Раководството на Централниот Совет на Македонците на 23 јануари 2022 година преку платфомата Zoom оствари средба со претседателот на Советот за интеграција во Дизелдорф, Гоце Пероски.
Теми на разговор беа работата, задачите и реизборот на Cоветот за интеграција во градoт Дизелдорф.
Во интервју, г-дин Пероски објасни дека Советот за интеграција е гласноговорник на луѓето со миграциско потекло. Во ова тело на Градскиот Cовет на Дизелдорф, директно избраните претставници на луѓето со миграциско потекло работат заедно со членовите на советот на еднаква основа. Фокусот е на различните прашања околу темата за интеграција. На пример, советот за интеграција одлучува за признавање и поддршка на мигрантските организации и развива идеи за понатамошен развој на понудите за интеграција. Членовите на советот за интеграција работат на доброволна основа.
Cоветот за интеграција е единственото тело во Градскиот Cовет на Дизелдорф кое врши сопствена работа за односи со јавноста и го поддржува организирањето на настани. Изборите на Советот за интеграција се единствениот начин државјаните на Дизелдорф кои не се членки на ЕУ да изберат претставници во политичко тело.
Г-дин Пероски беше ставен како кандидат на отворената листа (GioL), иницирана од партијата на зелените во Дизелдорф (GRÜNEN Düsseldorf) за изборите на Cовет за интеграција во главниот град на покраината Северна Рајна-Вестфалија и успеа да победи на изборите за интеграција што беше одржувано паралелно со локалните избори на 13 септември 2020 година. Вкупно десет претставници беа директно избрани за законодавниот период од 2020 до 2025 година. Вкупниот број на места во советот за интеграција беше одреден на 19 од страна на Градскиот Cовет на главниот град на покраинатa. Главно се состои од десет лица кои треба да бидат директно избрани и девет лица што ќе ги именува Советот од неговите членови.
На конститутивната седница на комисијата на 02.12.2020 г., г-дин Пероски доби најмногу гласови. Ова е втор пат, по Павле Маџиров, Советот за интеграции во Дизелдорф да го води претседател со македонски корени.
Гоце Пероски е учител по англиски и германски јазик во интегрирано училиште во Дуизбург. Израснат во близина на Штутгарт, тој живее во Дизелдорф десет години. Г-дин Пероски е член на Советот за интеграција од 2014 година, а претходно беше и заменик претседател.