
Берлин, 4 мај 2025 година – По покана на амбасадорот на Република Македонија во Германија, Н.Е. Илбер Села, претседателот на Централниот Совет на Македонците во Германија, Роберт Кленкоски, учествуваше на свечена дебата по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, која се одржа во просториите на Амбасадата во Берлин.
Во своето обраќање, Кленкоски го истакна значењето на јазикот како темел на националниот идентитет и духовната врска со татковината:
„Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, тој е основа на нашиот идентитет, на нашата историја и на нашата врска со Македонија.“
Тој упати апел за заедничка одговорност во зачувувањето на јазикот и културата, особено во дијаспората:
„Македонскиот јазик е жив, додека го зборуваме и пренесуваме. Но, за да продолжи да живее, мораме сите да се посветиме на него.“

На настанот свои излагања имаа и:
- Н.Е. Илбер Села, амбасадор, со воведно обраќање
- Д-р Панче Велков, директор на Музејот на град Скопје
- Ана Смилевска, наставник по дополнителна настава по македонски јазик во Берлин
- Маја Стојановска, претставник на МПЦО „Св. Климент Охридски“ во Берлин, која говореше за улогата на црквата во негувањето на македонскиот јазик
Кленкоски упати и искрена благодарност до сите македонски наставници во Германија кои со ентузијазам и лична посветеност го пренесуваат јазикот на младите генерации. Настанот уште еднаш ја потврди живоста и цврстината на македонската културна мрежа надвор од татковината.
Обраќањето го заврши со силна порака која одекна низ салата:
„Да живее македонскиот јазик! Да живее Македонија!“