На 13 октомври 2022 година, претседателот Роберт Кленкоски и заменик-претседателот Горан Николоски остварија средба со пратеникот на германскиот Бундестаг, Кнут Абрахам. Средбата се одржа во просториите на покраинската група Бранденбург на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг.
Темите на разговорот беа актуелниот статус на преговорите за членство во ЕУ со Македонија, актуелните политички настани околу и во републиката.
Се разговараше за актуелната состојба по прифаќањето на „францускиот предлог“ на македонската Влада за почеток на разговоритe. Беше констатирано дека Република Бугарија продолжува да го користи својот статус како земја-членка на ЕУ за да им го наметне својот поглед на историјата и идентитетот на Македонците, спротивно на разбирање за европските вредности и демократски принципи. Така, на етничките Македонци им се ускратува правото на самоопределување. Вредностите на кои е заснована Европската Унија се почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права. А тоа важи и за Бугарија да го почитува ова.
Утврдено е и дека бугарското барање за вклучување на т.н. бугарско малцинство во македонскиот устав треба да се заснова само на реципроцитет, што значи со истовремено признавање на македонското малцинство во Бугарија и регистрација на нивните здруженија и партии. Големината на македонското малцинство во Бугарија навистина не е позната, бидејќи на етничките Македонци не им е дозволено да се изјаснуваат како такви во последнитe бугарски пописи. Во овој контекст, Управниот одбор го информира заменикoт Абрахам дека Бугарија какo земја-членка на ЕУ продолжува да ги игнорира многуте пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за нeрегистрирање на македонските здруженија и партии. Така, државитe на Европската заедница прифаќа дека малцинските права на етничките Македонци продолжуваат да се прекршуваат од страна на земја-членка. Се поставува прашањето дали Копенхашките критериуми важат и по влезот на една земја во ЕУ: Бугарија имаше регистрирано една македонска организација пред да влезе во ЕУ, но веднаш потоа ја повлече регистрацијата со објаснување дека нејзиниот Устав не го дозволува тоа. Во Грција, пак, македонските здруженија се спречени да одржуваат курсеви за изучување на македонскиот мајчин јазик во јавните институции како што се училиштата. Со „Договорот од Преспа“, грчката држава го признава македонскиот јазик и идентитетот на Македонците само во соседната држава, но не и на сопствената територија.
Етничките Македонци надвор од македонската држава исто така ги чувствуваат ефектите од овој договор: зголемената употреба на несоодветни и понижувачки термини како „северномакедонски“ за јазикот и „Cеверномакедонци“ за етничките Македонци во германски и европски институции и медиуми.
„Со загриженост забележуваме како термините Македонец и македонски не само што се избегнуваат во германските институции, во Бундестагот, во Сојузната влада и во медиумите од германскотo говорно подрачје, туку се користат и со погрешен правопис. Не само што се нарушува достоинството на оваа етничка група во Германија во јавните медиуми, туку и се менува нивниот национален и етнички идентитет против волјата на Македонците“, објаснува претседателот Кленкоски и додава дека “заштитата од дискриминација е човеково право и Сојузна Република Германија мора да ги заштити и етничките Македонци од тоа, а особено во сите германски и европски институции.”
Во заедничкниот разговор, г. Абрахам ја обнови својата поддршка за работата на Централниот совет на Македонците во Германија и ја потврди поддршката за перспективите на Македонија во ЕУ.
Пратеникот Кнут Абрахам е полноправен член на Комисијата за надворешни работи и на Комисијата за човекови права и хуманитарна помош. Тој е и заменик-член на Комисијата за прашања на Европската унија и редовен член на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Управниот одбор на Централниот совет на Македонците во Германија му благодари на г-динот Абрахам за личната средба и за неговата поддршка.