На интернационалната туристичка берза (ИТБ) 2023 во Берлин нашиот член на Управниот одбор, Роберт Пирковски се сретна со г-ѓа Валентина Переска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
Р.П.: Голем поздрав до Вас и благодарност што прифативте интервју со нас. Пред се, би Ве замолиле да им се претставите на нашите читатели во Германија?
В.П.: Благодарам за укажаната чест и можноста да поразговараме во врска со саемот за туризам кој минатата недела се одржа во Берлин, но и за можностите и плановите кои Македонија ги има на полето на туризмот.
По занимање сум туризмолог, магистрирав на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а работните обврски ми се поврзани со туризмот од 2009та година. Сопруга и мајка на две деца, професионални спортисти и двајцата репрезентативци. Љубовта кон нашата земја ни претставува мотив за постигнување високи резултати кои значат промоција за Македонија, на секое поле.
Р.П.: Каква е вашата позиција и какви се вашите активности на ИТБ Берлин, најголемиот туристички настан и саем за туризам во светот?
В.П.: Во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот работам од нејзините почетоци и во моментов ја извршувам работната позиција Советник за админситративна поддршка на проекти, во одделението за поддршка, во Струга. Поголемиот дел од работните обврски подразбираат развој на проекти, субвенционирање на странски организиран туристички промет, но и промотивни активности во туризмот.
На саемот за туризам во Берлин, кој оваа година имаше изменет концепт со концентрирани Б2Б средби, настапивме после тригодишна пауза поради пандемијата.
Како носечка институција за туризам во Македонија, во соработка со туристичкиот сектор, на саемот за туризам во Берлин имавме за цел да ги обновиме и продлабочиме веќе воспоставените деловни односи, да покажеме што имаме во својата понуда и да трасираме пат кој ќе го минуваме во насока на градење на одржлива туристичка дестинација и постигнување на зацртанатa цел, а тоа е постигнување и надминување на резултатите од 2019та година.
Р.П.: Што се понуди ново на македонскиот штанд?
В.П.: Оваа година во која закрепнува туризмот, со исклучително изразена добра волја од целокупниот туристички сектор се презентиравме на саемот во Берлин, подготвени со нови промотивни материјали, со нови туристички продукти, кои не прават диверзивни, атрактивни, конкурентни. Репрезентативниот изложбен простор на Македонија го делеа 10 коегзибитори Fibula Travel Macedonia, Camellia Travel Agency Touring Macedonia Ghotels Skopje, Hotel Gold, Општина Ресен, ABC Rent a Car Tours, Wish-co Travel, ТАV Airports.
Нашата земја е во чекор со останатите дестинации во намерата да создадат поотпорен и одржлив туризам, кој има позитивен придонес за локалната заедница и животната средина, што беше мотив директорот на АППТ, д-р Љупчо Јаневски да склучи меморандум за соработка со г-дин Алберт Салман, претседател на Green Destinations-сертифицирана и наградувана програма за имплементирање на практики за развој на одржлив туризам од Холандија.
Во соработка со СИППО – Швајцарска програма за поддршка на извозот, АППТ потпиша три Меморандуми за соработка со:
- Германската организација “ASR”- Алијанса на независни туристички трговци Р.А. која ги застапува интересите на самовработените средни бизниси во германската туристичка економија, со главниот фокус на основање на меѓународни партнерства,
- Германската организација “FAR”- водечка мрежа на германски тур-оператори посветени на применување практики за одржливост на дестинациите
- Холандската непрофитна организација ”TraveLife”-програма за промоција на одржливост во туризмот која предвидува обуки, акциски планови, извештаи насочени кон туристичкиот сектор
Р.П.: Што нудите на туристите, особено на германските за да посетат повеќе македонски дестинации како што се Охрид, Мврово, Матка, Дојран и др.?
В.П.: Македонија на саемот за туризма во Берлин разбуди огромен интерес и се претстави како неоткриена дестинација од помладите и вредна за посета од страна на повозрасните кои пред многу години ја посетиле и сакаат повторно да сведочат за нејзиниот развој.
Следејќи ги преференците на германците за сонце и спортски активности, се доаѓа до констатција дека целокупниот потенцијал ја прави Македонија атрактивна дестинација за одмор која може да им понуди уникатни искуства. Не изостанува и понудата за т.н. дигитални номади, кои оставаат значителен приход во македонската локална економија и кои овозможија Скопје да се најде на второто место на листата дестинации што изминативе пет години имаат најголем пораст на лица што работат од далечина. Крушево, Струмица, Битола, Берово, Тиквешкиот регион, Шапка и Маврово, Гевгелија се дел од македонската туристичка мапа, но најатрактвини и најпосетени се Скопје, Охрид, Струга и Дојран… Постојат потенцијали, но потребна е зголемена визуелизација, промоција, нова перцепција, ребрендирање, инвестирање во квалитетот на услугата и сместувачките капацитети.
Р.П.: Дали саемот во Берлин е искористен и за промоција на настаните поврзани со туризмот и плановите на Македонија за годинава?
В.П.: ИТБ Берлин беше извонредна можност и Македонија да ги промовира настаните и проектите и сите инспиративни приказни кои ќе се реализираат во иднина. На саемот се поставија низа темели и зачетоци, на кои ќе треба сите да работиме со цел нивна успешна реализација. Се започна со преговори за чартер линијата Букурешт – Охрид, се одржаа состаноци со туроператорот ТУИ кој изрази подготвеност за поставување на трета дестинација за 2024 година од која ќе оперираат со чартери, зголемувајки го бројот на туристи. Се реализираа средби со полски туроператори за зголемување на портфолиото на програми од Македонија со вклучени нови атракции и кружни патувања за седум дена во нашата дестинација. Разговори со БиБиСи кои понудија одлични услови за соработка и визуелизација на македонските туристички потенцијали преку нивните канали на комуникација. Преговори со туроператори од Чешката Република за посета на зимските центри и Охридско-Струшкото крајбрежје во сезона 2023/2024. Македонскиот изложбен простор беше посетен од македонскиот амбасадор во Берлин, НЕ Васко Грков, при што ја користам оваа можност да искажам благодарност за одличната логистика и соработка, од името на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и од мое лично име.
Покрај презентација на традиционалните туристички понуди, дали Македонија посвети внимание и на понудите поврзани со културното богатство и природните убавини? Каде ќе се става акцентот во иднина?
Во фокус се природните убавини на земјава, вклучувајќи ги и спортските активности и останатите авантуристичките форми на туризам, руралните дестинации и региони, културно –историското богатство и ено-гастро концептот, кој се промовира како туристичка форма вредна за доживување.
Водејќи се од заложбите и програмските активности, кои ќе донесат бенефит во секој туристички регион во нашата земја, Агенцијата користи различни промотивни алатки кои овозможуваат таргетирана, комплетна, сеопфатна и посуштинска промоција, како што се саемите, информативни патувања, промотивни кампањи во медиуми, социјални мрежи, билборд кампањи и сл.
Во прилог на ова, иницијативата “Отворен Балкан”, гледано од туристички аспект ќе овозможии поголема координација и соработка и поттикнување на туристичките групи да ги посетат земјите, со цел зголемување на туризмот во овој дел на Европа, со што се нуди еден комплетен туристички производ и пред германските туристи.
Р.П.: Дали има Македонија капацитет и услови за еко-туризам?
В.П.: Македонија изобилува со недопрени подрачја, со голем број природни убавини, богат биодиверзитет и културно-историско наследство, многубројни археолошки наоѓалишта и еколошки чистите предели, убави пејзажи, традиционална храна и вино, кои ја прават атрактивна дестинација.
Природното наследство кое е од исклучителна важност за екотуризмот и неговиот развој е препознаено во Македонија од голем број туристи.
Македонија претставува ретка композиција во која мошне складно се испреплетуваат голем број високи планини богати со дивеч, пештери, интересни леднички езера, бројни висорамнини, богати и мошне плодни низини, клисури, долини, многубројни атрактивни водотеци богати со риба.
Екотуризмот може да се сретне во сите форми на алтернативниот туризам во Македонија. Понудата за екотуризам сѐ уште е скромна кај нас поради малиот број сместувачки капацитети во руралните делови на Македонија со еколошки стандарди, но со силно интегрирање на сите чинители во туризмот на локално ниво ќе се добијат очекуваните максимални ефекти кои ги нуди екотуризмот во економскиот развој, нови зелени работни места и стопирање на миграцијата.
АППТ спроведува и еко-туристичката кампања #ЧистоКакоДома, чија цел е подигнување на еколошката свест кај сите чинители во општеството, преку менување на навиките со практикување на постојани активности за одржување на еколошки чиста животна срединa. Промовирање на дестинации погодни за развој на еко-туризмот со 0 отпад во туристички дестинации. Се мапираат потенцијалните точки и региони кои нудат можност за развој на авантуристичките форми на туризам и нивна одржливост. Македонија нуди неограничени можности за сите авантуристички форми на туризам од типот на еко туризам, набљудување на птици, џип сафари, искачување по карпи, параглајдинг итн. Крушево, Маврово и регионот околу Шар планина се примарните дестинации на кои ќе се работи за постигнување на одржливост, а веднаш зад нив се Демир Капија, Смоларски водопади, Пониква, Преспа, Беласица, Прилеп, Струга, Вевчани и други.
Р.П.: Дали и годинава за учество на саемот покажал интерес македонскиот туристички сектор кој што присувството во Берлин може да го искористи за промовирање на своите понуди пред потенцијалните светски партнери?
В.П.: За саемот во Берлин, постоеше огромен интерес од страна на туристичкиот сектор и фактот што имавме 10 коегзибитори од различни алки во синџирот наречен туризам, укажува на тоа дека сме подготвени за новите туристички предизвици. Од направената анализа, присутните саемот го оценуваат како мошне успешен, за време на кој ја продлабочија претходно воспоставената соработка, но се направија и нови договори и се отворија нови можности за соработка. Присутните имаа можност да дознаат каде се движи целокупната светска туристичка индустрија и да се прилагодуваат на тој пат кон заздравување на туристичкиот сектор. Ова е шанса и за македонскиот туристички сектор да покаже како ја движи индустријата.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заедно со сите чинители во туризмот, во 2022г. придонесе да се дстигнат 480 милиони долари од туристички промет и 2.9 милиони ноќевања, а сега се движи кон остварување на целта за 2023г, а тоа е достигнување на 550 милиони долари во БДП од туристички промет и 3,2 милиони ноќевања.
Земјава е во првите 10 дестинации според девизниот прилив од туризмот, согласно податоците од UNWTO (светска туристичка организација), забележан е систем на повторно враќање на туристичката индустрија, односно за 2022 година има враќање на странските туристи за 70% во однос на годините пред пандемијата.
Р.П.: За крај ви посакуваме многу успех, Ви благодариме за интервјуто.
В.П.: Благодарам уште еднаш и посакувам во најскоро време да се реализираат зацртаните активности во соработка со нашата амбасада во Германија, со вас како наши претставнници и со сите чинители, со кои македонските туристички потенцијали ќе бидат поблиску претставени пред германските потенцијални туристи.
Ја користам оваа пригода да ги поздравам членовите на Централниот совет на Македонците во Германија и сите ваши читатели и да ве поканам вашето наредно туристичко патување да биде во Македонија.