од Јасминка Павловска, „Нова Македонија“ (Ед. бр. 25770) – 10.03.2023
Историографијата бележи несоборливи докази за депортирањето на македонските Евреи
Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година е критичната временска отсечка, означена како трагичен настан во историјата на Македонија од Втората светска војна – апсењето на македонските Евреи, од страна на бугарската окупациска војска, кои беа депортирани во логорот на смртта во Треблинка. Овој настан е дел од холокаустот на Евреите во Втората светска војна, во кој животот го изгубија шест милиони луѓе, едно од најголемите злосторства на нацифашизмот.
Катастрофално, па дури и криминално е што фактот за депортирањето на македонските Евреи, за кој историската наука ги има препознаено и осудено виновниците, се злоупотребува во актуелниот политички контекст. Како дел од контроверзните условувања на Бугарија за македонските евроинтеграции е и барањето за отстранување на терминологијата „бугарски фашистички окупатор“ од македонските споменици и историски учебници, во темите поврзани со настаните од Втората светска војна. Во таквиот бугарски ревизионистички контекст се појавуваат дури и обиди вината за тоа да се префрли на македонската страна.
– Холокаустот на Евреите не е дел само од историјата на Македонија, тој е дел од историјата на Европа и од светската историја. Но историската наука ги има јасно и конкретно посочено виновниците за холокаустот, а Македонија и македонскиот народ никако не се во редот на виновниците. Во Бугарија, актуелно постојат две струи во однос на депортацијата на Евреите од териториите окупирани од нивната војска во Втората светска војна, во кои влегувале Македонија, источна Србија и северна Грција. Едната струја го прифаќа соочувањето со вината и бара извинување од современата бугарска држава, додека другата струја сака историски да се пренебрегне улогата на царска Бугарија во депортацијата на Евреите од окупираните територии и да остане историски забележано дека бугарските граѓани, предводени од црквата ги спасиле од депортација Евреите на територијата, како што ја нарекувале „стара Бугарија“. Чинот на бугарските граѓани секако е за почит, но соочувањето со целосната историска вистина за улогата на бугарската држава и нејзините институции во погромот на Евреите во Втората светска војна мора да го прифатат. Не смеат да помислат во Софија, вината за трагичната судбина на Евреите да ја префрлат врз населението од окупираните територии, најмалку во Македонија. Не можеме да дозволиме историјата да ја заборави вистината, да се пренебрегне некој дел од неа – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Професорот Чепреганов наведува дека Бугарија, уште пред да влезе во сојузот на фашистичката оска во Втората светска војна, во јануари 1941 година има донесено Закон за заштита на нацијата, по моделот на Нирнбершките закони од 1935 година од нацистичка Германија, врз чија основа всушност се спроведува холокаустот на Евреите. Бугарскиот цар Борис Трети го потпишува тој закон, кој останува во важност сѐ до капитулацијата на Бугарија, на 9 септември 1944 година. Иако Евреите од т.н. стара Бугарија биле спасени од депортација во Треблинка, во 1943 година, актот никогаш не бил укинат и тој им висел како Дамоклов меч до денот на капитулацијата.
Меѓу контроверзиите на денешните македонско-бугарски билатерални односи е обидот за „рехабилитација“ на царот Борис Трети во Македонија, преку формирање т.н. бугарски клубови во земјава, кои треба да покажат постоење на бугарско малцинство.
– Историските личности што беа носители на фашистичката политика и злосторствата сторени за време на Втората светска војна, по 1944 година и во Бугарија беа прогласени и осудени како воени злосторници. Но во 1997-98, демократска Бугарија ги рехабилитира како жртви на комунизмот, а меѓу нив и царот Борис Трети. Дури се направија и обиди тој да биде претставен како спасител на Евреите. Но не постои ниту еден документ што потврдува дека тој имал улога во спасувањето на Евреите во Бугарија од депортација, а наспроти тоа постојат потпишаните акти за депортација, што ја потврдува негативната улога на бугарскиот цар во судбината на Евреите од Македонија, како окупирана територија на Бугарија за време на Втората светска војна – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Историската позадина објаснето од Стефан Петрушев, магистер по историја
– Веднаш по капитулацијата на Југославија на 18 април 1941 година, бугарската војска влегла во Македонија и започнала со воспоставувањето на административниот апарат и имплементацијата на антисемитската легислатива. Законот за заштита на нацијата, веднаш по окупацијата на вардарскиот дел на Македонија, претставувал основа за антиеврејската политика. Основата за антиеврејските мерки може да се лоцира во Законот за заштита на нацијата кој бил донесен на 23 јануари 1941 година од страна на бугарското собрание, а ратификуван од страна на бугарскиот цар Борис III. Она што е апсурдно е тоа што Законот за заштита на нацијата бил донесен пред Бугарија и официјално да се вклучи во Втората светска војна. Основата на бугарскиот Закон за заштита на нацијата може да се лоцира во Нирнбершките закони, донесени во Германија во 1935 година, што фактички претставува делумен препис на таа легислатива, со кои бугарските власти сакале да ја зачуваат таканаречената чистота на бугарската нација.
Со Законот, кој Бугарија го донела во јануари 1941 година, фактички државата им ограничила низа граѓански права на Евреите. Со Законот за заштита на нацијата Евреите не само што биле лишени од сите политички, економски и социјални права, туку и од најелементарните права на граѓанинот. Со овие мерки Евреинот бил сметан за потчовек. Сепак, сето ова било само дел од еден долготраен процес кој набргу бил проследен со нивна депортација.
Договорот за иселување на 20.000 Евреи од Македонија и Тракија бил склучен на 22 февруари 1943 година меѓу бугарскиот комесар Александар Белев, од една страна, и германскиот полномошник Теодор Данекер, од друга страна. Имајќи ги предвид информациите за локациите на кои живееле Евреите, како и нивната бројност, депортацијата била изведена исклучително брзо и ефикасно.
Акцијата за иселување на македонските Евреи започнала ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година. Од страна на Комесаријатот за еврејски прашања биле формирани групи кои се состоеле од еден полициски началник, еден полицаец и неколку војници и граѓани. Имало список според кој секоја група имала одреден број куќи што требала да ги посети. Списокот се состоел од име, презиме, датумот на раѓање, местото на живеење и професијата со која се занимавале. Списокот бил од стратешко значење за да се протераат македонските Евреи од нивните домови. Според тие списоци, македонските Евреи биле собрани и однесени во Монополот во Скопје, а со благослов на бугарскиот премиер Богдан Филов на 22, 25 и 29 март 1943 година биле префрлени во логорот на смртта Треблинка, каде што сите до еден биле погубени.
Ваквите злосторствата извршени од страна на бугарската фашистичка војска и полиција, Бугарија се обидува да ги прикрие пред светот и да се претстави себеси како заштитник на прогонетите Евреи искривувајќи ја вистината за депортацијата на Евреите од Македонија и Тракија, префрлајќи ја вината на населението од окупираните делови. Меѓутоа, да се обвинува еден народ кој и самиот бил жртва на бугарската фашистичка власт, навистина е жално и лицемерно.