Честитка по повод 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената

Во името на Централниот совет на Македонците во Германија, претседателот Роберт Кленкоски им го честита 8ми Март – Меѓународниот ден на жената на сите жени, со желба и натаму безусловно да се залагаат за остварување на основните човекови права – правото секој, без исклучок, да живее од својот труд и да ја обезбедува и унапредува својата материјално- социјална положба, како и да работи во безбедни и здрави услови за работа.

Меѓународниот ден на жената се слави секоја година на 8 март како ден на меѓународно признавање на економските, политичките и социјалните достигнувања на жените. Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век.

На самиот почеток од 20 век, интензивните социјалистички движења, меѓу другото, ја поддржуваа борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Над полувековната борба за родова еднаквост ја произведе Одлуката на Обединетите нации од 1975 година, 8 Март да биде прогласен за Меѓународен ден на жената

Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во Соединетите Американски Држави по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 г. под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум.

Следната година, на 19 март 1911, овој празник по првпат е прославен во Германија – и во соседните земји, на предлог на Клара Цеткин, која беше член на Германската социјалистичка партија и клучна фигура во германското движење за правата на жените.

Германски постер за Меѓународниот ден на жената, 8 март 1914 година. Овој постер беше забранет во Германското Царство (1871-1918)

На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири. На запад во 1920-тите одбележувањето на 8 март полека запре, а оживеа во 1960-тите.

Во декември 1977 година, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која 8 март го прогласи за Меѓународен ден на жената, првично избран за Меѓународен работен ден на жената.

Меѓународниот ден на жената се одбележува на различни начини ширум светот, тој е државен празник во неколку земји, а во други се одбележува социјално или локално за да се слават и промовираат достигнувањата на жените. Во Сојузна Република Германија Берлин е првата покраина што во 2019 година го прогласил Меѓународниот ден на жените, 8 Март, за неработен ден.