Заменик претседателот Горан Николоски и референтот Симона Лупу остварија средба со Ксенија Чочкова, менаџер во културата и книжевен преведувач од германски јазик, преку зум платформата (Zoom).
Г-ѓа Чочкова ја поздрави иницијативата на Централниот совет на Македонците за воспоставување контакт и за размислување на можностите за соработка во областа на култура и литература.
Управниот одбор на Централниот совет на Македонците во Германија и благодари на г-ѓa Чочкова за средбата и и посакува понатамошен успех.
Ксенија Чочкова е родена во 1979 година во Скопје. Студира германски јазик и книжевност, а подоцна и европски интеркултурни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во родниот град. Чочкова е еден од основачите на Културниот центар ЦК и на Центарот за драмски уметности ЦДА Т-хаус во Скопје. Таа е менаџер во културата и куратор на многу изложби, конференции, фестивали и работилници во Македонија и во странство. Во 2008 и 2009 година, таа беше стипендист на програмата „Менаџери на културата од централна и источна Европа“ на Фондацијата Роберт Бош во културниот центар „Е-Верк‟ во Фрајбург. Фокусот на нејзиниот интерес се општествените процеси и културната политика со посебен осврт на земјите од Југоисточна Европа. Како соработник во Државната уметничка галерија на Баден-Баден, таа работеше на изложбен проект за европското граѓанско општество во 21 век.
Денес Чочкова работи хонорарно како книжевен преведувач и културен менаџер во Германија и во Македонија. Досега има изработено 40 преводи за различни издавачки куќи од Македонија. За своите преводи добива разни стипендии и учествува на преведувачки резиденции. Од германски на македонски превела дела од Бертолт Брехт, Фридрих Шилер, Фридрих Диренмат, Јудит Херман, Алида Бремер, Бернхард Шлинк, Зигфрид Ленц и други. Исто така, преведува и поезија за меѓународната интернет-страница lyrikline.org.