Ексклузивно интервју со Јордан Митев: Откривање на тајните зад македонската музичка магија!
Која улога има македонската фолклорна и традиционална музика во вашата работа како музичар и композитор?
ЈМ: Многу важна улога. Традиционалната музика е темелот на кој што јас почнав да ја градам мојата кариера. Така да во многу мои композиции може да се забележи македонски фолклор. Како изминуваа годините јас направив и одредени помодерни работи се со цел да се доближам и до помладата публика, но и ден денес често се наврќам на фолклорот и во таков дух создавам нови композиции. Знаете дека јас освен како пејач и автор ги свирам и макеоднските народни инструменти, така да тоа е дополнителна потврда дека сум цврсто врзан за традицијата.
Вие сте настапувале во различни земји и организирале семинари за македонски фолклорни музичари. Какви искуства сте стекнале и како тие влијаеле на вашата музика?
ЈМ: Да, сум гостувал во многу земји тргнувајќи уште од моите студентски денови. Сум се сретнувал со доста големи музички имиња и сум ја презентриал македонската музика најадобро што знам и умеам низ цела Европа. Тоа беше еден долг пат, многу години секојденва работа и посветеност и како јас созревав како личност така созреваше и мојата музика. Како студент одржував голем број семинари за македонски фолклор, сретнав многу луѓе од секаков професионален калибар а на 19 години го снимкав мојот прв албум. Така да сите искуства кои што ги стекнав во тоа време кога оддржував семинари за македонски фолклор подоцна многу ми помогнаа во професионалната естрадна кариера.
Вашите музички видеа често прикажуваат слики од македонски пејсажи и традиционални сцени. Каков е значајот на овие визуелни елементи за вашата уметничка визија?
ЈМ: Значењето е многу големо, за тој што сака да го види и разбере. Со еден збор јас секогаш сакав и сакам да ја презентирам својата земја во најдобро светло, да ги прикажам убавите страни на мојата земја покрај мојата музика. За сето тоа ниту некој ме натерал, ниту некој плаќал за мене. Тоа се комплетно мои дела, од идеја до комплетна реализација, кои јас од срце ги правам за мојата земја. Тоа за мене е патриотизам. За разлика од многу знаменосци кои својата земја ја величат само кога ќе им биде платено, и тоа дебело.
Како би го опишале влијанието на вашето образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје врз вашата музика?
ЈМ: Видете, добро е образованието да го има човек, иако тоа не е пресудно за успех. Има многу луѓе со образование, па не успеале и обратно, луѓе без образование а успеале. Сепак кај мене слободно можам да кажам дека образованието е еден голем плус, бидејќи јас бев од тие студенти кој сакаше отцената чесно и рално да ја заработи, а не само да земам диплома. Посветив многу време од својот живот на образованието, и да бидам искрен не жалам. Затоа што доброто образование кога ќе се спои со талентот, животното искуство и се останато оформува една комплетна личност.
Кои пораки или емоции се обидувате да ги пренесете преку вашата музика?
ЈМ: Имам создадено песни со различни тематики, и секогаш моите емоции биле и се искрени во моите песни. Затоа и истите допреа до публиката а во нив пренесувам пораки за животот, за татковината, за туѓината за љубовта…се што значи македонски менталитет и сензибилитет во комбинација со постарото и ново време на живеење.
Имате напишано многу песни. Дали има некоја која ви е посебно драга и зошто?
ЈМ: Па сите песни ми се драги бидејќи сите се настанати во одреден мој емоцинален момент. Навистина не би можел да издвојам некоја песна. Еве од поновите мои песни се издвои песната “Наздрави за љубов наздрави за среќа”. Една песна која има силна и јасна позитивна порака и песна која нема рок на траење и момент за изведба . Едноставно песна за секоја пригода. Таа е една од песните на која што сум посебно горд.
Како се развивала вашата музика во текот на вашата кариера и во која насока сакате да продолжите во иднина?
ЈМ: Знам до сега што направив, а како ќе се развивам и до каде навистина не можам да кажам и да предвидам. Знам дека се што ќе направам ќе се вложам максимално за да биде професионално и оригинално и ќе се трудам да оставам силен белег за мене и мојата работа во времето во кое живеам и создавам. Моите цели и амбиции се високи и големи, Господ пред се некаде дава здравје за другото ќе видам како ќе ме носат животните води. Живееме во едно непредвидливо време и тешко може да се каже тоа и тоа би правел.
Кои проекти или соработки планирате за иднина?
ЈМ: И оваа прашање е врзано со претходното. Навистина не би можел да кажам со сигурност што и како. Секако дека ќе продолжам да создавам нови песни и истите да ги презентирам пред мојата публика. Со добрите песни ќе се родат и добри соработки за кои секако јавноста ќе биде информирана.
Како ја доживувате моменталната музичка ситуација во Македонија и какви предизвици гледате за младите музичари?
ЈМ: Во Македонија никогаш не било лесно да се успее. Кога зборувам за успех мислам на реален успех, без тате бате чиче вујче. А токму тоа кај нас го има и тоа во голем процент. Потребна е голема филтрација на многу работи за да се создаде една професионална сцена, за што сум прилилчно скептичен дека тоа еден ден ќе биде бидејќи егото, горделивоста, политиката… се навлезена во се, и квалитетот не се цени и вреднува, туку кој сте, чии сте и дали си од нашите или од вашите. Владее една голема поделеност на нашиот мал простор за работа, бидејќи ние не сме 20 милиони народ па ќе се подели на двапати по 10. А да се оддржува една професионална кариера тоа не е баш така едноставно. Да, секој ќе снима една песна, две, па и ќе му наместат некоја награда, одредени портали ќе го пофалат но тоа не значи дека сте станале професиналец. Ова е долг маратон, кој бара квалитет, континуитет и голем влог.
Која улога, според вас, ја игра традиционалната музика во современата македонска култура и идентитет?
ЈМ: Традиционалната музика ја игра една од главните улоги за идентификација на македонскиот народ, покрај јазикот. Нормално со текот на времето таа еволуира, но, традиционалните темели треба да се чуваат, негуваат и надградуваат бидејќи се додедка тие постојат ќе постои и македонскиот народ.
Со големо задоволство сакаме да му се заблагодариме на господинот Јордан Митев за неговото посветување и време што ги одвои за да одговори на нашите прашања од Централниот совет на Македонците во Германија. Неговата посветеност кон македонската музичка традиција и непрекинатото музичко творење не се само извонредни таленти, туку и значаен дел од нашето културно наследство. Горди сме што имаме таков извонреден амбасадор на македонската музичка сцена, кој преку својата работа ја промовира нашата национална идентичност и култура ширум светот. Со посвета и благодарност, го почитуваме како вистински пример за македонската младина и за сите кои ги следат своите соништа и амбиции. Ти благодариме, господине Митев!