Централниот Совет на Македонците во Германија упатува искрени честитки до нашата партнерска организација Македонското друштво „Илинден“-Тирана по повод 11 години рамноправно членство во Федералната унија на европските националности (ФУЕН).
Во изминатите единаесет години, Македонското друштво „Илинден“-Тирана покажа доследна, одговорна и принципиелна борба за заштита на правата, идентитетот, јазикот, културата и традициите на Македонците во Република Албанија. Со своето активно учество на конгресите на ФУЕН и преку бројни иницијативи и резолуции, организацијата успеа гласот на Македонците од Албанија да го издигне и афирмира на европско и меѓународно ниво.

Особено значајно е што Македонското друштво „Илинден“-Тирана беше првата организација од Република Албанија примена како рамноправен член во ФУЕН, со што отвори важен пат за претставување на македонското национално малцинство во европските институции и организации.
Централниот Совет на Македонците во Германија ја цени долгогодишната соработка, меѓусебната поддршка и заедничката посветеност кон зачувување на македонскиот национален идентитет и човековите права на Македонците надвор од Македонија.

На Македонското друштво „Илинден“-Тирана, на претседателот Никола Ѓурѓај и на сите нивни членови им посакуваме уште многу успеси, нови признанија и силно меѓународно присуство во годините што следуваат.
Да ни се множат заедничките успеси, пријателства и соработки во интерес на Македонците и на сите народи и малцинства во Европа.
