Успешниот македонски пијанист Симон Трпчески се враќа во Германија на радост на сите љубители на класичната музика.
Концертите со Симон Трпчески ќе се одржат на 10-ти и 11-ти март 2023 година во Филхармонијата во Келн co симфонискиот оркестар на Вестдеучер Рундфунк Келн (WDR) под диригентство на Кристијан Мачелару, а потоа Трпчески ќе настапува на три концерти со Прашката филхармонија под диригентство на Габриел Бебешелеа на 20-ти март во Ерланген во Хајнрих-Ладес-Хале, на 21-ви март во Рудолф-Оеткер-Хале во Билефелд и на 22-ри март 2023 година во Филхармонијата во Келн.
Во оваа земја повеќето луѓе тешко го изговараат неговото име – но во Македонија пијанистот Симон Трпчески го слават како рок ѕвезда. 43-годишникот настапува со водечките светски оркестри, вклучувајќи ги Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот концертен оркестар, рускиот национален и Елбфилхармонија оркестар (NDR) , симфонискиот оркестар Келн (WDR), Хелсинки и Осло филхармонија, Кралската филхармонија на Стокхолм, Националната филхармонија на Франција, Кралскиoт Оркестар на Галиција, како и филхармонијата на Њујорк и Лос Анџелес, филхармонијата на Нова Јапонија, Кинеската филхармонија и симфонискиот оркестар на Мелбурн. Рециталите на пијано, исто така, редовно го носат во Њујорк, Лондон, Париз, Минхен, Прага и Токио. Тој е исто така добредојден гостин на фестивали како што се Вербие, музичкиот фестивал Аспен, фестивалот на Балтичкото Море и Би-Би-Си Промс. Со диригенти како што се Марин Алсоп, Лионел Брингуер, Томас Даусгард, Густаво Дудамел, Јакоб Хруша, Владимир Јуровски, Сузана Мелки, Андрис Нелсон, Џанандреа Носеда, Сакари Орамо, Антонио Папано, Василиј Петренко, Јука-Пекхавка Сарасте, , Трпчески редовно работи заедно со Робин Тичиати и Кшиштоф Урбански. Покрај работата како концертен пијанист, Симон Трпчески интензивно се посветува и на камерната музика со своите партнери Елдбјорг Хемсинг и Даниел Милер-Шот, меѓу другите.
Со својот музички проект „Македонисимо“ се посветува и на музиката и културата на родната земја. Со „Македонисимо“, што значи „мошне македонски“, пијанистот Симон Трпчески заминува од вообичаените патеки на Бетовен и Брамс за да ја прослави музиката на својата татковина. Трпчески ги води слушателите на радосна турнеја низ неверојатните ритми и прогонувачките мелодии на македонската народна музичка традиција, каде што беспрекорно се вткаени рифови и хармонии под влијание на џезот. Инспириран од страста на Трпчески за народните традиции на неговата родна Македонија, македонскиот композитор Панде Шахов (роден 1973 г.) создаде циклус од 6 плетенки. Во овие нови аранжмани, Шахов го спојува сопствениот звучен пејзаж, под влијание на импресионистичкиот однос кон резонанца и џез-хармонија, со традиционалната музика на Македонија. Овој проект ја имаше својата светска премиера во мај 2017 година на фестивалот во германскиот град Лудвигсбург и последователно ја воодушеви публиката во Велика Британија (Лондон, Ливерпул, Бирмингем), Словенија (Љубљана), Франција (Лил), Полска (Варшава, Шчечин, Гдањск, Катовице), Холандија (Амстердам), Србија (Белград) и Јужна Кореја (Јеонгсеон, Вонџу, Чунчеон). Македонската премиера на „Македонисимо“ се одржa на 14-ти септември во Македонска опера и балет во Скопје, по што следуваа дополнителни бесплатни концерти во Штип на 25-ти септември и на 26-ти септември 2022 година во Битола. Светската премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ ќе биде на виенскиот „Музикферајн“ на 2-ри март 2023 година.
Трпчески има направено бројни, високо пофалени снимки, вклучувајќи ги комплетните концерти за пијано на Рахмањинов и Рапсодија на тема од Паганини со Василиј Петренко и Кралскиот филхармонија на Ливерпул. За неговитe снимки Трпчески има добиено англиски награди од Класик ФМ, од магазиниот Грамофон како „Избор на уредник“ (Editor’s Choice) и „Деби албум“ (Debut Album) и “Златнатa дијапазона” (Diapason d’Or), како една од најважните независни музички награди во Франција за снимки на класична музика.
Со поддршка на КултурОп, водечката организација за уметност и култура во Македонија, и Министерството за култура на Република Македонија, Трпчески се грижи за развој на таленти на младите македонски уметници. Роден во Македонија во 1979 година, Трпчески студирал кај Борис Романов и дипломирал 2002 г. и магистрирал 2004 г. на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој беше уметник на новата генерација на БиБиСи и беше почестен со наградата за млад уметник на Кралското филхармонско друштво во 2003 година. Cвоjoт прв јавен настап во Германија го имал во април 2005 г. со симфонискиот оркестар Берлин (Deutsches Symphonie-Orchester Berlin) со Концертот за пијано на Равел во Г-дур.
Албумот „Variations” (Варијации) на Симон Трпчески, снимен во Берлин, неодамна беше прогласен за „Албум на месецот“ од еден од најреномираните музички списанија во Германија – ФОНО ФОРУМ:
„Симон Трпчески лесно ги совладува сите барања на овие циклуси. Индивидуалните варијации на Моцарт блескаат како дијаманти на скапоцена дијадема, варијациите на Бетовен во C-мол тој продира со строга сериозност и внимателно го осветлува чувствителниот внатрешен свет во делотo на младиот Брамс.“ Фрaнк Зиберт
Преглед на концертите со Симон Трпчески во март 2023 година во Германија:
10/11 март: Келн, Филхармонија – Почеток: 20:00 ч.
Настапуваат: Симфониски оркестар WDR – диригент Кристијан Мачелару – Симон Трпчески на пијано
Програма: Јоханес Брамс – Концерт за пијано и оркестар бр. 2 во Б-дур, оп. 83 | Симфонија бр.4 во е-мол, оп.98 | Клаус Ланг минијатури од тоа време
20 март: Ерланген, Хајнрих-Ладес-Хале – Почеток: 20:00 часот
21 март: Билефелд, Рудолф-Оеткер-Хале – Почеток: 20:00 ч.
22 март: Келн, Филхармонија – Почеток: 20:00 ч.
Настапуваат: ПКФ Прага-Филхармонија – диригент Габриел Бебешелеа – Симон Трпчески на пијано
Програма: Бедрих Сметана „Тајната“ увертира | Сергеј Рахмањинов 3. Концерт за пијано оп.30 во Д-мол | Антонин Дворжак Симфонија бр. 9 во е-мол, оп. 95 Б 178 „Од новиот свет“