
Во повеќе градови на Германија: Духовнa и сеопшта афирмација
Напис во весник “Нова Македонија”, 28.09.1992
Свечено прославен православниот празник Мала Богородица во сите храмови на МПЦ –
Свеченостите во клубовите искористени за преземање конкретни чекори за суштинско обединување на Македонците
Македонскиот православен празник Мала Богородица свечено беше прославен ширум Германија. Така, македонските православни црковни општини “Свети Никола” од Мајнц, “Свети Кирил и Методиј” во Штутгарт и “Свети Кирил и Методиј” Дортмунд, одржаа света богослужба со свештеник од Република Македонија во cвоите цркви а потоа во просториите на македонските клубови “Гоце Делчев”, “Илинден” и другите, беа одржани свечености со богати културно-уметнички програми.
Македонските клубови “Македонија” од Троиздорф и “Јане Сандански” од Келн, организираа заедничка богослужба во Келн, а потоа одржаа заедничка веселба, со цел за обединување и соработка на членовите на овие два македонски клуба.

Но, деновиве најзначаен е фактот дека МПЦО “Свети Климент Охридски” од Берлин е регистрирана официјално во градската управа, како Македонска православна црковна општина и доби свои црковни простории. Свеченото отварање на првата македонска црква во престолнината на Германија, Берлин треба да биде на нејзиниот патронен празник во декември. Во Македонскиот клуб “Гоце Делчев” по тој повод се одржа работен состанок, на кој беа разгледани можностите и перспективите на оваа наша македонска црква во срцето на Европа.
Програмската ориентација на раководството е како најдобро и најефикасно да биде претставувана Република Македонија, и автокефалноста на Македонската православна црква во Германија, во Европа и пошироко.
Драшко Антов (известувач)
