“Драмската група од Берлин ја реализира првата драмска претстава на македонски јазик, на современ текст, која наиде на солиден прием- Желба на актерите да настапат на театарски фестивал во Македонија“
Напис во весник “Нова Македонија” – Јуни 1994:
“Во чест на Денот на македонските просветители Кирил и Методиј – 24 мај, кон крајот на минатиот месец во Македонскиот клуб “Гоце Делчев” во Берлин, беше изведена драмата “Враќање во живот”. Главни протагонисти се Македонци – работници, студенти, ученици, кои успеаја по неколкумесечна континуирана работа успешно да ја подготват оваа драма во пет чина.
Режијата, сценографијата и техничката организација се на Милиза Трпевска, Иван Ѓошевски и Ангелче Лазаровски, музиката на Горан Николоски, а кореографијата и аранжманите на Симе Николоски, Борче Трпевски, Симо Тримчевски, Ванчо Бецкоски и Ангелче Лазаровски.
Во главните улоги настапија Александар Лазаровски, Ненси Дивјакоскa, Јулијан Љубески, Кристиан Николоски, Соња Савевска, Оливер Бојовски, Сузи Ангова, Оливер Андоновски, Сашко Трпевски, Трајче Ориѓански и други.
Драмата “Враќање во живот” е работена на современ текст , и тоа се случки од секојдневието на нашите Македонци во оваа европска метропола. Дејствијата се испреплетени и се одвиваат во училиште, на улица, во гостилница, во болница, дома и сл. Оваа е прва драмска претстава што ја подготвиле нашите вработени и ученици во Берлин како драмска група и истата наиде на добар прием кај публиката.
Cлика: дел од артистичката екипа на македонската драма во Германија
Како што нѐ информира Ангелче Лазаровски еден од најангажираните во реализацијата на оваа драмска претстава, на есен планираат да настапат во повеќе градови во Германија, каде што живеат и работат Македонци, а голема желба имаат да настапат и во Македонија на некој театарски фестивал.
Учесниците во драмcката претстава “Враќање во живот” се задоволни од она што го постигнаа и посакуваат. Тоа е можност нивните креации да ги видат поголем број љубители на драмската уметност. – К. Кипроски (известувач)