Раководството на Централниот Совет на Македонците на 29 декември 2021 година преку платфомата Zoom имаше средба со директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски и раководителот на сектор за унапредување и одржување на врските со иселениците, Билјана Костова.
Претседателот Роберт Кленкоски информира дека Централниот Совет на Македонците во Германија ги застапува интересите на македонската заедница во Германија во однос на јавноста, политиката и администрацијата. Ги поддржува македонските здруженија и заедници во ефективно извршување на нивните задачи и цели во сегашноста и иднината.
Директорот Близнаковски ја поздрави улогата и целта на Централниот Совет и истакна дека здружени ќе бидат посилни и пред Германските и пред Македонските институции. Директорот ги запозна присутните со сите проектни активности на Агенцијата за иселеништво како и со предвидените активности следната година и повика на соработка и вклучување во проектите. Смета дека подобро би било поголем број на здруженија и идивидуалци да се вклучат во Советот и да се интензивира соработката со матичната држава бидејќи со оглед на околностите посебно околу годишните дознаки кои доаѓаат од Македонците во странство, иселениците се нераскинлив дел од Македонија.
Кленкоски информира дека планираат да ја возобноват прославата и чествувањето во чест на Св. Методиј во Елванген, каде е поставена неговата спомен плоча и каде секоја година градоначалникот организира свеченост за сите словенски народи. Бидејќи неколку години оваа манифестација од страна на Македонците е занемарена, Советот планира во соработка со здруженијата, Амбасадата во Берлин и Агенцијата за иселеништво да го подигне нивото на свеченост во мај 2022 година.
Исто така истакна дека се задоволни од приемот во Амбасадата во Берлин и дека оствариле средби со цел понатамошна соработка и поддршка од страна на амбасадорот.
Потпретседателот Николоски информира дека е во контакт со дел од македонските културни работници кои живеат и творат во Германија со цел нивните дела да бидат достапни за пошироката јавност.
Раководителот Костова предложи да ја посетат новата интернет страна на Агенцијата за иселеништво каде можат да најдат информации за други организации или македонци кои се занимаваат со културна дејност, како рубриката на истакнати иселеници каде можат да најдат личности кои се иселени и успешни во одредени области и да стапат во комуникација со истите, со цел размена на искуства и идна соработка.
Костова информира дека банерот на веб страна на Центарлниот Совет е веќе поставен на веб страната на Агенцијата за иселеништво и дека портали од таков вид се од големо значење за иселениците и нивната информираност.
Централниот Совет на Македонците и Агенцијата за иселеништво се согласуваат дека остварената работна средба го означи почетокот на континуираната соработка со резултати во корист на иселениците.