Раководството на Централниот Совет на Македонците на 15 јануари 2022 година преку платфомата Zoom оствари средба со германскиот поет Матиас Брониш.
Г-дин Брониш ја понуди својата поддршка и соработка во областа на културата и литературата, а се согласи и на опширно интервју.
По студиите по историја на уметност, археологија и книжевност во Минстер и Хамбург, Брониш работел како лектор во поранешна Југославија од 1963 до 1966 година. По неговото време како кандидат за чиновник и наставник во Бремен, Брониш работел од 1971 до 1976 г. како лектор на Универзитетот во Скопје, Македонија и до 2000 г. како учител во Билефелд. Член е на Друштвото на германските писатели (VS) и на Друштвото на германските писатели PEN-Zentrum Deutschland.
Брониш објави преводи од македонски на германски (поезија и проза) и сопствени дела преведени на македонски и на други јазици. Неговите најпознати преводи од македонски на германски се:
Македонија. Современи раскажувачи на светот, 23 приказни, на пр. од Блаже Конески, Влада Урошевиќ, Живко Чинго, 1976 г. (Makedonien. Moderne Erzähler der Welt)
Современа македонска поезија, уредник и преведувач, 1978 г. (Moderne makedonische Lyrik)
Блаже Конески, Под белиот варовник на деновите. cтихозбирка, уредник, превод и поговор, 1986 г. (Blaže Koneski, Unter dem weißen Kalkstein der Tage)
Брониш учествуваше на големата светска поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ а во далечна 1978 година ја доби наградата „Григор Прличев“ за превод од Сојузот на писателите на Македонија.
Брониш е уредник на книжевно списание „Тентакел“ во Билефелд, покрај книжевното творештво, тој е активен и како сликар.