Семафорската коалиција* планира да ги олабави барањата за натурализација. Кој може да се натурализира во Германија? Колку луѓе го прават тоа? Како е во другите земји? И дали натурализацијата помага во интеграцијата?
Интеграцијата на Медиумски Сервис – MEDIENDIENST INTEGRATION, информативна платформа за новинари која се занимава со прашања поврзани со бегство, миграција и дискриминација, ги наведува одговорите:
Кон крајот на ноември оваа година, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) го претстави првиот нацрт-закон за реформа на здобивањето со државјанство. Последователно, натурализацијата треба да биде побрзо возможна. Секој кој аплицира за германски пасош повеќе не треба да се откажува од своето претходно државјанство. СПД, Зелените и ФДП веќе ја истакнаа таквата реформа во коалицискиот договор. Ако сѐ оди како што треба, промените би можеле да стапат на сила в лето 2023 година, неодамна објави Фезер. Предлог-законот ги вклучува следните измени:
• Должината на престојот во Германија потребна за натурализација треба да се намали од сегашните осум на пет години.
• Во случај на „посебни достигнувања за интеграција“, натурализацијата треба да биде можна по само три години, на пример ако некој работи хуманитарно или располага со исклучително добро знаење на германскиот јазик.
• Во иднина треба да се прифати повеќекратно државјанство.
• Сертификатите за писмен јазик на ниво Б1 не треба да се издаваат за лица постари од 67 години. Наместо тоа, треба да биде доволно ако можат вербално да комуницираат на германски. Ова е наменето да се оддаде чест на „доживотните достигнувања на генерацијата гастарбајтери“, за кои во тоа време не постоеле курсеви за изучување на јазикот.
• Децатата родени во Германија да можат автоматски да добијат германско државјанство доколку едниот родител е легално во Германија најмалку пет години.
Планираната реформа е контроверзна. Колку странци добиле германско државјанство? Колкумина не – и зошто? MEDIENDIENST одговара на најважните прашања за натурализацијата.
Кој сѐ може да се натурализира?
Странците кои сакаат да добијат германско државјанство мора да исполнуваат различни услови. Право на натурализација има лице кое:
• живее постојано и легално во Германија осум години,
• се залага за слободниот демократски основен поредок на уставот,
• има неограничено или постојано право на престој во времето на натурализацијата,
• може самостојно да си обезбеди егзистенција,
• има доволно познавање од германскиот јазик,
• не е осуден/а за кривично дело и
• го поминал/а „тестот за натурализација“ (тука има исклучоци),
• се откажува од својата претходна националност (и тука има исклучоци).
За апликантите кои не ги исполнуваат сите услови, постои можност за „дискрециона натурализација“. Во овие случаи, органот за натурализација мора да одлучи дали постои „јавен интерес“ за натурализација и дали се исполнети некои минимални барања.
Натурализацијата чини 255 евра за возрасни и 51 евро за малолетници, кои ќе се натурализираат заедно со нивните родители.
Кои се придобивките од натурализацијата?
Странците кои стекнуваат германско државјанство ги имаат истите права и обврски како и сите германски државјани. Можат да имаат учество на сите избори (федерални, државни и локални избори, како и референдуми), како и самите да се кандидираат за политичка функција. Може да работат во сите служби на Сојузна Република Германија – на пример во полицијата или во вооружените сили. Со германскиот пасош може да влезат во многу земји низ светот без виза и да уживаат во правото на слободно движење во ЕУ – тоа значи влез и престој во сите таканаречени Шенген-земји.
Колку луѓе може да се натурализираат?
Во 2021 година, во Германија беа натурализирани околу 131.600 луѓе. Бројот на натурализацијата е зголемен за речиси 20 отсто во однос на претходната година. Бројот на натурализирани Сиријци драстично се зголеми: 19.100 сириски државјани беа натурализирани во 2021 година, речиси три пати повеќе отколку во 2020 година. Многу од Сиријците кои бараа заштита и дојдоа во Германија меѓу 2014 и 2016 година сега ги исполнуваат условите за натурализација.
Сирија ја заменува Турција како најчеста земја на потекло за натурализација. Најчестите земји на потекло во 2021 година беа:
• Сирија: околу 19.100 натурализација (+185 проценти)
• Турција: околу 12.200 натурализација (+5 проценти)
• Романија: околу 6.900 натурализација (+17 проценти)
Помеѓу 2000 и 2020 година, повеќе од 2,7 милиони луѓе беа натурализирани во Германија. Повеќе од 700.000 од нив се Турци.
Колкумина би можеле да бидат натурализирани?
Сојузниот завод за статистика – das Statistische Bundesamt пресмета дека само 2,5 отсто од луѓето кои имаат право на германско државјанство според сегашната правна ситуација биле натурализирани во 2021 година. Таканаречениот „потенцијал за натурализирање“ се пресметува во однос на бројот на странци кои живееле во Германија најмалку 10 години. Тоа се околу пет милиони луѓе. Ако периодот на престој пред натурализацијата се намали на пет години, оваа бројка би била околу осум милиони луѓе според пресметките на MEDIENDIENST.
Стапките значително варираат меѓу сојузните држави. Со околу четири проценти, стапката во Тирингија и Саксонија е значително повисока отколку во другите држави како Баден-Виртемберг (2,1%) или Заарланд (1,9%). Според истражувачки извештај на Фондацијата Роберт Бош, стапките се често поврзани со составот на негерманското население во земјите: граѓаните на ЕУ ретко би сакале да бидат натурализирани – бегалците, од друга страна, многу почесто. Меѓутоа, студиите на случај би покажале дека општинските мерки – особено кампањите за натурализација – имаат значителни ефекти.
Каква е ситуацијата во другите земји–членки на ЕУ?
Во споредба со другите земји-членки на ЕУ, процентот на странци кои се натурализирани во Германија е релативно мал. Тоа е затоа што условите за стекнување германско државјанство се релативно строги. Како прво, должината на престојот пред натурализацијата е релативно долга во споредба со повеќето земји ширум светот – пет години или помалку. Како друго, апликантите треба да исполнуваат натпросечен број критериуми.
Зошто има толку малку натурализација?
Експертите со години нагласуваат дека луѓето кои сакаат да добијат германско државјанство мора да ги надминат претерано високите пречки. Како резултат на тоа, еден значителен потенцијал за натурализација останува неискористен. Друга причина зошто многу странци досега не поднеле барање за натурализација е затоа што мора да се откажат од претходното државјанство. Ова се однесува пред сè на имигрантите од Турција: бројот на турски државјани кои стекнуваат германско државјанство нагло опадна во последните години. Според студија на Центарот за државјанство во Мастрихт, Германија е една од малкуте земји кои што дозволуваат двојно државјанство само во поединечни случаи: 76 отсто од земјите ширум светот во принцип дозволуваат двојно државјанство.
Примерот на Шведска покажува како може работите и поинаку да се направат: „Шведска има доста либерална политика за натурализација“, вели Свантје Фалке, истражувач за миграција на Универзитетот во Утрехт. Натурализираните странци може да го задржат своето претходно државјанство. Можете да аплицирате за шведско државјанство по само пет години – без никакви специфични барања, како што се тестови за јазик или знаење. Ова води до највисока стапка на натурализација во Европа: речиси девет проценти.
Дали натурализацијата ја поттикнува интеграцијата?
Дали правото на државјанство треба да биде еден вид „награда“ за успешна интеграција – и да дојде само на крајот од процесот, како што некои бараат? И дали пасошот од новата матична земја може воопшто да ја забрза интеграцијата? „Натурализацијата често е катализатор за интеграција“, вели Никлас Хардер од Германскиот центар за истражување на миграцијата и интеграцијата (DeZIM).
Студиите ја покажуваат следнава поврзаност: Според студија на Универзитетот Хумболт и Универзитетот во Хајделберг, либерализацијата на законот за државјанство во Германија доведе до зголемување на стимулациите за интеграција на имигрантите. Конкретно во случајот со мигрантите, имаше позитивни ефекти на пазарот на трудот по натурализацијата: нивната просечна плата се зголеми, условите за работа се подобрија, тие исто така беа и сѐ почесто вработени и работеа повеќе часови неделно. „Оние кои претходно беа обесправени имаа најголема корист од натурализацијата“, вели Хардер.
Слични вакви ефекти беа докажани од истражувачи од Холандија и Швајцарија. Во Холандија, истражувачите открија дека изгледите за брза натурализација ги мотивираат странците да стекнат јазични и стручни вештини за професионален живот.
Како дел од еден експеримент во Швајцарија, истражувачите избраа заедници во кои се одржа референдум за барањата за натурализација. Луѓето кои беа или тесно одбиени или тесно избрани беа под нивни посебен надзор. Оние кои добиле швајцарски пасош заработувале во просек по 5.000 долари годишно повеќе во последователните 15 години. Друга студија дошла до заклучок дека натурализираните биле и политички поинтегрирани од споредбената група: нивниот одѕив на гласачите бил значително поголем и тие биле подобро информирани.
Медиумскиот сервис е проект на Советот за миграција – “Rat für Migration e.V.” (RfM), национално здружение на истражувачи за миграција. Откако е основан, се залага за диференцирана дебата за политичките полиња на миграцијата и интеграцијата.
*Во Сојузна Република Германија, семафорската коалиција се однесува на соработката на трите политички партии SPD (црвена), FDP (жолта) и Сојуз 90/ Зелените – Bündnis’90/Die Grünen [исто така B’90/GRÜNE или GRÜNE] (зелена) кои заедно формираат владино мнозинство (црвена, жолта, зелена = споредбено со семафор)
Линк: https://mediendienst-integration.de/artikel/wie-weit-ist-der-weg-zum-deutschen-pass.html