Сликовницата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска објавена на германски јазик

Сликовницата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска, пропратена со илустрации на Ване Костуранов, е објавена во јули оваа година и на германски јазик, во издание на Драгонфлај Ферлаг, дел од Харпер Колинс групацијата.

„Невидливата куќа“ на Црвенковска и Костуранов, првпат објавена од страна на ИД-Концепт Консалтинг и Дизајн (Издаваштво Чудна Шума) од Скопје, е сликовница за деца и возрасни. Нејзината исклучително важна и актуелна тема – миграцијата и животот на децата коишто остануваат без своите домови, особено изразена со војната во Украина, нејзината емотивна и поетична приказна, како и исклучителните илустрации на Костуранов, ги препознаа повеќе издавачи во Европа. Сликовницата „Невидливата куќа“ беше објавена од страна на Драгонфлај Ферлаг во Германија, која е дел од Харпер Колинс групацијата – под наслов „Zuhause – Eine Geschichte über das Verlieren und Finden von Heimat“. Сликовницата наскоро треба да биде објавена и во Словенија, во издание на Содобност Интернешнал, и во Хрватска, во издание на Ибис Графика.

Сликовницата ја раскажува приказната за малечката Кала, која е принудена набрзина да го напушти својот дом. Таа заминува со родителите на долго, истоштувачко и застрашувачко патување без крај.

На Кала не ѝ е јасно што се случува, освен што ги наслушува неубавите зборови што ги шепотат возрасните. Но, она што го знае е дека ѝ недостига нејзината куќа, заедно со баба, дедо и омилената играчка – зајачето.

Во пресрет на германското издание на „Невидливата куќа“, германската писателка за деца и млади Изабел Абеди ќе каже: „Постојат книги коишто содржат многу повеќе од приказна. Ова е една од нив. Таа го покажува она што е неуништливо, она што не може да биде изгубено сѐ додека постоиме“.

„Невидливата куќа“ ја освои првата награда за најдобра книга за деца и млади меѓу два саеми на книга во 2021 година – признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.

Сликовницата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска објавена на германски јазик: “Zuhause – Eine Geschichte über das Verlieren und Finden von Heimat”

За авторката

Билјана Црвенковска е писателка, сценарист и преведувач, магистер по филозофски науки. Автор е на повеќе романи и илустрирани романи за деца: „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, „ТКЦП: Канџа во мракот”, „ТКЦП: Замокот на илјада мачки” и „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград”. Автор е и на голем број сликовници и книги со активности, особено сликовниците од серијалот „Светот на Биби”: „Биби, Боби и куќичката од чоколадо”, „Биби и џиновите”, „Биби, Боби и змејот”, „Биби, Боби и чудовиштето од Охридското езеро”, „Биби, Боби и непослушното јајце”, „Книга на знаења”, „Моите омилени места”, „Светот на Биби од А до Ш”, „Скриената долина” итн.

Од книгите кои не се за деца, автор е на еден роман „Девет приказни за госпоѓица Сит”, на графичката новела „Девојчето кое танцуваше со пролетта”, на стручниот труд од областа на семиотиката: „Митски лавиринт: патување низ митските слики“, како и на повеќе научни есеи и трудови, театарски критики, новинарски текстови и колумни. Црвенковска е автор на сценаријата за анимираните филмови од серијалот „Светот на Биби”, а еден од сценаристите е и на сериите за деца „Пет Плус фамилија” и „Зоки Поки”. 

За илустраторот

Ване Костуранов е сликар и илустратор, роден 1979 година во Струмица. Активно се занимава со сликарство дваесетина години. Учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и 12 самостојни. Костуранов е автор и на сликовниците „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“, кои се добитници на први награди за најдобро ликовно-графички уредено издание, на Саемот на книгата во Скопје во 2018 и 2019 година.

Македонското издание на сликовницата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска сo илустрации на Ване Костуранов