешната дипломатска и економска политика на Македонија. Ќе формираме Совет за економска дипломатија во кои ќе бидат вклучени македонските стопанственици и менаџери низ светот. Целта на овој совет е да ги истражи можностите за инвестирање, да поттикнува партнерства, да ја промовира трговијата и да ја зголеми размената на знаења и искуства.

          Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе започне со реализација на проекти за градење на модерна и функционална инфраструктура, како со сопствен буџет и со поддршка од меѓународни организации. Ќе инвестираме во патната инфраструктура преку градење на автопати, експресни, магистрални, регионални и локални патишта. Фокус на инвестиции ќе биде и комуналната инфраструктура преку градење на водоводни, атмосферски и фекални канализациски системи во сите населени места низ земјата. Исто така ќе инвестираме во железничката инфраструктура.

Централниот совет на Македонците во Германија и се заблагодарува на г-ѓа Благица Ласовска што одвои време за ова ексклузивно интервју. Изразуваме искрена благодарност за нејзиното ангажирање и соработка.