Централниот cовет на Македонците во Германија на сите Македонци им го честита Eвропскиот ден на јазиците

Централниот совет на Македонците во Германија по повод одбележувањето на 26-ти септември, Европскиот ден на јазиците, упати честитка до сите Македонци со порака да го зачуваат македонскиот како мајчин јазик, бидејќи, како што посочува, тоа е најголемото обележје на националниот идентитет, но и да научат и други јазици, зашто тоа е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање.

Европскиот ден на јазиците е можност да се прослават сите јазици што се зборуваат во Европа, вклучително и помалку зборувани и користени од мигрантите.

Сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на македонскиот како мајчин јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, нагласува претседателот Роберт Кленкоски.

Се додава дека важноста на јазичната разновидност и повеќејазичноста е нагласена на Европскиот ден на јазиците, кој секоја година се слави со разни настани на 26-ти септември, по иницијатива на Советот на Европа од 2001 година. Jазичната разновидност е инструмент за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање и важен дел од богатото наследство на европскиот континент.

По повод овој ден Централниот совет на Македонците во Германија потсетува дека за жал и во 21 век Македонците во Албанија, Грција и Бугарија не можат да се образуваат на македонскиот како мајчин јазик.

Заменик претседателот Горан Николоски нагласува дека повеќејазичноста е еден од основните принципи на ЕУ, бидејќи тие се и израз на идеи, вредности и чувства. Станува збор и за демократскиот легитимитет на заедницата: само преку нејзината повеќејазичност ЕУ останува достапна за сите нејзини граѓани. Во 2021 г. Генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ изјавила дека „Европскиот ден на јазиците не потсетува дека сите гласови се важни и заедно можеме да ги премостиме јазичните и културните поделби во општеството“.

5 факти за eвропските јазици

  1. Европските јазици во најголем дел се класифицирани во три големи групи: германски, романски и словенски јазици. Јазиците на секоја група имаат слични корени, но се развивале во различни насоки низ вековите.
  2. Повеќе од половина од сите Европејци се повеќејазични. Еден јазик содржи околу 50.000 или повеќе зборови. Домашните говорници знаат меѓу 15.000 и 20.000 зборови. Во секојдневниот живот, сепак, обично се користат само неколку стотици.
  3. Според официјалните бројки на ЕУ, постојат повеќе од 60 регионални и малцински јазици покрај 24-те официјални јазици на Европската унија. Вкупниот број на говорители на јазиците на малцинствата се проценува на 40 милиони граѓани на ЕУ. Низ Европа има 90 јазици, од кои 37 се зборуваат како национални јазици и 53 јазици кои се сметаат за „бездржавни јазици“.
  4. Во Европската Унија германскиот е најраспространет мајчин јазик. Англискиот е најпопуларниот странски јазик во ЕУ. Германски и француски го делат второто место.
  5. Принципот на повеќејазичност е содржан во Повелбата за основните права на ЕУ: Граѓаните на Европската Унија имаат право да користат кој било од 24-те официјални јазици кога се допишуваат со институциите на ЕУ и да добијат одговор на истиот јазик.
Карта на јазиците во Европа