
Единаесетти октомври Македонија веќе речиси осум децении го слави како Ден на народноослободителното востание на македонскиот народ, но тој датум не треба да се заборава и по нешто друго – од 11 Октомври 1946 година жителите на слободна Македонија почнаа да го посетуваат гробот на македонскиот великан Гоце Делчев (1872-1903), откако неговите посмртни останки беа донесени од Софија во Скопје, со што е исполнет заветот Делчев да почива во главниот град на слободна Македонија.




Исполнет завет Гоце да почива во главниот град на слободна Македонија
Македонците во знак на почит на долгиот пат го носеле три дена, на 7, 8 и 9 октомври 1946 година, за следниот ден, 10 октомври, неговите коски да бидат положени во саркофагот во црквата “Св. Спас“ во Скопје. На патувањето од Софија до Скопје, цела Пиринска Македонија биле на нозе, исто како и Струмица, Штип и сите други места, коските на Гоце Делчев минувалe низ Горна Џумаја (денес Благоевград), Свети Врач (денес Сандански), Разлог, Банско, Неврокоп (денес Гоце Делчев), Мелник, Петрич од страна на НР Бугарија, а од другата страна, во НР Македонија низ Ново Село, Струмица, Радовиш, Штип и Велес. Сите масовно му оддавале почит на идеологот на македонското револуционерно движење и тоа чествување е едно од најголемите во историјата на современата македонска држава.

Македонците на патот од Софија до Скопје секаде масовно му оддавале почит на великанот: Петрич (слика горе), Скопје (слика долу)

Пренесувањето на коските на Делчев во просториите на Илинденската организација во Софија во 1923 година
Како што е познато, по убиството на Гоце Делчев на 4 мај 1903 година кај Баница (Серско), Михаил Чаков и Таската Серски во ноќта на Ѓурѓовден во 1906 година се упатуваат скришно во Егејска Македонија, во Баница, за да ги откопаат коските на Гоце, и на нивното големо чудење утврдиле дека градните коски на Гоце сé уште не биле разложени. Биле принудени да ги семаат само черепот, разете и нозете, кои ќе бидат потопени во шпиритус и ќе бидат положени кај олтарот на црквата во Баница. Го задолжуваат клисарот Никола да ги чува коските. 2 години потоа, 1908 г. клисарот Никола ги доопкопува градите и ги комплетира коските во сандачето што се наоѓаше во светиот стол на црквата во Баница, сé до 1917 година: во текот на двете балкански војни и Првата светска војна, Баница била трипати палена, а еднаш и црквата во која се наоѓале коските на Гоце, но тие останале целосно неоштетени.

Михаил Чаков стравувал дека црквата повторно може да се најде во опасност, па во 1918 година тајно ги зема моштите и ги пренесува во својата куќа каде што ги чува четири години. Од Илинден, 2 до 12 август 1923 г. коските стоја во црквата “Света Недела” на поклонение а потоа неколку месеци стоја на таванот од црквата до коските на Георги Раковски за конечно да бидаат однесени во канцеларијата на Илинденската организација, организација на македонските револуционери – емигранти кои биле следбеници на идеалите за слободна и независна македонска држава. Пред ковчегот да биде изнесен од домот на Чаков, на него е запишано следниот савет:
„Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребани во столицата на независна Македонија. Август 1923, Илинден“

Пренесувањето на коските на Делчев во документарниот филм “Македонија во слики“ во 1923 г.


Пренесувањето на коските на Гоце од куќата на Чаков кон црквата “Света Недела” во Софија на 2 август 1923 година, е документирано и снимено со камера од македонскиот револуционер и публицист Арсениј Јовков, во документарниот филм “Македонија во слики“.

Филмот бил снимен со средства кои ги обезбедила Илинденската организација, а по повод 20 годишнината од Илинденското востание. Филмот бил снимен во два дела од кои денес е зачуван само првиот.



Филмот набргу ќе биде забранет од бугарските власти, а една година подоцна во 1924 г. Арсениј Јовков е заклан по наредба на прoбугарскиот џелат Ванчо Михајлов.
Македонија бара од Бугарија коските на Гоце да бидат пренесени во Скопје, октомври 1946
Предавањето на моштите на Гоце Делчев е одобрено од тогашниот бугарски претседател Георги Димитров. За време на Димитров, кој и самиот потекнува од Пиринска Македонија, во декември 1946 година беше извршен првиот повоен попис на населението во НР Бугарија. Од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија 160.541 лица, односно 70% се изјасниле како етнички Македонци.

Беше испратена македонска делегација во Софија да ги донесе коските на Гоце и да ја оствари завета. Македонската делегација предводен од Кирил Петрушев, тогашниот министер за внатрешни работи имаше задачата да ги доведе мошите на Гоце Делчев и некоја литература од институтот за национална историја кој Илинденците ги имаат во Софија. Македонската делегација беше многу добро примена, од Илинденците, централниот комитет на комунисти и други организации. Во Софија беше прифатена идејата дека Гоце е Македонец и треба да оди во татковината. Се оформи документ што беше потпишана. Потготвено беше еден банкет, таа церемонија, целиот тој прием течеше многу добро и на задоволство на македонската делегација. Таму беа свечено предадени мошите на Гоце Делчев од Илинденската организација на делегацијата на НР Македонија а после тоа се формираше долга колона за испраќање на моштите на Гоце низ Пиринска Македонија до Скопје.


Заветoт за Гоце се остварува од 7 до 11 октомври 1946 година, кога посмртните останки на Делчев од Софија при стигнуваат во главниот град на слободна Македонија, пречекани со највисоки државни и воени почести. На тргнувањето од Софија на 7 октомври, интересен говор, на свеченото собрание во софискиот Народен театар по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев во Народна Република Македонија, одржал Тодор Павлов. Павлов (1890-1977) е еден од највлијателните луѓе во Бугарија по Втората светска војна. Родум од Македонија, долги години претседател на Бугарската академија на науките, филозоф, теоретичар, политичар, а бил и регент на Царството Бугарија по капитулацијата во 1944 година. Во долгиот говор, Павлов децидно кажува кој и што бил Гоце Делчев и за што се борел:
Немилосрден борец против великобугарските, великосрпските и другите злоупотреби на сметка на македонскиот народ
„За Гоце, треба да се забележи пред се’ дека тој најдоследно и најупорно се бори како против турската феудалната економска и политичка тиранија и доминација, така и против великобугарскиот и сите видови и степени на врховизам, и особено против сите обиди на бугарскиот монархизам да го искористи македонското национално-револуционерно движење за свои реакционерни, династички и класни цели. Во овој поглед, заслугите на Гоце се навистина историски и ја задржуваат нивната важност до денешен ден. Гоце, без никогаш да се откаже во принцип од секаква помош од надвор, недвосмислено и не еднаш се беше изјаснил против илузиите за ослободување на Македонија преку надворешно мешање, било од соседните балкански држави, било од некои големи европски империјалистички сили. Цврсто, доследно, упорно стоеше на гледиштето дека ослободувањето на Македонија и на Балканот од секое феудално или империјалистичко влијание е дело на македонскиот и на самите балкански народи. А особено за ослободувањето на Македонија, тој сметаше, длабоко убеден дека нејзиното ослободување може да дојде само преку сериозна подготовка и подигање на сенародно вооружено востание, на чија пропаганда и организација ги посвети сите свои сили, и најсетне херојски ја положи и својата прекрасна глава во мај 1903 година во близина на селото Баница, Серско… Секако, има голем број сериозни причини да веруваме дека неговата смрт не била случајна, туку била дело на гнасно врховистичко предавство“, рекол во говорот Тодор Павлов.
Павлов нагласува и оти Делчев е една од најголемите легенди на македонскиот народ
“Како и да е, не смееме да бидеме неправедни спрема сеќавањето на големиот македонски син, и затоа тука, сепак, сме должни да одбележиме дека Гоце напишал во едно свое писмо: „Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“ Овој восклик на Гоце покажува дека ако тој беше жив, во никој случај немаше да остане рамнодушен на фактот дека денес во Македонија има маса книги, а не само поетски и публицистички, напишани токму на македонски јазик, кој веќе прилично се разви и се повеќе и повеќе се дооформува и усовршува како нов литературен македонски јазик. Лириката на Рацин, на Неделковски и особено на Венко Марковски и на цела редица други талентирани македонски поети, прекрасни списанија и многу други дела кои излегуваат со зголемено темпо, прекрасни драмски дела, изведени со огромен успех од страна на Скопскиот народен театар, од чие мајсторство и ние овде во главниот град на братска Бугарија, имавме неодамна прилика да се восхитуваме, не само од изведбата на артистите, туку и од кршниот и звучен македонски јазик – сето тоа е непобитен доказ дека желбата на Гоце е веќе историски факт кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги на нашите великобугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата наназад, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет.”

„Не малку на Гоце му помагаше и неговиот личен шарм како патриот, хуманист и револуционерен учител и водач, кој стана една од најубавите легенди на македонскиот народ, какви што за бугарскиот народ се Караџата, Левски и Ботев. Гоце со самата негова револуционерна дејност и особено со немилосрдната борба против великобугарските, великосрпски и други злоупотреби на сметка на македонскиот народ и револуција, неизмерно придонесе да успешно да завршат револуционерните македонско-ослободителни цели. Тоа веќе се случи. Македонскиот народ во последната епска борба против фашистичкиот јарем, овој пат испадна не сам, туку имаше голем број моќни и верни пријатели и сојузници, како моќното југословенско народноослободително движење, предводено од Комунистичка партија и нејзиниот водач Тито…“, истакнал Павлов.
Во говорот на свеченото Собрание, тој рекол и оти вториот македонски Илинден во 1944 година ја имал генералната проба во 1903:
„Треба да се рече смело и сега да се нагласи дека ако вториот Илинден заврши толку блескаво, неговата генерална проба од 1903 година, организирана од Гоце и неговите соборци (и покрај измамите и подли пресметки на внатрешните и надворешните врховисти со предвременото кревање на востанието) беше и ќе остане, и во свеста на македонскиот и на сите балкански народи токму како еден од условите за победоносното привршување на вториот Илинден – 11 Октомври 1941 година, кое се доврши на Илинден 1944 година со историското заседание на АСНОМ“.
Обединета, слободна и моќна Македонија ќе стане обединувачка алка на балканските народи
На крајот од долгиот говор, Тодор Павлов зборувал за чинот на пренесувањето на посмртните останки на Делчев од Софија во Скопје:
„Овој чин, чинот на пренесување на коските на Гоце Делчев од нова, слободна, отечественофронтовска Софија во новиот главен град на македонската слободна држава, смело ќе кажам, има големо историско, симболично значење, уште повеќе затоа што на нивниот пат тие ќе поминат и низ Пиринска Македонија. Свеченото и искрено испраќање на светите коски на Гоце, кое новата ОФ Бугарија го организира, исто така претставува голем историски и симболичен чин кој покажува дека во Македонија, во цела Југославија, како и овде во ОФ Бугарија, работите од корен се променија и тоа во смисла главно на довршување и логичен крај на историското дело на Гоце и на сите негови современи и подоцнежни ученици и соборци. Македонија може да биде, треба да биде и, конечно, ќе биде обединета во своите природни историски граници. Така обединета, моќна, слободна, суверена и од секој поглед прогресивна, таа навистина ќе стане моќна обединувачка алка на балканските словенски и другите демократски народи – славна историска улога на која беше предодредена дури и во времето на нејзиниот бесмртен син Гоце Делчев“, нагласил Павлов на крајот од говорот.
Интересно е што Тодор Павлов во говорот во софискиот Народен театар на 7 октомври 1946 година рекол и дека од мал некако му се врежал во главата ликот на Гоце Делчев, но не се сеќавал каде точно го видел. Кога Павлов бил на возраст од пет-шест години, Делчев (од 1894 до 1896 година) бил учител во училиштето во штипско Ново Село, кое е на стотина метри од куќата на Павлов.



Во Бугарија, во периодот помеѓу 1944-1957 година, Гоце бил почитуван како македонски национален херој, но во 1957 година оваа политика била напуштена.
Нестор Алексиевски го изработил ковчегот за коските на Гоце
Славниот резбар Нестор Алексиевски го изработил ковчегот во кој се пренесени коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје во 1946 година. Го изработил дрвениот ковчег за 21 ден, во што му помагал и неговиот син Миле, пишува покоиниот романописец, книжен критичар и раскажувач Данило Коцевски во една колумна во 2019 година. Копаничарот потекнувал од една од најпознатите мијачки резбарски тајфи. Најпрвин изработил цртежи како ќе изгледаат деталите изрезбани на ковчегот, а потоа преминал на нивната реализација во ореово дрво. Ковчегот бил со димензии 0,6 х 0,6 х 0,75 метри, и лежи на четири лавовски шепи. Изрезбани се разни мотиви од кои главниот е ликот на Гоце Делчев со ловоров венец. Претставени се и тогашните грбови на Македонија и Југославија. На задната страна стои пораката: „Смрт или слобода – Македонска Револуционерна Организацијa”. Во саркофагот била вградена и лимена подлога односно кутија, набавена од лимар во Старата скопска чаршија. Според сведоштвата, коските во сандакот биле обвиткани со црвена свила како симбол на Илинденското востание.



На 100 годишнината од смрта на Гоце Делчев, македонскиот историчар Димитар Димески објавил јубилејна монографија за овој великан на македонското револуционерно движење. Во текот на презентацијата на оваа дело Димески истакнал:
“Делото што Гоце Делчев го остави на генерациите, македонскиот народ го прегрна како свое културно наследство. На денешен ден – понеделник, пред сто години и еден ден, загина големото чедо на овој достоинствен народ. Денеска, едновековната дистанца дозволува да се објективизира животот и делото на Гоце Делчев. Ние мора да ја истакнеме неговата етичност и едукативност и што повеќе да ги доближиме до вистината неговиот живот и дело“.
“Ретки се народите кои имаат личности од форматот на Гоце Делчев. Со право, современа Македонија има длабок пиетет кон Гоце Делчев, првенецот на македонското револуционерно национално-ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век“, нагласил Димески.
Вечното почивалиште на Гоце Делчев во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје
Чествувањето на ликот на Гоце Делчев е тесно поврзано со неговата револуционерно национално-ослободителна борба. Едно од најголемите чествувања е пренесувањето на Гоцевите останки од Софија во црквата „Св. Спас“ во Скопје, ова чествување било една од најголемите манифестации во историјата на современата македонска држава со највисоки државни и воени почести. Во конаците на црквата Св. Спас е сместен Музејот на Гоце Делчев, во кој се изложени парчиња на оружје и други експонати. Може да се најде комитска облека, може да видите парчиња оружје од приватни колекции, јатагани, куршуми, пушки и др.










Извор: документарен филм “Посмртното патување на Гоце Делчев” – емисија на РТВ Скопје од 08.05.1982 година