Почитувани сограѓани,
како што веќе беше објавено од страна на Министерството за надворешни работи, од неодамна се инсталирани и целосно во функција постојани базни станици и опрема за земање биометриски податоци за нови пасоши во сите 3 Дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија во Германија (Берлин, Бон и Минхен).
- Амбасадата на Република Македонија во Берлин има територијална конзуларна надлежност за лицата кои живеат во сојузните покраини Берлин, Бранденбург, Бремен, Тирингија, Саксонија, Долна Саксонија, Саксонија-Анхалт, Хамбург, Шлезвиг-Холштајн и Мекленбург-Западна Померанија.Термини се закажуваат на berlin@mfa.gov.mk.
- Конзуларното одделение во Бон има територијална конзуларна надлежност за лицата кои живеат во сојузните покраини Северна Рајна-Вестфалија, Рајнска област-Пфалц, Сарланд и Хесен. Термини се закажуваат на: bonn@mfa.gov.mk.
- Генералниот конзулат во Минхен има територијална конзуларна надлежност за лицата кои живеат во сојузните покраини Баварија и Баден-Виртемберг. Термини се закажуваат на: munich@mfa.gov.mk.
За да се аплицира за нов пасош, постоечкиот пасош треба да е најмногу 1 година пред истекување на рокот на важење. Согласно најавите од МВР, пасошите се изработуваат и испраќаат за достава до странките во рок од 3-4 недели од денот на аплицирање и сликање во Амбасадата.
Поднесување на апликација и фотографирање за нов пасош во Амбасадата во Берлин може да се изврши само со претходно закажан и потврден термин (работни денови од 9-13 часот) пополнувањето на формуларите се врши на лице место, а плаќањето се врши со банкарска картица.
За закажување термин потребно е претходно на е-маил berlin@mfa.gov.mk да испратите, ваш мобилен телефонски број, ваш матичен број и копија од стариот пасош, заради задолжителна претходна проверка во системот на Министерството за внатрешни работи и да најавите кој ден би ви одговарало да дојдете за фотографирање, бидејќи побарувачката е голема заради многу заостанати барања. Надлежните службеници од Амбасадата ќе ви го потврдат терминот или ќе ве известат доколку има некакви дополнителни барања.
Нагласуваме дека е задолжителна претходна проверка во системот на Министерството за внатрешни работи и Амбасадата апелира да не се доаѓа на лице место без најава, за да не се изложите на непотребни трошоци, бидејќи доколку има некакви пречки (што се само ретки исклучителни ситуации, а не правило -како утврдени или неплатени прекршоци и други технички или формални законски пречки) сликањето во моментот нема да може да се реализира и ќе треба повторно да се дојде кога пречките ќе се отстранат.
Во однос на постапката за пасош за новородено дете во странство од родители со македонско државјанство:
Новородено дете од родители со македонско државјанство, треба најпрво да се регистрира во матичната книга на родените во Македонија, со што се издава македонски извод од матичната кинга на родените. Потсетуваме дека барање за пасош за деца може да се поднесе само со приложување на извод од матичната книга на родените издаден од органите на Македонија кој го содржи единствениот матичен број на граѓанинот.
Потребни документи за издавање пасош за малолетници:
- Лично пополнета апликација за издавање пасош (апликацијата ја поднесуваат лично двајцата родители или едниот родител со полномошно заверено на нотар од другиот родител)
- лични карти или пасоши на двајцата родители (валиден македонски или странски документ со оригинална фотографија) се презентираат на увид.
- Стар пасош и извод од матичната книга на родените на детето (доколку има).
- На терминот за аплицирање и земање на биометриски податоци, како и за земање на пасошот, се бара лично присуство на детето и двајцата родители (или едниот родител со полномошно заверено на нотар од другиот родител).