Ден на независноста на Македонија е државен празник кој се празнува во Македонија на 8 септември. Празникот популарно е наречен и 8-ми Септември. Празникот ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ.
Референдумот во Македонија се одржал во предвечерјето на распадот на СФРЈ на 8 септември 1991 г.
Согледувајќи ја состојбата во Југославија која беше во фаза на распаѓање, првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвоил Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 година. По што следуваше и одлуката за распишување на референдум на 8 септември 1991.
На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?
На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле “за” самостојна и суверена Македонија.
На референдумот му претходела Декларација за независност што првиот повеќепартиски Македонски парламент што ја усвоила на 25 јануари 1991 година.
По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собираа на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, каде што Македонското радио организира свеченост насловена Глас за Македонија, со настап на стотина естрадни ѕвезди. Додека бројните граѓани собрани на плоштадот со нетрпение ги очекуваа тогашните власти да излезат и официјално да ги соопштат резултатите од спроведениот референдум, членовите на тогаш најпопуларниот македонски бенд „Меморија“ во 23:50 часот почнаа да ја свират нивната преработка на култната песна „Македонија“ од Дадо Топиќ. Насобраните граѓани, кои според тогашните проценки на полицијата ги имало повеќе од 50.000, ја пееја во еден глас.
Идниот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, се обрати кон македонскиот народ со историскиот говор: „Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва вам и на сите граѓани и граѓанки на Македонија да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.
Десет дена подоцна по гласањето независната македонска држава го прогласи своето одвојување од Jугослaвија. Одвојувањето на Македонија од југословенската конфедерација се случи мирно и без крвопролевање. Оттогаш, 8-ми септември стана државен празник – Ден на независноста – со прослави што се одржуваат низ целата земја.
Државно име и државно знаме во согласност со правото на самоопределување на народите
Македонците на референдумот го избраа името Република Македонија за државно име во согласност со правото на самоопределување на народите, кое е едно од основните права на меѓународното право. Црвено знаме со Ѕвездата од Кутлеш (или Македонско Сонце) беше во употреба како национално знаме на Република Македонија од 1992 до 1995 година кои се користи денес како македонско етничко знаме од Македонците во Македонија и насекаде низ светот.