Ексклузивно интервју за Централниот Совет на Македонците во Германија: Проф. д-р Билјана Ванковска – Кандидат за претседател
1. Како претседател на Македонија, како би го зајакнале и промовирале идентитетот на Македонците?
БВ: Не е обична фраза кога ќе се каже дека претседателот на Македонија е нејзиното лице, и кон дома, а особено кон надвор. Моето разбирање на претседателската функција е прво во насока на признавање, отворено кажување и потенцирање на изворите на проблемот, т.е. на бришењето на македонскиот идентитет. Само така може да се најдат и решенијата. Оние што го бранат сегашното статус кво, тврдат дека одбраната на националниот идентитет е назадна и неевропска работа. Но, токму поради таквите политики ние сме во ситуација што јас ја нарекувам „Македонија е сè што немаме“ (патем, НАТО го имаме, ама тоа не ни донесе многу ни економски, ни безбедносно, а ЕУ тешко дека ќе ја дочекаме ако продолжиме да се однесуваме како колонија). Мојата дијагноза е јасна: трите договори го потопија не само Уставот, туку и Македонија/македонството. Постепено, преку нивното редефинирање (односно нов граѓански Устав) и раскинување (на Бугарскиот и Преспанскиот договор), ние ќе си го вратиме суверенитетот, односно правото на самоопределување како што го разбирале втемелувачите на македонската модерна државно на заседанието на АСНОМ во 1944 година. Би можела овде да зборувам за културна дипломатија, јавна дипломатија, разни форми на промоција на нашите културни и други особености, но без да сме дома тоа што сме, ништо од ова нема да мине надвор. Едноставно не можете да очекувате почитување, ако самите не се почитувате. За жал, овде мнозина се срамат од тоа што се Македонци, па бараат или нова (северномакедонска) нација или тврдат дека наскоро ќе станеме сите дел на некаква непостоечка „европска нација“. Вие што живеете во Германија и во други европски земји, знаете дека едно е ЕУ, а друго е национален идентитет – од кој ниту една нормална држава не би се откажала.
2. Кои конкретни мерки би ги презеле за подобрување на интеграцијата на македонската дијаспора во политичките, културните и економските аспекти на земјата?
БВ: Како професор чии студенти почнуваат да заминуваат уште пред да ја добијат дипломата, а и како мајка на три деца кои се веќе дел на македонската дијаспора, најдобро ја разбирам болката, стремежот и желбата овие односи да се одржуваат. Македонија во минатото беше земја на печалбари (и дедо ми бил еден од нив, заминал до Александрија), па потоа земја на „привремено вработени во странство“ (во југословенската реторика), ама сега е веќе земја чија популација старее драматично. Оние кои се иселуваат, заминуваат со цели семејства и на помлада возраст, но и со знаење и искуство. Јас имам план за поврзување на Македонија со својата и т.н. стара и т.н. млада дијаспора, проект кој што го нарекувам „Македонија без граници“. Во ера на технолошко и информатичко поврзување, ние мораме и можеме да ги искористиме сите средства и механизми за континуирана соработка на сите полиња: од академското, до економското. Мораме да направиме „мапирање“ на нашите луѓе (ги нарекувам бисери расеани ширум светот), кои сакаат да ѝ помогнат на Македонија, притоа помагајќи си и себе си. Секој во областа во која најмногу може да даде. Знаењето, успесите и искуството на нашите луѓе по светот е навистина фасцинантно. Тоа треба да се мапира а потоа да почне да се става во функција на различни начини за помош и развој на Македонија. Верувам дека секој сака да одржи некаква врска со татковината, но нужно е да се создаде една конструктивна платформа за тоа. И јас токму со тоа би се ангажирала сериозно како проект од стратешко значење за развојот на нашата држава и одржување на врските со нашите надвор. Досега ова требаше да го направат институциите, но никогаш не е доцна: јас планирам да се зафатам со оваа работа сериозно. Вие таму можеби и можете без нас, ама ние овде не можеме без вас. Впрочем, како автор на неколку отворени писма против Преспанскиот договор, јас во голема мерка се потпирав и на нашите во странство. Тоа можете да го видите во прогласот познат како „200-те“ (од февруари 2018), но и писмото од август 2018 година во кое го осудивме заедно тој погубен договор. Има и уште една област во која гледам голема можност за вклучување и искористување на нашите македонски капацитети: државата обично ангажира странски експерти по разни прашања, кои работат за високи хонорари и ни „попуваат“ при тоа како треба, без да го познаваат нашиот контекст. А ние имаме неброен број извонредни умови кои ги знаат и условите надвор, ама и дома, и кои имаат и емотивна врска. Затоа, таа мрежа мора да се воспостави и потоа да се активира на регуларна основа.
3. Кои приоритети би си ги поставиле за ефективно претставување и унапредување на Македонија во следните пет години?
БВ: Според мене, стоиме на прагот на драматична промена на светот. Ние досега сме задоени само со една опција и тоа лажна во голема мерка: постои наивно уверување дека треба сè да жртвуваме за влез во ЕУ, затоа што таму тече мед и млеко. Добро знаеме дека нештата се менуваат, и не секогаш на добро. Моето гледање на светот е прагматично и патриотско: за доброто на Македонија мораме да ги користиме буквално сите можни потенцијали за меѓународна соработка, пласирање на она што го имаме, добивање помош од секој што сака да помогне – без идеолошки и географски предрасуди. Нејасно е зошто Германија или другите земји на ЕУ можат да соработуваат и тргуваат со „истокот“, а од сиромашни земји како Македонија се бара студеновоен менталитет на конфронтација и лојалност само кон западот. Во наредните години светот (и светските лидери) или ќе се вразумат или сите ќе искусиме апокалипса. На малите земји им требаат сојузници, а не непријатели. За жал, досега не добивме доволна помош од ЕУ, ниту на економски план, а мнозина овде не ги ни разбираат процедурите и каналите за искористување на европските фондови. Значи, треба учење, треба помош на најсиромашните, на земјоделците, на помладите и постарите за навигација во новото време. Од друга страна, корумпираните елити се подготвени да ги продадат и последните ресурси за своја лукративна или политичка полза (видете ги погубните зделки со Митилинеос или Бехтел и Енка). Тоа не е соработка, туку е експлоатација.
4. Што ве издвојува како кандидати од вашите конкуренти и зошто граѓаните на Македонија треба да ве сметаат за најдобар избор за функцијата претседател?
БВ: Она што ме издвојува е првенствено храброста да ги кажам нештата со вистинско име, но и радикалната агенда за менување на Македонија. Без соочување со фактите, нема ни решенија. Не ги разбирам оние кои се однесуваат како да е можно (како што вели една изрека) и да ја имаш тортата, и да ја изедеш. Не можеме да веруваме во европски бајки во кои не веруваат ни оние кои ги шират (додека нè притискаат да им попуштаме на сите кои имаат барања од Македонија), а притоа да тврдиме дека ќе си ја вратиме Македонија. Некои ќе ме наречат „недипломат“, или „популист кој печали евтини гласови“, но јас верувам дека без борба, па и саможртва (на тие што сакаат да се борат), нема да дојдеме до самодоверба и почит кон самите себе. Во еден мандат, во петгодишен период, ќе направам сè да се разбудиме од хипнозата и да почнеме да работиме, за себе а не за други. Ќе покажам дека светот има четири страни и дека е можна мирољубива коегзистенција во взаемен интерес.
5. Како би се обиделе да го зголемите економскиот развој на Македонија и да создадете работни места?
За жал, одговорот на ова прашање би барало да „излезам“ надвор од ингеренциите на претседателот и да завлезам во тие на владата. Но, мојата надеж е дека на претстојните избори ќе имаме двојна промена: и во составот на собранието (следствено, владата) и во претседателскиот кабинет. Само така, со една поинаква перспектива ќе можеме да отвориме можности за економски развој. Претседателската функција дава можности за отворање нови можности за регионална и глобална економска соработка, односно да престанеме да постапуваме спротивно на националните интереси само затоа што некој геополитички центар на моќ сака така. Ние едвај и да знаеме што е економски суверенитет, толку поданичка политика водеа сите досегашни влади. Ако и претседателот на Македонија покаже иницијатива, добра желба за соработка со земјите ширум светот, односно со она што го викаме Глобално мнозинство, тогаш ќе откриеме и нови можности за ширење на економската соработка. Благосостојбата на западот е веќе доведена во прашање, се одвива процес на дедоларизација, нештата се менуваат, ама ние како да сме застанале во времето на Солунскиот самит на ЕУ, кога ветуваа брзо зачленување на земјите од т.н. западен Балкан.
6. Кои конкретни мерки планирате да ги преземете за борба против корупцијата и лошото управување во земјата и за подобрување на владината транспарентност и одговорност?
БВ: Како претседател можам да учествувам во формулирањето на политиките за кои е одговорна владата само индиректно – со политичкиот кредибилитет и авторитет, отворање прашања и јавно и бескомпромисно критикување на владата и/или собранието за некои погрешни политики, со обраќања во собранието и до јавноста, и на некој начин – претседателот може и мора да биде народен трибун, глас на народот, на оние кои се најголеми жртви на корумпираниот систем кој ги наградува неранимајковците, а ги отстранува најдобрите и највредните. Јас можам да одговарам и бидам транспарентна во врска со дејностите од мојот домен (со задршка на делови поврзани со националната безбедност, се разбира), па и со сопствениот пример да наметнам некои повисоки политички и морални стандарди на однесување. Една од првите работи кои би ги започнала во својот мандат би било лобирање за менување на законот за привилегиите на претседателот на Републиката по завршување на мандатот. Македонија е премногу сиромашна земја за да храни бивши претседатели. Тие треба да ја делат судбината со својот народ и нема никаква потреба од специјални погодности. Ако за време на мандатот не го сторам тоа што се очекува од мене, зошто би требал народот да издвојува толку пари за бивш претседател кој неретко останува и заборавен (како Црвенковски, на пример).
7. Кои стратегии ќе ги следите за зајакнување на образовниот систем и обезбедување пристап до висококвалитетно образование за сите граѓани?
БВ: Со моето искуство од 40 години минати во високото образование имам многу што да кажам за оваа сфера. Како претседател можам да поттикнувам, наградувам, организирам настани, како и да апелирам до јавноста. Она што е најстрашно е што некогаш најумните и најталентираните деца остануваат на маргините, заради социјалната дискриминација. Универзитетите станаа печатници на безвредни дипломи. Тука е потребно „длабоко орање“ и „прочистување“, зошто уништувањето на една нација најлесно оди токму од сферата на образованието. И во оваа сфера светот се менува драматично со вештачката интелигенција и четвртата индустриска револуција, а ние сме застанати во некој друг век. Несфатливо е професори да не знаат странски јазици, а студентите да знаат. Образовниот систем мора да биде прилагоден на потребите и на децата и на општеството, со мудра политика и негување на извонредност, систем на заслуги и негување на секој талент.
8. Како мислите да ги обликувате односите со други земји и меѓународни организации со цел зајакнување и промоција на Македонија на глобално ниво?
Принципите на надворешната политика што ќе ја заговарам е дека создаваме пријателства, а не непријателства. Членството во НАТО се покажа како погубно за виталните интереси на македонскиот народ, а притоа и скапа играчка на елитите, кои сега од нашата сиромаштија сакаат да го хранат воено-индустрискиот комплекс на западните сили. Кризата на ЕУ не е наша работа, ама нè погодува директно и сметам дека додека ЕУ трага по својот политички, глобален и безбедносен идентитет, ние треба да се свртиме кон брзорастечките економии на глобален план. Светот има четири страни, а на мала држава како Македонија не ѝ треба вплеткување во нова Студена војна, туку мирољубива коегзистенција со сите кои можат да ни овозможат економски бенефит и развој. Во таа смисла, САД, НАТО и ЕУ водат дволична политика додека на една страна соработуваат со незападните сили, а од нас бараат послушност и воведување санкции кои ги погодуваат токму македонските земјоделци и производители.
9. Како ќе работите на заштита на етничката и културната разновидност на Македонија додека промовирате национално единство и кохезија?
БВ: Моето разбирање на мултикултурализмот е различно од она што досега се спроведува во пракса, а како основа се користи Рамковниот договор кој стана Света книга на мирот и безбедноста. Таквата политика го деформираше целиот политички систем и нанесе голема штета. Дваесет години потоа, сметам дека треба да признаеме дека постконфликтната фаза е завршена и дека ако сакаме вистинско демократско општество, тогаш етно-трибализмот треба да го оставиме зад нас. Нам ни треба сосема нов граѓански устав, по француски терк на разбирање на нацијата. Ако се појави отпор, барем ќе знаеме на што сме и нема да се лажеме дека ни цветаат рози во меѓуетничките односи.
10. Кои конкретни мерки ќе ги преземете за заштита на животната средина и промовирање проекти за одржлив развој?
БВ: Животната средина ја сметам за прашање од витален интерес за опстанокот, затоа и планирам ставање поголем акцент на оваа проблематика. Во Македонија се „приватизираа“ дури и природните ресурси, од почвата до водите. Остана уште воздухот да ни го наплатуваат. Веќе извесно време сум претставник на NESS иницијативата која се темели на принципите на Декларацијата од Хаикоу универзитетот (во Кина), кој се занимава со одржливоста на животот на планетата, на сите земји (ниту една да не остане жртвувана) и на нашите идни поколенија. Во таа смисла, планирам национален истражувачки центар кој ќе помага во водењето на јавните политики кои стануваат ургентни, бидејќи климатските промени, недостатокот на плодна почва и вода, се нешта кои бараат итна и мудра акција.
11. Како планирате да се справите со предизвиците во здравствената заштита и да обезбедите пристап до квалитетна здравствена заштита за сите граѓани? Како планирате да ги преземете предизвиците во здравствениот систем и да обезбедите пристап до висококвалитетна здравствена заштита за сите граѓани?
БВ: Нашето здравство е за жал „жива болест“. Останавме без медицински кадри, бидејќи сите заминаа за Хравстака или Германија. Притоа, државата врши дискриминација и ги фрла во должничко ропство оние млади приватни специјализанти кои сè уште сакаат да останат да работат и живеат тука. Моите ингеренции во оваа област се мали, но веќе дадов јавна поддршка за јавното здравство (приватизацијата ја сметам за погубна), и особено за специјализантите во медицината.
12. Кои чекори ќе ги преземете за подобрување на инфраструктурата на земјата и подобрување на квалитетот на животот на луѓето?
БВ: Мислам дека на ова прашање веќе одговорив на некој начин, затоа што идејата на јакнењето на економската дипломатија и поврзувањето со светот, наместо сегашното вазалство и експлоатација, се во средиштето на мојата надворешна политика. Нештата мора радикално да се сменат. Присуството на Бехтел и Енка или Митлинис е доказ како не смее да се работи – за туѓи интереси, а на сопствена штета.
13. Што се однесува до прашањето за издавање на пасоши, какви се вашите ставови и дали би сакале владата или Парламентот да преземат итни мерки за привремено олеснување на ограничувањата за патување?
БВ: За жал, сите апели останаа или неслушнати или половично прифатени. А сега е веќе доцна за апелирање за итни мерки. Затоа сметам дека овде се соочуваме со погубните ефекти на една неспособна власт, со кусогледоста околу ефектите на Преспанскиот договор, но дури е можно и да постои одредена зла намера на политички/изборен инженеринг. Масовното кршење на човековите права фрла темна сенка и врз регуларноста, легалитетот и легитимитетот на овие избори.
Централниот Совет на Македонците во Германија ги искажува најискрените благодарности кон Проф. д-р Билјана Ванковска за нејзината јавна посветеност и за учеството во интервјуто. Ја посочуваме нејзината ангажираност кон работата и изразуваме наша искрена надеж за успешното нејзино продолжување на напорите во политичката сфера.