Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога животот го загубија 1 070 лица, а 3 000 беа повредени.

На 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, со помали потреси до пет часот и 43 минути. Притоа, беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200 000 луѓе остана без покрив над главата. Потресот бил почувствуван и во околните градови и населени места, на простор од околу 50 квадратни километри, по течението на реката Вардар. Од јачината, дури и во околните градови граѓаните се разбудиле, а во неколку соседни градови дури имало и материјални штети од помали размери.

Насловната страница на “Нова Македонија” од 27.7.1963, ден по земјотресот во Скопје

По трагедијата на Скопје, Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје.

Обединетите нации презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град.

“Македонскиот главен град по шест потреси – урнатина” пренесе во неделното издание „Дер Тагесшпигел“ – Западен Берлин (Фотографија: DW/S. Padori-Klenke)

На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. Подоцна, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

Карта на изосеисти за земјотресот од 26 јули 1963 година
Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје

На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје, во која се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.

Од овој ден, Скопје го носи и името Град на Солидарноста, бидејќи први на помош дошле војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а само неколку дена по разорувачкиот земјотрес, помош почнала да пристигнува од целиот свет. Според информациите, 87 држави од светот испратиле некаков вид помош и благодарение на нив, Скопје одново се гради.

По земјотресот, Јосип Броз Тито, тогашен претседател на СФР Југославија, испрати порака со сочувство до Социјалистичка Република Македонија пред да го посети градот лично:

“Заедно со сите луѓе на Југославија ќе настојуваме да ја ублажиме несреќата што ја предизвика вашата република”

Скопје не смее да остане само репортажа од насловните страници, туку и обврска на сите нас, на сите луѓе кои денес-утре, по сличноста на некоја катастрофа, можат да станат скопјани“, ќе напише Алберто Моравија, еден од водечките италијански романсиери.

Жан Пол Сартр, еден од водечките фигури на француската филозофија и литература ќе каже:

Скопје не е филм, не е трилер во кој го погодуваме главниот настан. Тоа е концентрација на човековата борба за слобода со резултат кој инспирира понатамошни борби и неприфаќање пораз.”

Шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје денеска ќе се одбележи со повеќе активности.