Уметноста како врска: Разговор со Љупчо Жупан, креаторот на галеријата БУКЕФАЛ

Во нашето ексклузивно интервју со Љупчо Жупан, основачот на реномираната галерија БУКЕФАЛ, навлегуваме длабоко во светот на уметноста. Жупан ја споделува својата единствена перспектива за еволуцијата на уметничката сцена, улогата на неговата галерија и неговата визија за иднината на уметноста.

1. Можете ли кратко да се претставите и да ни кажете нешто за вашиот живот и улогата во Галеријата БУКЕФАЛ?

Јас сум Љупчо Жупан сопственик на Галерија Букефал. Галеријата  Букефал е формирана 1998 година, замислена како долгорочен проект за промоција, на Македонска уметност до пошироката публика во изложбениот салон во Охрид, како и преку веб порталот  до светската публика. Во концептот на работата на галеријата  е и  организација и  промоција на  наши автори на уметнички салони во  Македонија и светот. Покрај тоа во соработка со врвни специјалисти врши и конзервација, реставрација, заштита и опремување на уметнички дела. Во моментов Галерија Букефал промовира преку 50 современи уметници , како и повеќе антологиски уметници кои оставиле длабоки траги во Македонската и Светска историја на Уметноста. Едноставно простор каде што се случува синергија помегу уметниците и љубителите на уметноста!

2. Што ве инспирираше да се вклучите во светот на уметноста?

Уметноста претставува материјализирање на Божествената промисла  заради оплеменување и воздигнување на духовната состојба на човекот. Промоција на уметнички вредности претставува возвишена состојба. Голема привилегија е да се биде пријател , соработник и дел  од животот на уметниците пренесувајки ги нивните креативни дела како и да се биде дел од создавањето на институционалните и приватни колекции . Уметноста е поле каде што човештвото треба да го бара излезот од напорното материјално живеење. Тука не мислам само на ликовната уметност туку и на сите уметности почнувајки од музичката, драмска, литературна сценска, филмска.Домот па и работниот простор каде што го поминуваме поголемиот дел од животот задолжително треба да биде исполнет со уметнички дела кои што вибрираат по нашиот вкус, и не само сликите туку и книгите во библиотеката , музиката што ја слушаме растенијата кои не опкружуваат се нашиот личен идентитет и одраз на нашата лична слобода.

3. Која е вашата визија и цели за Галеријата БУКЕФАЛ во наредните години?

Галерија Букефал функционира веке 25 години ,  и е една од водачките галерии не само во Македонија туку и пошироко  бидејки соработката на меѓународни проекти ги шири хоризонтите на работата на галеријата. Уметноста е поле каде што секогаш ке биде потребна сцена за изложување на новите креации. Историјатот на галеријата веќе е исполнет со доста реализирани проекти што резултира Галеријата да биде со ниво на  интернационален калибар имајки ги во предвид поканите и барањата од сите поголеми Интернационални уметнички салони ART Basel, Florence Biennale, Salon D’automne Paris, Art Dubai, Art and Capital…да како релевантна и респектибилна галерија биде вклучена во нивните идни настани. Долгорочна цел е галеријата да биде што поприсутна на овие салони со што повеќе македонски уметници кои истовремено би биле вклучени во светските уметнички текови. 

4. Можете ли да ни кажете повеќе за видот на изложбите и настаните што ги организира Галеријата БУКЕФАЛ? Колку е нивното значење за локалната и меѓународната уметничка сцена?

Галерија Букефал како што кажавме и на почетокот, во својата стратегија има зацртано промоција на успешни автори од мегународната сцена на Македонската публика така и промоција на Македонски уметници на меѓународни ликови салони.

Тоа веќе континуирано се случyва уште од самиoт почетоk на работењето на галеријата а подетално околу тие активности може да се прочита на официалната веб страна www.bukefal.com.mk

Околу значењето на тие активности може долго да се зборува но би сака да потенцирам некои факти а тоа се 

  1. Македонската уметничка сцена е прилично мала а еден од можностите за поврзување со меѓународнита уметничка сцена е интензивно и континуирано изложување на  големите уметнички салони , со што најпрво влегуваат авторите во нивните дата податоци, за понатака бидат релевантно застапени и во светскиот арт маркет.
  2. Поголема активност на самите автори од типот на резиденции надвор од Македонија
  3. Активноста на Галерија Букефал околу заеднички изложби со галерии од регионот доведоа до запознавање на македонската публика со стиловите и авторите од другите земји но и проширување на сцената за Македонските сликари надвор од границите на Македонија.

5. Како ги избирате уметниците и делата кои се претставени во Галеријата БУКЕФАЛ? Кои критериуми се најважни за вас?

Генерално во Галеријата се застапени автори кои што со својот квалитет веќе подолго време се етаблирани како на Македонскиот така и на меѓународниот уметнички простор. Но потрагата по нови автори секогаш трае, бидеjки новитетите во уметноста се секогаш потребни и практично се двигатели на развојот. Значи главен извор на пронаогање на нови уметници кои изложуваат во Галерија Букефал се секако годишните изложби на ДЛУМ, завршните изложби на Факултетот за Ликовни Уметности како и редовните изложби на уметниците. Но секако најзначајни ми се посетите на ателјеата на уметниците каде што се случува синергијата, критиките и разговорите за новосоздадените уметнички дела.Критериум за промоција на дела во Галерија Букефал е само квалитетот. Тенденција наша е секогаш да промовираме уметност коде што има позитивни пораки, енергии, уметнички дела изработени со вистинско чувство. 

6. До каква мера дигитализацијата влијае на светот на уметноста и на работата на Галеријата БУКЕФАЛ? Како ги користите онлајн платформите за промоција на уметноста и за да ја достигнете поголемата публика?

Дваесетипрвиот век носи нови предизвици како во доменот на креативноста така и во доменот на презентацијата и промоцијата на уметничките дела. Веб страната на Галерија Букефал постои цели 25 години каде што клиентите имат  преглед на целокупната понуда.

Развојот на дигиталната ера го поедностави начинот на живот а посебно пристапот до понудата. Секако социјалните мрежи Инстаграм , Фејсбук и останати се силен медиум за промоција.  Дигиталната ера донесе и нови медиуми и стилови во уметноста како што е   NFT односно незаменлив  токен за кој веќе има платформа за тргување, но, морам да нагласам дека сепак оригиналната класична изработка на  уметнички дела се и  ке бидат секогаш високо вредновани. Не случајно уметноста е карактеризирана и како ИНВЕСТИЦИЈА. Голем дел од Македонците кои што живеат низ целиот свет имаат потреба во своите домови да имаат вредна реликвија, симбол со трајна вистинска вредност што генетски ги поврзува со нивната генеза, а тоа не може да биде ништо друго туку уметничко дело слика од Македонски уметник ! Сведоци сме како Галерија дека создавањето колекции од уметнички дела оди во нагорна линија и се повеќе клиенти тежнеат да имаат што поголеми колекции како од уметници од постарата генерација така и од современите автори.

7. Каква улога ја играат меѓународните партнерства и соработките со други галерии за Галеријата БУКЕФАЛ?

Како една од главните цели и задачи на Галерија Букефал е и континуирано учество на големите уметнички настани Уметнички салони, Биеналиња и други мегународни проекти . Искуството покажува дека, учеството на такви изложби  за Галеријата е од големо значење бидејки најпрво самата селекција Галеријата да биде дел од тој настан ги потврдува високите вредности односно интернационалните критериуми за квалитет, а со тоа и селектираниот уметник што го промовира галеријата. Сите тие настани придонесуваат да се пробие бариерата на локален пазар, и автоматски стануваме дел од глобалната уметничка сцена со секој автор поединечно.

8. Можете ли да ни пренесете некои од издржливите настани или успесите на Галеријата БУКЕФАЛ во последните години?

Галерија Букефал во своето портфолио вбројува голем број меѓународни проекти и организирање на изложби  со повеќе уметници уште од самото оформување. За оваа прилика би наброил неколку позначајни кои оставиле трага во историјатот на нашето работење, но и во интернационални рамки.Изложба на повеќе Македонски  Современи автори во Њу Јорк 2001 год.,Изложба на Македонски Современи уметници во Софија 2002 год. Промоција на скулпторот Блаже Крстаноски Блажески на “Sculpture by the Sea” Сиднеј Аустралија 2008 наградена од компанија Јагуар и  уште многу други.

Но еден од најзначајните и успешни проекти е ексклузивната соработка со  уметникот Јордан Манасијески која започнува 2008 година и сеуште трае. Со големо задоволство би дал краток опис за тој проект.

Една од главните задачи при оформувањето на Галеријата беше да се промовира еден Македонски уметник на Интернационалната уметничка сцена.

Имено после опсежна анализа и консултации со колеги и историчари на уметност од интернационалната сцена беше одлучено наредните години  уметноста на Манасијески  биде презентирана на сите поголеми светски уметнички салони. Првото изложување беше на Есенскиот Салон во Париз 2009 год.  каде што неговата слика беше видно забележана од жири комисијата и беше номинирана за Гран при награда заедно со уште 5 автори во конкуренција од 600 уметници од цел свет. Тоа за уметникот и за мене како галерист претставуваше еден голем поттик да се продолжи со промоција. Следно претставување беше наредната година  на проект “Големите уметници на утрешнината” што се оджра во музеј ЛУВР а беше награден со специална награда од Јапонска асоцијација за Современа уметност од Токио и примен за нивни член. Истата година беше награден и со специална награда за цртеж од Светската галерија за цртеж Остен. Потоа следуваат покани за изложувања на големи интернационални изложби и тоа во Музеј О Токио, Артекспо Њу Јорк, 8 мо Биенале за Модерна уметност во Фиренца, Артекспо Париз, Добротворна изложба во Њу Јорк, СПЕКТРУМ Мајами (Специална награда), 1 Триенале за Современа уметност Верона, Интернационално Медитеранско Биенале Палермо (ВИП селекција), Биенале на Нациите Венеција (Награда од Жири за квалитет).Во меѓувреме од Интернационалниот Биографски Центар од Кембриџ, кој е под патрон на Нејзиното Величество Кралицата на Велика Британија Манасијески е селектиран уметник прогласен за човек на годината за уметност за 2013 год. 2015 година од Италианската критика ја добива Интернационалната награда Микеланџело Уметник на Јубилејот, како и првата Интернационална награда Леонардо Универзален Уметник. 2019 год. уметноста на Манасијески од италијанската критика е промовирана  како уметност со музејска вредност, за да 2020 год. е вклучен во Светската Енкциклопедија ГОЛЕМИТЕ МАЈСТОРИ НА СВРЕМЕНАТА УМЕТНОСТ.

Епилог на целокупниот овој проект е издавањето на Монографското издание Јордан Манасијески, која беше промовирана во Македонската Академија за Наука и Уметност Скопје, а сега веќе е достапна во повеќе Универзитетски Библиотеки и Музеи низ целиот свет, меѓу кои и Конгресната Библиотека во Вашингтон, Апостолската Библиотека Ватикан, Тејт Модерн Музеј Лондон и др. 

9. Каква е вашата визија за иднината на уметничката сцена во Македонија и во светот? Кои трендови и развојни линии очекувате?

Уметноста е процес  што континуирано трае од антика па се до денешен ден и ке трае и во иднина. Македонската уметност, е многу важен дел од Светската уметничка сцена. Квалитетот на Македонските уметници е неприкосновен и голем дел од нив имаат оставено неизбришлива трага во Светското културно наследство воопшто.   Уметноста ја гледам како движење кое што ке ги избриши политичките граници помегу народите, бидејки креативноста не познава националност. Ако знаеме дека Науката и Уметноста се двигатели на прогресот на општеството, да им дозволиме да бидат слободни во изразувањето и достапни насекаде. Во однос на новите трендови и развојот на уметноста не може да се прогнозира реално, но секако дека новитети во уметноста ке има. Дигиталната ера и целиот тој развој допринесува објектите, зградите во градовите да бидат медиум за изразување муралите , графитите, “street art “ како и скулптурите со мега димензии се веке тренд во големите и развиени метрополи, при што добиваме ситуација каде што целокупното наше опкружување ке биде еден голем глобален музеј на современа уметност.

10. Дали имате некоја порака за нашите читатели што би сакале да ја пренесете?

Животот може да биде многу едноставен и убав доколку успееме да го направиме таков. Практикувањето на уметноста не прави да го издигнеме нивото на свесност и да успееме да навлеземе  во повисоки духовни димензии. Како што спомнав предходно моја препорака до јавноста е хранете се здраво, бидете почесто во природа, слушајте убава музика, читајте литература, уживајте ја ликовната уметност, посетувајте концерти, театар, драми, филмови.Воспитувајте ги своите деца да ги вреднуваат вистинските квалитети во животот.

Во име на Централниот совет на Македонците во Германија, би сакале да му се заблагодариме на Љупчо Жупан, извршен директор на Уметничката галерија Букефал, што ни го овозможи ова инспиративно интервју. Неговата страст и посветеност на промовирање на македонската уметност како и неговата посветеност кон современите уметници е восхитувачка. Преку галеријата Букефал тој даде вреден придонес за културната различност и ја збогати уметничката сцена во Македонија и во светот. Ние сме благодарни за неговото време и согледувања и со нетрпение очекуваме понатамошни возбудливи случувања во светот на уметноста. Посетете ја веб-страницата на Галеријата Букефал на www.bukefal.com.mk и потопете се во фасцинантниот свет на македонската уметност. Срдечно ве покануваме да ја посетите галеријата во центарот на Охридскиот Стар град на Св. Климент Охридски 54 и да ги доживеете импозантните дела на уметниците. Централниот совет му посакува на Љупчо Жупан, сопственикот на Галеријата Букефал, континуиран успех во промовирањето на македонската уметност и со нетрпение очекува наскоро да се восхитува на повеќе инспиративни дела.