Шанса за Македонија е, преку претседавањето со ОБСЕ од почетокот на идната година, да може јасно да порача дека повеќе нема простор за непочитување на меѓународното право по ниту една основа, а секој што го прекршува меѓународниот правен поредок, треба да се соочи со последиците на своите незаконски дејства.
СПОРЕД КОЛЕКТИВНО ПРАВО ОД ВТОРАТА ГЕНЕРАЦИЈА ИМПЕРАТИВНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО:
Почитувањето на меѓународното право стана императив кај повеќето политичари низ светот, кои по децениите флагрантно прекршување на меѓународниот правен поредок, најчесто поради остварување хегемонистички цели, сега одново повикуваат на враќање кон правниот поредок.
Можат да се набројат повеќе точки во кои е прекршено меѓународното право кога станува збор за Македонија
За жал, меѓу оние што врз свој грб најдобро почувствуваа и продолжуваат да чувствуваат што значи прекршување на меѓународното право е Македонија, која од идната година го презема претседавањето со ОБСЕ и која конечно може да истапи и јасно да порача дека повеќе нема простор за непочитување на меѓународното право по ниту една основа, а секој што го прекршува меѓународниот правен поредок, треба да се соочи со последиците на своите незаконски дејства.
Според Игор Јанев, научен советник и професор по меѓународно право на Институтот за политички науки во Белград, можат да се набројат повеќе точки во кои е прекршено меѓународното право кога станува збор за Македонија, особено со Преспанската спогодба и со Договорот за пријателство и соработка со Бугарија.
– Со Бугарскиот и Преспанскиот договор се одземени следните човекови права:
- правото на слободна мисла
- правото на говор
- правото на изразување
- правото на слободно творештво во науката и културата
- правото на слободно информирање
- правото на сопственото убедување, вера и совест
- правото на самоидентификација
- правото на самодефинирање на јазикот
- правото на независно самодефинирање на историјата и културата
- правото на самостојно уредување на образование и самодефинирање на образовниот процес
- правото на непречен и независен културен развој
- правото на самостојна културна самоидентификација и самоопределување, во секоја смисла – наведува професорот Јанев
Кои уште права му се одземени на македонскиот народ според новото колективно право (од втора генерација)
Според него, не само што се загрозени основните човечки права, со овие два договора се загрозени и правата што треба да ги има секоја независна држава.
– Со Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија се загрозени основните права на една држава:
1. правото на суверена еднаквост (правна еднаквост на државите)
2. политичка независност
3. немешање во строгата внатрешна јурисдикција на државите (немешање во внатрешните и надворешните работи)
4. самоопределување
5. недискриминација во членството на ОН и Агенциите на ОН
6. недерогирање на правната личност на државата-членка на ООН (внатрешна и меѓународната правна личност)
7. невршење етноцидни, геноцидни или културоцидни акти насочени кон народот што живее во државата-членка на ООН
8. неинтереферирање во надворешните работи и надворешната јурисдикција на државата – прецизира професорот по меѓународно право
Тој уште смета дека покрај овие горенаведени права, на македонскиот народ му се одземени и правото на националност и правото на национален идентитет.
– Станува збор за ново колективно право (од втора генерација), кое е императивно меѓународно право, истакнува професорот Јанев.
За Игор Јанев, македонски професор по меѓународно право
роден 1964 година во Белград, докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1994 година, а пост-докторски студии завршил во САД, Вашингтон, School of Foreign Service), Шарлотсвил (Department of Politics – Government & Foreign Affairs) и Медфорд – Харвард (The Fletcher School of Law and Diplomacy) во дисциплините на меѓународната политика и меѓународното право. Член е на неколку престижни меѓународни здруженија за мегународно право и меѓународни односи, мегу кои се ASIL и ACUNS.
Игор Јанев е и член на Њујоршката академија на науките (NYAS). Од 2000 година Игор Јанев бил вработен во Институтот за политички науки во Белград, а во 2010 година ја добива и највисокота научна титула Научен советник (во ранг на редовен професор на Универзитетот во Белград).
Јанев објавил над 160 научни трудови пред сè во мегународни списаниjа надвор од Македонија, како и 18 книги и монографии од областите на меѓународната политика, надворешената политика и на меѓународното право и организации.
Извор: Нова Македонија, “На македонскиот народ му се одземени правото на националност и правото на национален идентитет!”, 29.08.2022
Автор: Сашо Таневски