Поголемиот дел од словенското население во Европа и Азија ја должат својата азбука и својата култура на делото на браќата Свети Кирил и Методиј од Солун, кои станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија. Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Во 9 век тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик и ја ширеле писменоста, а со тоа и христијанството меѓу паганските Словени. Денес и Римокатоличката и православната црква ги почитуваат двајцата браќа а особено во Источната православна црква како светци со титулата Еднакви со Апостолите.
Словенските земји како Чешка, Словачка, Бугарија, Србија и Русија го слават 24-ти мај секоја година во чест на двата Свети Браќа и на нивното важно дело. Овој ден е и македонски национален празник, на кој се доделуваат награди, се одржуваат културни настани и концерти во чест на двајцата Свети браќа во Скопје, Охрид и во други македонски градови.
Кирил, кој го презеде името непосредно пред неговата смрт († 14 февруари 869 година) и претходно беше наречен Константин, чии остатоци се чуваат во капела за светилишта во Базиликата Сан Клементе во Рим. Почнувајќи од 1960-тите години секоја година на овој ден висока владина и црковна македонска делегација го посетува Ватиканот и одржува богослужба на неговиот гроб.
Методиј почина на 6 април 885 година во Нитра (Словачка). Според легендата, тој бил погребан во голема моравска црква, но гробот сè уште не е пронајден.
Во градот Елванген во покраина Баден-Виртемберг, Германија се слави Денот на Методиј, таму Методиј бил уапсен во 870 година и осуден и затворен. Бил ослободен во 873 година благодарение на интервенцијата на папата Јован VIII.
Со првите македонски иселеници во Германија во 1970-тите години, градот редовно го посетуваат на Денот на комеморацијата бројни Македонци и од внатрешноста и од соседните земји. На 1 јуни 1996 година, на барање на македонските здруженија во Германија, тогашната македонска влада постави триделна спомен-плоча со следниот натпис на македонски и германски јазик:
СО ПОЧИТ И ВЕЧНА БЛАГОДАРНОСТ КОН НАШИОТ ПРОСВЕТИТЕЛ И ХРИСТИЈАНСКИ МИСИОНЕР,РАМНОАПОСТОЛ СВ. МЕТОДИЈ
ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
За мисионерското дело на Св. Кирил и Методиј
На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт – а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година – неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент Охридски како епископ, го преминаа Дунав на сплав “од три липови дрвја” и пристигнаа во Белград, тогаш во Бугарија. Началникот на Белград, ги испрати при царот Борис I. Свети Наум остана во главниот град на Бугарија и ги постави основите на Преславската книжевна школа, а Климент е испратен во областа Кутмичевица, на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжи да работи меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.
Што се однесува до Методиј, постојат мошне оскудни извори, според кои тој се здобил со световно образование и се посветил на државната и воена служба. Бил надарен со христијански добродетелен живот и државнички и воени способности. Подолго време управувал со брегалничката област и придонел христијанството длабоко да се всади во македонската душа во тој дел на Македонија. За овој успех бил особено заслужен и неговиот брат Константин.
Мисионерската дејност на светите браќа меѓу Македонците, посебно возобновувањето и применувањето на македонската азбука е забележано во житието на Свети Наум. Ова му претходело на преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците од солунско и на мисионерското дело меѓу западните Словени во Моравија.
Делото на светите браќа по смртта на Свети Методиј паднало во голема криза, но благодарение на нивните најдаровити ученици – Свети Климент и Свети Наум, охридските светители и чудотворци, учители и просветители, ползувајќи се со својот мисионерски метод, што имал за цел да им ја објави божјата вистина на новите народи, почнувајќи ја нивната културна самобитност, останал жив образец за Светата Црква и за мисионерите на сите времиња.
Според старите хроники, денот на светите браќа се славел црковно уште во 11 век. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје. Во 1880, Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква.Светите браќа Кирил и Методиј успеале да станат апостоли на Словените. Тие сакале да му служат на доброто на сите словенски народи и на единството на Универзалната црква. За овие и вакви свои заслуги, во своето апостолско послание „egrigae virtulis“ папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година ги прогласил за ко-покровители на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски.
Причината за нивното назначување за покровители на Европа е нивната грижа за урамнотеженост. Исто така затоа што имале слично значење за Истокот како Свети Бенедикт за Западна Европа. Различни важни црковни историчари ги сметат сесловенските просветители зa пионери зa денешните вселенски напори за христијанска црква без различнa конфесија како и зa воспоставeњe дијалог измеѓу христијаните, евреите и муслиманите.