Извадок од „Македонија“ – илустрирано списание на матицата на иселениците од Македонија
Број 458 – 1991 г.
Писмо од Германија
Светиклиментово пламенче во Берлин
Берлин, денониве беше за нас Македонците повторно актуелен. И покрај тоа, што, во Берлин се помалубројни за разлика од седумдесеттите години кога се споменуваше дури бројка од 4.000 Македонци, тие сега имаат свој клуб, спортски клуб и еве сега и Македонска православна црковна општина “Свети Климент Охридски”.
На 17 мај годинава, вечерта, салата на Македонскиот клуб “Гоце Делчев” беше претесна да ги прими сите присутни. Поводот беше да се соберат Македонците – верници, и потоа да се избере црковна управа, а со тоа да почне заживување на црковна општина во Берлин по примерот на соседните градови во Германија, каде живеат и работат Македонци. Да потсетам патем дека само пред пет дена беше формирана МПЦО “Свети Ѓорѓи Кратовски” во Хамбург и таму се отслужи првата света Литургија на Македонски.
На Собранието беше присутна делегацијата на Светиот архиерејски Синод на МПЦ, што ја сочинуваа Митрополитот Брегалнички г. Стефан и протоерејот Ацо Гиревски, секретар на Богословскиот факултет во Скопје.
Митрополитот г. Стефан отворајќи го собранието ги поздрави присутните од името на Поглаварот и членовите на Синодот искажувајќи ја притоа нескриената радост што еве се пали уште едно кандило – како што рече тој на Свети Климента, патронот на нашата Света Црква, овојпат во Берлин. А потоа даде напатствија за работата на собранието и начинот за избор на нова управа.
Иницијативата за заживување на оваа црковна општина ја поздравија и гостите од Хановер кои ветија и помош доколку затреба од нив како постара и поискусна општина на тие простори, додека пак добредојде на сите од името на домаќините искажа претседателот на клубот, сега и член на црковната управа Симо Тримчески. Собранието избра 16 членови што ќе ја сочинуваат црковната управа, кои пак по повлекувањето во засебна просторија, со јавно гласање избраа од нив за претседател, секретар и благајник. Така, што, Црковната Управа на новоформираната МПЦО, “Свети Климент Охридски” во Берлин ја сочинуваат: Маноил Јаковлевски, претседател; Ангеле Лазарoвски, секретар; Султана Ретреска, благајник; Јанко Пирковски, Симе Николоски, Момир Талески, Симо Тримчески, Ружа Серафимовска, Алексо Дебрешлиоски, Жарко Кленкоски, Љубица Николовска, Богдан Глигоров, Георги Личнов, Цвета Глигорова, Стаќа Кленкоска и Светлана Ангеловска, членови.
Претседателот на Црковната општина Маноил Јаковлевски пред насобраните ги изнесе идните замисли за работата како и надежите за брзото заживување на организиран верски живот и во нивната средина.
Тој се надева на евентуална помош од градот како и од Екуменскиот центар за Црквите и верските заедници за Берлин со кои веќе стапил во контакт. Претседателот е со уверување дека Македонците во Берлин скоро ќе се здобијат со сопствена црква и свој свештеник. Уверување за заживување на оваа општина даде исто така и постапката на новата управа кога на самото место собра сума од 1.136,00 дм., а отвори и книга на редовни членови во која за почеток се запишаа 79 верници. Инаку иницијативата за формирање на црковна општина во Берлин не беше нова, ниту од вчера, туку многу поодамнешна. Во ноември 1972 година стигна првото писмо – барање од Македонците во Берлин до Синодот на МПЦ со желба да се формира црковна општина. Врз основа на нивното барање уште тогаш им беше испратена црковна делегација да ги видат условите и можноста за организирање верски живот за нашите работници како привремено вработени таму, а на 8 март 1973 Светиот архиерејски синод уште еднаш го разгледа барањето и едногласно донесе одлука да ја потврди веќе организираната МПЦО “Свети Климент Охридски” во Берлин. Иако се почна добро и со голем интерес и оптимизам сепак црквата во основање за Берлин не заживеа. Причините веројатно не се ни мали ниту еднострани. Остана да се чека на ново време.
Делегацијата на Светиот архиерејски синод што ја предводеше Митрополитот г. Стефан во времето од 11 до 29 мај ги посети Македонците во градовите: Хамбург, каде се формира црковна општина и се отслужи првата света Литургија на македонски. Се отслужи исто така света Литургија и во Хановер по повод патрониот празник на МПЦО “Свети Спас”. Во Хановер делегацијата беше гостин на осмиот интернационален фолклорен фестивал што го организираше македонскиот клуб “Илинден” од Лацен. Следуваше посета во Дортмунд каде пак се служеше празнична вечерна богослужба и со тоа се одбележа годишницата од животот и работата на МПЦО “Свети Кирил и Методиј”. Служба Божја се отслужи и во соседниот град Тројздорф, додека пак во градот Дуизбург се освети новоформираниот Македонски клуб посветен на Светите браќа Кирил и Методиј. Црковната делегација на покана посети и неколку македонски фамилии во градовкте Есен, Уна, Келн и Дизелдорф.
Во рамките на посетата беа остварени контакти со југословенските конзулати во Хановер, Хамбург и Дизелдорф, како и великодостојници на Евангелистичката и Католичката Црква за Северна Германија. Средби се направија и со градоначалниците на Лацен и Херде, градови со поголема концентрација на наши работници.
протоереј Ацо Гиревски (известувач)