Во фокусот на иднината: Интервју со Јован Јаулески

Ексклузивно интервју со Јован Јаулески: Пратеник и кандидат за ИЕ 5 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Твоја Македонија’, со Централниот совет на Македонците во Германија

1. Економски развој и работни места:

Како идна власт во Македонија, кои конкретни мерки планирате да ги преземете за стимулирање на економскиот раст и креирање на нови работни места ?

Како планирате да ја вклучите дијаспората и да ја искористите нивната експертиза, кои како потенцијал и ресурс можат да помогнат во економскиот развој?

Во делот на економијата и нејзин развој, ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма има доста конкретни мерки кои ќе придонесат во поквалитетен живот за македонските граѓани.

Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во периодот 2024 – 2028 година ќе создаде предуслови за нов циклус на економски раст. Тој ќе се базира врз главниот принцип на економската програма на ВМРО-ДПМНЕ т.е. поттикнување на економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Реализацијата на висок износ на јавни капитални инвестиции, посилна и финансиски поддржана инвестициска активност на домашните производни компании, влезот на странски компании и стабилизација на надворешното окружување ќе бидат основни двигатели на економскиот раст.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се заложи и за зацврстување на системот на социјална грижа. Голем број наши граѓани имаат потреба од социјална грижа и поддршка. ВМРО-ДПМНЕ ќе води посебна грижа за самохраните родители, многудетните семејства, лицата со попреченост и за болните. Социјалната помош ќе продолжи да се зголемува. За пензионерите ќе обезбедиме по 5 000 денари повеќе за пензии во првата година од мандатот. Со тоа ќе придонесеме за подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи и на зголемување на квалитетот на работната сила преку формалното образование, континуирани обуки, програми за преквалификација и доквалификација, со цел зголемување на вработеноста, продуктивноста и отворање на нови високоплатени работни места. Во инклузивен процес со претставниците на бизнис секторот, средните училиштаи факултетите, и сите релевантни државни институции и невладиниот сектор ќе пристапиме кон сеопфатна анализа на пазарот на труд, со цел детектирање на системските слабости и недостатоци, како и можностите за негова модернизација.

Целта е до крајот на 2028 година да отвориме нови 55 000 работни места.

2. Образование и развој на кадри:

На кој начин ќе го зајакнете образовниот систем во Македонија за да се остручат висококвалитетни кадри што би одговарале на барањата на модерниот пазар на труд?

Кои мерки ќе ги превземете за да го спречите одливот на мозоци и на кој начин ќе ги охрабрите младите македонски висококвалитетни и талентирани да останат и да работат во својата земја?

Планирано е формирање на координативно тело кое ќе спроведе реформи во координација со сите инволвирани, да помогнеме да се креираат програмски планови согласно пазарот на труд, поддршка на студенти за природно математички и техничко технолошките науки, мерки за наставнички факултети како и професијата наставник да си го добие заслуженото место во општеството. Исто така се обврзуваме дека ќе ги изградиме популарните згради на ФИНКИ и на ФФК, оваа влада буџетира средства за изградба на тие објекти шест години и не видовме ништо, зградите само пропаѓаат.

Дополнително, предвидено е учениците да го посетуваат наставниот процес во една смена.

Она кое што е вистински важно е дека ќе има учебник да има секое дете, завршува голготата на родителите и учениците.

3. Борба против корупција и засилување на владеењето на правото:

Каква е состојбата со корупцијата и владеење на правото во Македонија и какво е нивното влијание врз бизнисот?

На кој начин ќе го направите тоа, со кои конкретни чекори ќе ги преземете за да ја вратите довербата на населението во правосудството и владата?

Нивото на корупција во Република Македонија во изминатите години е во постојан пораст. Корупцијата го разјадува здравото општество. Корупцијата ја повредува конкурентноста, слободата на пазарот, претриемливоста и го спречува општествениот развој. Системот во Македонија е целосно уништен од корупција, непотизам, трговија со интереси и организиран криминал, кои се длабоко вкоренети и секојдневно ги повредуваат правата на македонските граѓани.

Приоритет на новата Влада е безмилосна борба со корупцијата и казни за корумпираните носители на јавни функции. Со јасни правила, корумпираните носители на јавни функции ќе бидат онеспособени и спречени да го корумпираат општествениот систем. Преку дигитализација на услугите ќе се намали субјективниот човечки фактор во процесите на одлучување. Ќе се воспостави и ефикасен систем за превентива, надзор и ревизија на работењето на јавните институции.

Одлучна, неселективна и бескомпромисна борба против корупцијата и владеење на правото е услов за економски раст и развој на Македонија. Елиминацијата на корупцијата создава солидна економска основа за граѓаните да се мотивираат да останат во Македонија.

4. Инфраструктура и регионален развој:

Кои проекти и мерки ќе ги поддржите за да се подобри инфраструктурата и да се потикне руралниот развој на запоставените региони и села во Македонија?

Како планирате да ја зголемите соработката со меѓународните партнери и инвеститори, за да ја стимулирате модернизацијата и подобрувањето на инфраструктурата?

Приоритет на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде инвестиции во капитални проекти, пред се во сообраќајната, комуналната и образовната инфраструктура. ПРедвидени се инвестиции од 250 милиони евра годишно од централниот буџет за капитални проекти во сите општини, или една милијарда евра за мандат од 4 години.

Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе креира 10 годишна нова стратегија за привлекување на гринфилд и браунфилд инвестиции и ќе направи реформа во системот на поддршка на странските инвестиции и на извозот, значи и за домашните компании.

Со големо задоволство ви го пренесуваме ова интервју со Јован Јаулески, активен пратеник и кандидат за пратеник на ИЕ 5 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Неговите презентирани планови и визии за економски развој, образование, антикорупциски и инфраструктурни инвестиции претставуваат прозорец кон светла иднина за Македонија. Со најискрени благодарности од Централниот совет на Македонците, го споделуваме ова интервју како значаен дел од дијалогот за напредок и демократскиот процес на одлучување во нашата Македонија.