Билјана Костова: Посветеност и врска со македонската дијаспора

На 16 јуни 2024 година, Централниот совет на Македонците спроведе значајно интервју со г-ѓа Билјана Костова, раководител на секторот за унапредување и одржување на врските со иселениците, по повод нејзината приватна посета на Берлин. Ова интервју беше дел од иницијативата на Централниот совет за развој на идни стратегии за подобрување на соработката меѓу институтите во Македонија и македонската дијаспора.

Интервјуто го водеше нашиот член Тони Силјаноски, кој во иднина ќе спроведува редовни интервјуа со цел да се интензивираат и претстават личностите кои се битни за дијаспората од македонските институции. За Централниот совет се важни нивните придонеси, можности и искуства, со цел тие да се објават во јавноста и сите подобро да дознаат за нивната работа. Овие интервјуа треба да служат како основа за сумирање на моменталната мрежа и собирање на различните предизвици на дијаспората и комуникациските партнери на македонските институции. Целта е да се интензивира и зајакне комуникацијата и соработката со македонската дијаспора.

Присутен на овој важен состанок беше и претседателот на Централниот совет, г. Роберт Кленкоски. Заедно со г-ѓа Костова дискутираа за актуелните предизвици и перспективи за македонската заедница ширум светот.

Во име на Централниот совет на Македонците во Германија, имавме голема чест да и поставиме неколку прашања на г-ѓа Костова, за да дознаеме повеќе за нејзиниот уникатен поглед на македонската дијаспора. Нејзината долгогодишна работа во Агенцијата за иселеништво ја направи особено квалификувана и почитувана контакт личност за нас.

Во рамките на ова интервју, ја замоливме г-ѓа Костова да одговори на неколку прашања кои се особено интересни за македонската заедница во Германија. Нејзините одговори не само што беа информативни, туку и допринесоа за засилување на врската помеѓу дијаспората и Македонија.

Во продолжение ги претставуваме прашањата и одговорите од интервјуто:

1. Можете ли да ни раскажете нешто за Вашата лична позадина и врската со македонската заедница?

-Во Агенцијата за иселеништво работам 18 години во Секторот за унапредување и одржување на врските со иселениците, комуникација, информирање и културен развој на иселениците и токму името на Секторот ја кажува природата на мојата работа и животот воопшто. Имено, не секогаш можеме да го разграничиме приватниот од професионалниот живот особено кога работиш со луѓе а не со предмети. Оваа работа бара посветеност, чувствителност, одговорност и достапност во секое време. Македонци имаме во целиот свет во сите временски зони, што значи дека не е можно да се ограничи работното време на само 8 часа во текот на едно деноноќие. И токму таа заложба и таа посветеност со текот на времето вроди една силна врска со организираното иселеништво и поединците.

2. Вашата долгогодишна работа во Агенцијата за иселеништво е свидетелство за Вашето искуство и експертиза. Можете ли да ни раскажете нешто за Вашата улога и Вашите искуства во Aгенцијата?

Како и секоја институција и Агенцијата за иселеништво има свои активности и програми согласно законската надлежност. Како раководител на Сектор, неминовно беше моето учество и придонес во креирањето на програмите за работа и одговорноста за нивна реализација. На тој начин, се здобивав со информации за состојбите на иселениците во државите во кои живеат и работат, за нивната организираност, дејствување, интегрирање, а најповеќе за проблемите и потребите кои ги имаат и очекуваат од матичната држава, Македонија и институциите во неа.

3. Кои специфични предизвици ги забележувате во поддршката на македонската заедница во странство?

Македонија е земја која се карактеризира со традиционално иселување од минатото до ден денес, но последните две децении интезитетот на иселување е зголемен во европските држави и се однесува особено на младите кадри.  Не постои методологија која ќе помогне да се избројат Македонците во странство, бидејќи истите се иселени на различни начини, со различни документи, во различен период и од различни причини. Но преку нивно здружување во организирани форми од различен карактер: верски, спортски, фолклорен, литературен, образовен и друго, полесно можат да се мапират, да се воспостави комуникација и соработка и да се добијат конкретните информации за положбата и правата кои ги уживаат или не, во државите приемнички. Современите алатки за комуникаии и социјалните мрежи ја олеснуваат можноста за следење на активностите на иселеништвото и доколку се ажурира адресарот или базата на податоци на активни иселенички здруженија би се унапредиле врските  и би се зголемила поддршката од соодветните институции.

4. Како според Вас соработката помеѓу дијаспората и Македонија може да се подобри?

Пред се е најважно да се врати довербата во системот поради корупцијата која во последните неколку години  нашите иселеници најповеќе ја почуствуваа од страна на администрацијата при вадење на лични документи, потоа на граничните премини при влез и излез од државата или при обиди за инвестирање и пренесувњае на нивните бизниси од странство.

Потребно е да се работи на враќање на  довербата и зголемување на  волјата на иселениците за учество во општествените процеси, како пописот и изборните процеси, за кои сме сведоци дека во последните години постои бојкот произлезен токму од разочараноста и недовербата во софтверите и целокупниот процес на спроведувањето на истите.

Македонската дијаспора е нераскинливо ткиво од Македонија кое телесно живее и работи во странство, а со мислата и чувствата секогаш е дома. Неминовно е присуството и активното учество во сите процеси во државата. За да се оствари тоа, потребно е пред се да се олеснат или дигитализират овие процеси особено изборните и преку подадена рака да се оправда нивното учество во градењето на државата.

Постојано во медиумите се среќаваме со информации за висината на износот на дознаките од иселениците кои во време на отсуство на развиена економија и те како се добредојдени. Но мора да се сфати сериозно изреката дека треба да подадеш за да ти се врати. Односите и релациите со дијапсората треба да се одвиваат во двете насоки за да почувствуваат дека не се заборавени од татковината и дека секогаш ќе имат во Македонија институција која е спремна да подаде рака.

5. Кои проекти или иницијативи би сакале да ги видите, за да се засили врската помеѓу дијаспората и Македонија?

Како што кажав и погоре Македонците во странство се организирани во друштва од различна природа, а според тоа и поддршката е различна, од фолклорни кореографи, наставници по македонски јазик, лектири, книги, народни носии, македонски филмови, дресови, промотивни материјали се со цел да се негува и зачува македонскиот јазичен и културен идентитет, а со тоа и да ја промовираат Македонија во државите каде што живеат и работат. Така со сигурност можеме да кажеме дека се своевидни амбасадори на македоската култура и мост помеѓу татковината и земјата примател.

За врската со Македонија, логично е да се размислува дека најпрво Македонија треба да прерасне во поубаво, безбедно, достоинствено и почисто место за живеење за граѓаните кои останаа да живеат овде. Во среден некорумпиран систем, со професионална и услужлива администрација, дигитализација, солидна инфраструктура и чист воздух, секој би сакал да дојде. Во такви услови интересот на дијаспората за одржување на врските со татковината би бил поголем, а веројатно и враќањето назад, бидејќи се соочуваме со закана од  одлив на млади луѓе кои треба да бидат мозокот и снагата на Македонија во иднина.

Насоките за идеите за проектите и иницијативите генерално произлегуваат од самите иселеници затоа е  потребно прво да се постави цврста база а тоа е единствена институција во Македонија која ќе има капацитет да одговори на потребите на иселениците од сите области.

Од Централниот совет на Македонците во Германија, благодариме на Билјана Костова за нејзиното време и спремноста да ги сподели нејзините искуства и идеи со нас.