Центарот за истражување на национализам и култура (ЦИНИК) успешно го реализира проектот „Архиви на невидливите: Жените во печатот на територијата на Вардарска Македонија помеѓу двете светски војни‟, кон крајот на 2021 година.
Целта на овој проект беше истражување и анализирање на видливоста на жените како субјекти на печатените медиуми од меѓувоениот период од 19 и 20 век, во кој се граделе и повторно рушеле културните, националните и јазичните обрасци. Така се откриени библиографски наоди и авторски текстови, што говорат за постоењето на занимлива историја на жените во печатената култура. Беа понудени систематизирани извори, преку кои се претставува една поширока слика за жените во наративите на македонското минато, како и нивната позиција во националните наративи, отаде и стереотипната слика. Истражувањето задава и една практична цел, и тоа да се постават резултатите во институционален контекст, и да се изработи еден прирачник со препораки за унапредување на овие теми во образовно-научните процеси. Родово обоениот истражувачки аспект на печатот може да придонесе за поголемо разбирање на различни теми од областа на историјата на жените и социјалната историја, да го доближи тоа до пошироката публика, со тоа што разновидни аргументи и нови гледишта ќе ја збогатат официјалната национална историја.
Истражувачкиот тим им пристапи на изворите низ четири засебни теми на анализа, кои го олеснуваат патувањето на читателите низ изворите. Се состои од осуммина истражувачи, и тоа Нада Бошковска (печат и национални наративи), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата), Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (Прирачник со препораки за крос-институционални политики) се дел од тимот кој работeле на публикацијата. Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска.
Прочитајте ги следните мошне занимливи извадоци од предговорот на стручната соработничка Проф. Нада Бошковска, Катедра за Источно-европска историја, Универзитет во Цирих:
„Пред вас е работата на мала група истражувач(к)и во својата рана кариера, кои за своја мисија во оваа книга си поставија да насочат светлина кон помалку видливите во историјата и со тоа да ги направат видливи. Постојат повеќе групи што остануваат невидливи или во сенка на историската светлина: тие групи биле маргинализирани во своите општества, не создале многу свои пишани дела и најчесто биле одминувани од оние коишто ги формирале официјалните дискурс и историографија. Може да стане збор, на пример, за маргинализирани општествени групи или за дискриминирани малцинства. Во нашиот случај, оние кои се невидливи ни доаѓаат од сите општествени слоеви, и во никој случај не се малцинство: книгата е посветена на македонските жени кои живееле во периодот помеѓу двете светски војни.”
“Иако во книгата се референцирани студии и пронајдоци од истражувања, општо гледано, историјата на жените сè уште е премалку застапена во македонската историографија. Од една страна, причината за тоа е фактот што досега други прашања биле доминантни во историското истражување, особено потребата за национална афирмација. Периодот помеѓу двете светски војни е обележан со бројните напори на Бугарија, на Грција и на Кралство Југославија да ги потиснат сите знаци на македонската национална свест. Дури за време на Социјалистичка Република Македонија, и само тогаш, институциите успеале да се развијат до толкав степен да им служат на сите важни делови од процесите за национална изградба: образовни институции, културни институции – музеи и театри, и конечно, создавање историска наука која станува наратор на историјата од национална перспектива. И затоа историографскиот фокус бил поставен врз други прашања, а не врз разгледување на положбата на жените или на родовите прашања воопшто. Наспроти тоа, постои засилен фокус врз националната борба и машките херои. Проблемот со соседните земји којшто Македонија го имала од својата независност дополнително ја засилил прикажаната улога на историографијата; повторно, повеќе ресурси биле давани за афирмација на македонската нација, па останатите прашања не го добиле вниманието кое го заслужуваат. Новиот меморијален пејзаж во Скопје, во којшто жените се речиси целосно отсутни, го илустрира тоа на многу добар начин.”
“Затоа е добредојдена иницијативата на тимот истражувач(к)и, предводени од Ивана Хаџиевска и од Јана Коцевска, кои се посветија на задачата да ги направат видливи жените од меѓувоениот период, истражувајќи за нив и, кога е тоа возможно, давајќи им име и биографија. За таа цел, тимот реши да работи со печат и периодични извори. Три списанија беа детално истражувани и за нив беа составени библиографски описи: списанието „Luč. Mesečni časopis za kulturna, ekonomska i socijalna pitanja“, печатено во Скопје во периодот 1937–1938 година, југословенскиот студентски журнал „Smena“, и списанието „Илюстрация Илинденъ“, печатено во Софија. Списанијата се важен извор, особено оние што имале одредена циркулација која дозволувала тие да влијаат и да го формираат јавното мислење. Во конкретниот случај, мора да се земе предвид дека, од една страна, населението во голем дел било неписмено, а од друга страна, авторите и уредниците на списанијата во никој случај не пишувале од позиција на слобода.”
“Мора да се нагласи дека во оваа книга фокусот на истражувањето е целосно врз етнички македонските жени. Регионот на Македонија имал и сè уште има баснословен етнички диверзитет, и секако дека е целосно посакувано да се направат видливи и жените од останатите етнички групи. Сепак, ресурсите и релативно краткото траење на проектот не дозволуваат такво проширување на истражувачкото подрачје, како ни вклучување на дополнителни специјализирани истражувач(к)и кои би можеле да опфатат повеќе групи.”
“Проектот врз којшто е базирана оваа книга е еден од серијата слични проекти во регионот што се фокусираат врз историјата на жените. Неговата цел е да ги комуницира пронајдоците, не само со научната заедница туку и со пошироката заинтересирана публика. За жал, пандемијата предизвика промена на оригиналниот концепт. Како што работата во архивите и библиотеките стана отежната и скоро невозможна, тимот реши да се фокусира врз материјали достапни во дигитална форма. Оттаму, се праќа и порака дека за истражувачите станува целосно посакувано периодичните извори и печатот што се издавал на територија на Вардарска Македонија во периодот 1918–1941 година да се истражува поинтензивно. Овие извори се делумно дигитализирани, но потребно е да се продолжи со процесите на дигитализација со цел тие да бидат подостапни за истражувачки цели.“
Линк до стручната работа:
https://nevidliviarhivi.mk/wp-content/uploads/2022/01/Arhivi-na-nevidlivite-MK-ZA-WEB.pdf
„Архиви на невидливите 2.0: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“
Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) во 2022 година го реализираше проектот Архиви на невидливите 2.0, посветен на истражувањето на првото македонско женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“ (1944-1952). Истражувањето резултираше со објавувањето на зборник на научни трудови „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“.
“Проектот „Архиви на невидливите“ посветен на „Македонка“ е од вонредна важност. Активностите на овој проект се вклучени во најновите научни истражувања на периодиката на југословенскиот простор и затоа е од клучно значење не „само“ да се реализира неговата актуелна фаза туку и да се продолжи проектот, пред сè во процесот на дигитализација на изворите. Така, покрај првичното интердисциплинарно толкување на списанието што го нуди оваа збирка, би се понудила и претстава на самото списание. Особено е важно да се укаже не само на предноста туку и на неопходноста од дигитализирање (…) „Македонка“ е споменик на НОБ, антифашизмот, феминизмот, женската култура и раниот социјализам. Затоа, неговото читање и неговата достапност го надминува локалниот, македонскиот, контекст и го засега целиот југословенски простор. Нејзината дигитализација би овозможила понатамошни компаративни интердисциплинарни и трансдисциплинарни истражувања и би ги збогатила југословенските студии, како и студиите на периодиката.“ – д-р Јелена Милинковиќ, Институт за книжевност и уметност, Белград
Линк до стручната работа:
https://nevidliviarhivi.mk/wp-content/uploads/2022/11/Arhivi-na-nevidlivite-II-del-ZA-WEB-1.pdf
Центарот за истражување на национализмот и културата е формиран со цел да понуди дополнителен интелектуален простор и експертиза во полето на студиите на национализмот, во општество каде ова поле се соочува со недостаток на научно внимание и институционална поддршка. Главната цел на Центарот е да го разбере и објасни национализмот, да развие свесност за неговиот развој во балканскиот регион, неговите сложени односи со културата и неговото влијание врз балканските општества.
Центарот го разбираме национализмот како културен конструкт, феномен тесно поврзан со културата. Токму овој културен аспект на национализмот е неговиот главен интерес. Неговиот фокус е пред сѐ во манифестирањето на национализмот во „базата“, т.е. кај индивидуите и колективите на основното општествено ниво. Неговиот интерес опфаќа и истражување на начинот на кој културните практики се поврзуваат со одредени државни политики кои што ги таргетираат индивидуалните или групните идентитети, како и начинот на кој државата ги контролира тие врски преку внатрешната културна политика. Vo Центарот cе cметa дека конфликтите базирани на „различноста“ многу често се појавуваат поради специфични погледи на историјата кои можат да бидат погрешно протолкувани, па дури и манипулирани од страна на структурите на моќ. Со комбинација на политичките науки, антропологијата, историјата и социологијата како научни дисциплини, се стреми Центарот кон разбирање на културата на национализмот во регионот и кон пренесување на нашите заклучоци во јавноста со цел подигање на свест за причините за феномените како стереотипи, предрасуди, омраза и дискриминација. На тој начин, се надева дека ќе ce придонесува кон изградба на едно потолерантно балканско и европско општество.
Активностите на Центарот се одвиваат во две насоки: академско истражување и промоција на вредности. Ги соединува млади и отворени истражувачи и активисти во областа на хуманистиката и општествените науки, кои спроведуваат истражувања, изработуваат научни трудови, држат јавни предавања, промовираат книги, организираат работилници, јавни кампањи и други јавни настани. Подеднакво ги вреднува двата вида на активност – истражувачката и активистичката. Неговата крајна цел е да придонесува кон создавање на подемократски, толерантни и отворени општества во балканскиот регион.