Во Битола, Штип и Скопје од 9 до 12 март ќе се одбележуваат 80 години од 11 Март – Денот на депортацијата на 7144 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка.
11 Март побудува длабоки емоции кај еврејската заедница на Македонија затоа што нѐ потсетува на еден трагичен настан од минатото кога 7.144 Евреи од Вардарска Македонија биле депортирани во Треблинка. Одбележувањето на овој ден се прави секоја година со цел да се сеќаваме за никогаш да не се повтори.
Македонското собрание информираше дека негови делегации ќе положат цвеќе на спомен-обележја во овие три града од кои биле најбројни депортираните македонски Евреи во 1943 година.
Со комеморативна програма, во Битола беа одбележани 80 години од холокаустот на македонските Евреи. На комеморацијата присуствуваа Шефот на Мисијата на ОБСЕ г-дин Килиан Вал, заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф, други претставници на дипломатскиот кор, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставници од Советот на општина Битола, претставници на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, како и други делегации и гости.
Директорот на Фондот на холокаустот Горан Садикаријо, внукот на Хаим Садикарио преживеам од холокаустот и претседателот на Фондот на хололаустот Иван Николиќ правнук на последниот битолски Рабин Аврам Романо не забораваат и порачуваат дека без сеќавање нема иднина.
„Денес се потсетуваме на минатото во кое Евреи живееле на овие простори, негувале своја култура и традиција и оставиле траен печат и белег во нашата историја. И, после 80 години, страшните злосторства и депортација во логорот на смртта во Треблинка на 798 семејства со 3.351 битолски Евреи, наши сограѓани, 11 март претставува болно сеќавање на Битола за луѓето кои на суров начин ги загубија своите животи. Нашата порака во денешнината е никогаш да не дозволиме злото против човештвото да се повтори”, изјави градоначалникот Тони Коњановски.
Претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, во битолскиот Офицерски дом потсети дека со депортирањето на 7.144 Евреи, Македонија загуби 98 проценти од вкупната еврејска популација, а денес во Битола не живее ниту еден Евреин.
„Поминаа 80 години, а никој не се врати, но се уште има живи сведоци кои го паметат тоа студено мартовско утро од 1943 година кои се сеќаваат како бугарските фашисти ги собираа од нивните домови, ги фрлаа во сточни вагони за да ги однесат на пат со неповрат. Тогаш, 3.276 битолски Евреи кои беа однесени во Треблинка никогаш не се вратија. За жал, идеите за уништување на Евреите постојат и денес. Денес во делови на светот, но и во срцето на Европа, да бидеш Евреин повторно станува многу опасно и затоа потсетуваме, опоменуваме, да не се заборави“, посочи Леви.
Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска истакна дека на 11 март, битолчани секогаш ја наведнуваат главата од почит кон своите 3 350 жители, македонски Евреи, за никогаш да не се повтори.
Таа додаде дека Битола никогаш нема да го заборави тоа злокобно мартовско утро пред 80 години кога за последен пат 973 еврејски семејства го пречекорија прагот од своите домови. Истиот ден, со 14 сточни вагони почнала депортацијата на битолските Евреи. Првата станица бил логорот кај Скопскиот монопола, а следната и последна логорот Треблинка.
“Денеска не им судиме на злосторниците и на нивните слуги. Денеска го чуваме од заборав нивното злосторство, за никогаш да не се повтори. Споменот за направеното злосторство е најголемиот кошмар за злосторниците и за нивните поколенија. Ќе му оддадемe почит на доктор Хаим Абраванел, првиот лекар специјалист кој Битола го памети како врвен професионалец и голем човек, човек кој го подигна Здравствениот дом во Битола. Денеска ќе ѝ оддадеме почит и на храбрата Естреја Овадија, со партизанско име Мара. Загинала на неполни 22 години бранејќи ја својата Македонија од фашистичкиот окупатор. Прогласена е за народен херој. Естреја била една од стотиците македонски Евреи кои им се приклучиле на партизанските одреди. И покрај сите материјални сведоштва“, додаде Костадиновска-Стојчевска, „некои и по 8 децении го негираат Холокаустот, затоа ним и денеска, од антифашистичка Битола, ќе им порачаме – Никогаш повеќе!“
На 10 март, собраниска делегација положи цвеќе пред Споменикот на депортираните Евреи во Штип. Во недела, 12 март, собраниска делегација ќе оддадат почит на жртвите Евреи од Скопје. Цвеќе ќе биде положено и пред Споменикот на 7144 македонски Евреи во Тутунски комбинат-Монопол и пред Споменикот на депортираните Евреи и Споменикот на паднатите борци во НОБ на Еврејски гробишта – Градски гробишта Бутел.
На чествувањето по повод 80 годишнината од депортацијата на 3.350 битолски Евреи во логорите на смртта, не дојдоа претставници на амбасадата на Бугарија во Македонија, ниту пак од генералниот конзулат во Битола. Пред споменикот на жртвите од холокаустот во Битола, се поклонија граѓани, политичари, гости од Израел, амбасадори и конзули на повеќе држави меѓу кои и на Германија, Франција, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Од Еврејската заедница велат дека испратија покана до сите конзулати и амбасади во земјава.
“Покани се испратени до целиот дипломатски кор. Ние имаме одбележување и комеморација три дена. Кој каде ќе дојде секој сам одлучува“, изјави Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница. Леви вели дека Европа не смее да дозволи притисок врз Македонија за промена на историската вистина, а провокациите од Бугарија со отворање клубови на докажани соработници на фашистите не водат кон прогрес.
“Тоа не се билатерални прашања, тоа се мултилатерални прашања и за тоа треба да биде загрижена цела Европа и целиот свет. Се знае која беше фашистичката оска, се знае кој ги собра невините еврејски жртви“, вели Леви.