Централниот Совет на Македонците во Германија бара хитни мерки

Берлин, 15 февруари 2024 г. – Македонската заедница во Германија се соочува со сериозни предизвици поврзани со долги чекања и проблеми при закажување на термини за пасош во македонската амбасада, како и во конзулатот во Берлин, Бон и Минхен. Во едно хитно писмо до македонскиот амбасадор и претставник во Германија, Роберт Кленкоски, претседател на Централниот Совет на Македонците во Германија, бара конкретни мерки за решавање на овие проблеми.

Кленкоски изрази својата загриженост за ситуацијата и истакна сериозните последици за македонската заедница во Германија. „Нашите сограѓани се приморани да чекаат без важечки пасоши, што ги ограничува нивната лична слобода и мобилност“, изјави Кленкоски. „Оваа ситуација предизвикува значителни ограничувања на нивната мобилност и лична слобода, бидејќи не можат слободно да патуваат и да ги извршуваат своите обврски во Германија.“

Според писмото, преку 15.000 термини за пасоши се закажани во секојо претставништво во Германија. Ова значи дека најмалку 45.000 лица од македонската заедница во Германија немаат важечки пасоши за наредните 9 месеци и нивната слобода на патување е ограничена.

Во писмото, Кленкоски бара конкретни информации за просечното време на чекање на граѓаните за термини, како и за наредниот достапен термин во амбасадата и конзулатите во Берлин, Бон и Минхен.

Исто така, се бараат информации за вкупниот број на закажани термини за наредниот период за секоја локација, како и за бројот на издадени патни листови.

Централниот Совет на Македонците во Германија бара од амбасадата и конзулатот брзи и конкретни мерки за решавање на овие проблеми. „Нашата заедница не може повеќе да ја толерира оваа непонослива ситуација, бидејќи загрозува основните човекови права на нашите граѓани“, нагласи Кленкоски.

Амбасадата и конзулатот беа повикани да веднаш реагираат на писмото и да предприемат конкретни чекори за враќање на основните права, со посебен акцент на слободата и мобилноста.

За дополнителни информации и прашања, Централниот Совет на Македонците во Германија е достапен за повеќе информации и благодари за секоја поддршка во решавањето на ова важно прашање.