Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите.
“На 16.4.2022 година, Шабат и прв ден Песах, ден кога Евреите од целиот свет го слават празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на власта – премиерот Кирил Петков, потпретседателката на државата, Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и други, официјално го отворија бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“, по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Адолф Хитлер. Овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа“, се наведува во соопштението на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Според нив, со овој чин се загрозува мултикултурализмот.
“Класичен пример за непочитување и искривување на историјата. Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор, кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98 отсто од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин што не е во духот на добрососедските односи помеѓу Македонија и Бугарија“, се наведува во соопштението.
Понатаму уште се додава дека тие, наследниците на преживеаните од холокаустот, нема да ги премолчат ваквите појави и бараат итно и неодложно преземање неколку чекори.
Како прво, бараат во Собранието да се донесат измените на Кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон.
Понатаму бараат да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија итн. да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите.
Меѓу нивните барања е и тоа Владата на Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна, а на крајот се бара од Европската Унија и од Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Бугарија.
“Ние, Евреите од Република Македонија, како и голем број македонски граѓани, имаме многу пријатели од Република Бугарија со којашто сакаме како соседи да живееме во мир и благосостојба. Фашистичкото минато на Бугарија под водство на цар Борис III и преостанатите докажани нацисти од врвот на власта на царска Бугарија во Втората светска војна не смеат да претставуваат пречка во градењето добрососедски односи втемелени на заемна почит, пријателство и доверба.“
“Денешницата не смее да биде жртва на историјата, како што и иднината не смее да биде жртва на вистината“, се наведува во соопштението на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.