Денот на Републиката е голем државен празник на Република Македонија. Се прославува на 2 август, кој е исто така и голем верски празник — Илинден, во чест на пророкот Св. Илија — според јулијанскиот календар. Денот на Републиката се прославува во знак на сеќавање на два големи настани кои се случиле на овој датум, и со кои се удрени темелите на македонската државност:
– Илинденското востание од 1903 година кое било организирано од Внатрешната македонска револуционерна организација против Отоманското Царство, и во текот на кое била прогласена република, и
– Првото заседание на АСНОМ од 1944 година, во текот на Втората светска војна, на коe се поставени основите на денешна Република Македонија.
Големи народни собири се одржуваат во сите манастири, а се организира и коњанички марш од Скопје до Крушево кадешто главнината од востаничките водачи ја прогласиле Крушевската република во 1903 година. Главната прослава се одржува на Мечкин Камен, кадешто имало една херојска борба со отоманските војски во која загинал Питу Гули во август 1903 година.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.
Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
Илинден е прогласен за државен празник уште на Првото заседание на АСНОМ во 1944.