Ремек-дело на Петре М. Андреевски преведено од македонски на германски јазик од Бенџамин Лангер
Cо неговиот роман “Пиреј” напишан во 1980 година, Петре М. Андреевски (1934–2006), македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор, ja опишува Македонија на почетокот на 20 век. Во Република Македонија, „Пиреј“ е одамна познат и школска лектира. Во првиот германски превод на Бенџамин Лангер, германската читателска публика сега дознава и за судбината на Јон и Велика, селска двојка од едно мало село во планините, кое е зафатено од пресвртите во македонската историја.
Времето на случување cе Балканските војни, Првата светска војна и годините по овие драстични искуства. Cопружниците Јон и Велика раскажуваат за нивните животи во поглавја кои постојано се менуваат – и покажуваат како тие се речиси здробени меѓу политичките пресврти, барањата за сопственост и споровите. Местото на случување cе селото на Јон и Велика, во Македонија каде тогаш биле стационирани многу војски – српски, бугарски, француски, англиски, германски и австриски, но војниците биле најмногу од Македонија. Исто така, романот раскажува за тоа што се случило на фронтот.
Насловот на романот е симболичен, односно преку троскотната трева пиреј, авторот го прикажува својот непокорлив народ. Лазор Ночески, спореден лик од романот, народен мудрец, јасно нагласува:
„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“
Всушност преку оваа симболика изразена е и темата и идејата во романот. Темата е животот на двајца сопружници, Јон и Велика, и нивните страдања за време на војните, а идејата е дека Македонецот опстојувал и ќе опстојува.
Рецензија на романот “Пиреј”
Објавениот превод на Бенџамин Лангер бил широко и многу позитивно оценет од германските книжевни критичари.
Романот Пиреј е култна книга во македонската книжевност. Уште со неговата прва објава во 1980 година, критичарите во своите оценки го нарекоа роман-меѓник во македонската белетристика. И набргу стана една од најчитаните книги, безмалку прифатена како еден вид македонска библија во која, секој на свој начин, ја препознава колективната голгота од нашето историско паметење. Со својата едноставна раскажувачка рецепција и широкиот радиус на богато јазичко зрачење, со многуслојните содржини од човечки судбини и настани, Пиреј речиси веднаш и подеднакво им стана близок на сите. Незгаснатиот интерес на читателската публика за овој роман е показ за неговото неогранично време на траење.
Романот Пиреј се смета за ремек-дело на авторот и едно од главните и најзначајните дела напишани на македонски јазик во текот на 20 век. Преведен е на хрватски, англиски и руски јазик.
За авторот
Петре М. Андреевски е роден во демирхисарското село Слоештица, во 1934 година. Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центари на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, а во 1983 година бил и негов претседател). Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. По неговата смрт, на 9 октомври 2007 година, Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, посмртно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.. Година дена по неговата смрт, на 9 октомври 2007, Претседателот на Република Македонија – Бранко Црвенковски, постхумно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.
За преведувачот
Бенџамин Лангер е роден во 1976 година во Ерланген. Студирал германистика и историја на уметноста во Бамберг и во Будимпешта. Од 2005 до 2009 година, работел како лектор по германски јазик на Катедрата за германски јазик и книжевност при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2009 година, живее во Берлин, каде што на „Слободниот универзитет“ работи како координатор на меѓународната соработка со Кина и преведува македонска книжевност на германски јазик. Досега има преведено неколку романи на Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Петре М. Андреевски, како и други книжевни текстови. Во 2017 година, Македонската академија на науките и уметностите му го врачи меѓународното признание „Блаже Конески“.
Петре М. Андреевски: “Quecke” (Пиреj)
Превод од македонски на германски јазик од Бенџамин Лангер
Со поговори на Бенџамин Лангер и Гоце Смилевски, илустрации на Валерија Гордеев
445 страници, Издавачка куќа Guggolz, Берлин 2017 година
ISBN 978-3-945370-13-1