Извадок од „Македонија“ – илустрирано списание на матицата на иселениците од Македонија
Број 467 – 1992 г.
Признавање е историско право
Ова на свеченоста на отворањето на клубот “Македонија” го рече добриот познавач на приликите кај нас, поранешен лектор на германски јазик на Универзитетот во Скопје, преведувач од македонски на германски јазик, Матијас Брониш
Добриот познавач на Македонија, македонската историја и јазик, преведувач од македонски на германски, поранешен лектор по германски јазик на Филолошкиот факултет – група германистика и добитник на наградата на преведувачите “Глигор Прличев” – Матијас Брониш напиша интересен напис за распаѓањето на Југославија во рурскиот весник “Вестфелише рундшау”. Повод за тоа беше основањето на Македонскиот клуб во Билефелд што го доби името “Македонија”, а на кое, покрај 150 присутни Македонци од Билефелд и гости од Хановер и од Дортмунд, присуствуваше и самиот автор, со желба да им помогне на нашите сограѓани во Билефелд, тие да можат конечно да се соберат заедно и да ја шират вистината за Македонија и да го афирмираат македонското име и самобитност. Својот напис, со наслов “Распаѓањето на Југославија и Македонија” го започнува со фактот дека Југославија не се распаѓа само во самата земја, туку и надвор од неа, поточно се распаѓаат и југословенските клубови. Новиот национален македонски клуб, што ќе ја претставува татковината, ќе ги опфаќа Македонците и ќе ја шири македонската вистина “. Афторот Брониш уверливо докажува:” Најјужната југословенска Република Македонија има еднакво право како и Словенија и Хрватска да биде призната на меѓународен план. Таа го има историското право за тоа :Таа постоела, таа постои и ќе постои. ЕЗ не смее да замижи пред вистината што доаѓа од најјужниот дел на нејзината Европа, каде што Грција ги крши основните државни начела:таа ја блокира границата, оневозможува да пристигне храна, лекови и други витални нешта за секојдневниот живот, за кои оваа сиромашна Република има огромна потреба. Европа молчи пред настаните што се случуваат. А Македонија, која има историско право, како на името, така и на своето постоење во своите сегашни граници, не може да биде така третирана како што постапува ЕЗ кон неа. Вистината за Македонија не може никој да ја скрие, ниту да ја измени, зашто Македонија има само една вистина, а таа значи дека Македонија е земја, држава, со свои граници, јазик, култура, обичаи и минато.
Пред овие факти Европа не смее да молчи, и затоа меѓународното признавање на Македонија е нормален тек на европската историја: зашто само една мала вистина има голема поука за европските народи и тоа е “Македонија на Македонците”. “Ја поддржувам независноста и државноста на Македонија и ќе се радувам таа да биде што побргу призната – Да живее самостојна и суверена Македонија” – потврди весело и радосно авторот Брониш, изразувајќи ја својата готовност заедно со новоформираниот клуб “Македонија” да направи сѐ за афирмацијата на Македонија.
Драшко Антов (известувач)