Македонскиот јазик и германската македонистика

Трудот на проф. д-р Максим Каранфиловски е дел од антологијата со наслов “Македонија – карактеристики и перспективи” (Makedonien – Prägungen und Perspektiven), издавано во 2005 г. од проф. д-р. Габриела Шуберт, cлависткa и балканолог на Институтот за славистика при Универзитетот Фридрих Шилер во Јена. Ова антологија беше создаденa по Германско-македонската конференција, одржена на Универзитетот Фридрих Шилер во Јена oд 29 ноември дo 1 декември 2001 год.

Германските слависти и балканолози се интересирале и за македонскиот јазик пред да биде официјално кодифициран, но интересот значително се зголемил по кодификацијата во 1945 година. Во таа насока, посебно се споменуваат филолозите на универзитетите во Берлин, Келн, Минхен, а подоцна и во Манхајм, Хамбург и Фајбург.

Универзитетот “Мартин Лутер” Хале-Витенберг има посебно место во наставата и истражувањето на македонскиот јазик, особено по потпишувањето на договорот за соработка со Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Овде беше поставено лекторатoт по македонски јазик, кое постоеше од крајот на 1960-тите до почетокот на 1990-тите. Овде продолжува наставата по македонски јазик, сега со свој наставен кадар. Хале има добaр фонд на македонска литература.

Македонскиот јазик и германската македонистика

Германските проучувања на југоисточна Европа и во тие рамки на Балканот и посебно на Македонија завлегуваат длабоко во минатото. Заемните контакти датираат уште од времето на Византија. Доволно е да се спомне само мисијата на солунските свети браќа Кирил и Методиј со целокупната комплексност на нејзиното значење, потоа дипломатската мисија кај германскиот цар Ото I во Кведлинбург, реализирана во времето на царот Самуил во 973 г. Неодминливо е значењето на германските рудари Саси од 13-14 век и нивното влијание во рударството и стопанството, но и во јазикот. Интересот на германската наука и публицистика постојано расте во периодот на турското владеење на Балканот и подоцна сѐ до периодот на двете светски војни во дваесеттиот век. Интересирањето е сестрано и покрај политиката и стопанството ги опфаќа н културата и науката (археологија, византологија, географија со картографија, историја, филологија итн.) На Балканот и во Македонија во различни периоди низ вековите престојувале бројни научници и патописци. Во оваа прилика ќе ги спомнеме само имињата на Густав Вајганд, како основоположник на споредбената балканистика со своите трудови “Die Aromunen”, Leipzig 1894 и “Die nationalen Bestrebungen der Balkanvölker”, Leipzig 1898, како и на Лескин и Брикнер (А. Leskien, Ä. Brueckner) во областа на славистиката. (Карл Хрон – “Народноста на македонските Словени” – “Das Volksthum der Slaven Makedoniens”). He треба да ce заборават ни Карл Мајер и Макс Фасмер.

За оваа прилика за нас е битен интересот на германската филологија за македонскиот јазик и литература по неговата конечна кодификација по Втората светска војна. Во почетокот тој интерес се покажува преку некои реферативни написи низ славистичките списанија во светот, а на германското јазично подрачје првите такви реферативни написи за карактеристиките на македонскиот јазик и за неговата литература се појавуваат во раните педесетти години во Австрија и во Германија. Тоа се написите на Персида Храше-Вирет во Виенскиот славистички годишник под наслов “Zur Charakteristik des Makedonischen”, Wiener slavistisches Jahrbuch, 1, 1950, s. 87-100; и на познатиот германски славист Алојз Шмаус за македонскиот литературен јазик и неговата литература објавен во Osteuropa. 3, 1953, ѕ. 178-183 под наслов “Makedonische Schriftsprache und Literatur”.

Наскоро македонскиот јазик наоѓа свое место и во големите енциклопедии и енциклопедиски речници како што се: Der grosse Brockhaus, t.VII, 1955, s.466 – “Makedonische Sprache und Literatur” и под истиот наслов во Brockhaus Enzyklopädie, t.II, 1971, s.27; како и во Mayers Enzyklopädisches Lexikon,t.15, s.490 под наслов “Makedonisch”. Ce разбира, овде ги споменуваме само првите такви написи, без претензии на исцрпност за местото на македонскиот јазик и литература во германската енциклопедиска литература. Надвор од неа македонскиот јазик посебно е прикажан во книгата на Хелмут Шалер “Die Balkansprachen” (1975), S. 67-68. Особено драгоцен и мошне исцрпен е приказот на македонскиот јазик во книгата “Вовед во словенската филологија” од минхенскиот славист Петер Редер.

Германските филолошки списанија даваат свој несомнен придонес во расветлувањето на низа прашања од разни области на проучувањата на современиот стандарден јазик. Една од првите поголеми такви студии е написот на Јарослава Пачесова под наслов “Palatal Phonems in Macedonian“ објавен во Zeitschrift fuer Phonetik, Sprachwissenschaft und Kommunikationsfоrschung, 1964/17,s. 269-273, која фрла нова светлина на експериментално-артикулационата страна на фонемите во македонскиот јазик. Во Минхен во 1975 г. е објавена и студијата на американската славистка Ронел Александер под наслов “Torlak Accentuation” во која се анализира акцентскиот систем на македонските североисточни говори и се наведува богат илустративен материјал. Само до 1973 г. објавени се повеќе од 30 прилози со македонска проблематика во списанијата во Германија, Австрија и Швајцарија (“Materialien”, Минхен 1973). Во некои германски списанија, како Welt der Slaven, Zeitschrift fuer Slawistik и др. co свои прилози ce појавуваат и некои македонски автори (Б. Марков и др.).

Co разновидни прашања од областа на македонската граматика и нејзините карактеристики се занимавале и многу германски лингвисти како Алојз Шмаус, Норберт Рајтер, Петер Редер, Карл Хаусман, Хелмут Лидке, Гунтер Шлис, Роналд Леч, Хелмут Шалер, Вилфрид Фидлер, Ода Бухолц, Јосип Матешиќ, Роберт Цет, Карл Гутшмит , Криста Флекенштајн, Дитрих Фрајданк, Имгард Манкен, Ернст Ајхлер (Namenkundliche Informationen, Leipzig) и др. Нивните трудови се објавувани главно на германски јазик во Германија, но и на македонски и германски јазик во Македонија.

Македонистичката проблематика станува интересна и за докторски дисертации. Во 1964 г. на Слободниот универзитет во Берлин е одбранета докторската дисертација на подоцнежниот професор на истиот универзитет Норберт Рајтер под наслов “Der Dialekt von Titov-Veles”. Овој труд претставува мошне солидна дијалектолошка студија за еден од македонските централни говори. Само неколку години подоцна. во почетокот на 1970 г. одбранета е уште една дијалектолошка дисертација на Слободниот универзитет во Берлин по раководство на професорот Рајтер. Се работи за дисертацијата на Уве Бах за македонската ковачка и налбатска терминологија: “Die Fachterminologie der makedonischen Schmiede und Hufschmiede”. Трудот на Бах претставува исто така мошне солидна и ретка дијалектолошка студија за професионалната терминологија на дел од македонските занаетчии. Тој обработува над 900 лексеми и собраниот материјал од целата територија на Република Македонија го илустрира и со 44 дијалектолошки карти.

При крајот на седумдесеттите години во Германија е одбранета и една докторска дисертација на историска тема. Тоа е дисертацијата на Јута Де Јонг од Бохум под наслов “Слоеви-носители на македонското национално движење 1893-1903” (“Trägerschichten der makedonischen Nationalbewegung 1893-1903”). Дисертации на историски теми се работени и во поново време (Штефан Требст, Хајнц Вилемсен и др.), како и на јазичноисториски од Торстен Сзoбриc (Требст “Мусолини, Македонија и Големите сили 1922-1930. Внатрешната македонска револуционерна организација во југоиcточната политика на фашистичка Италија”/Troebst, Stefan; “Mussolini, Makedonien und die Mächte 1922 -30: Die Innere Makedonische Revutionäre Organisation” in der Südosteuropapolitik des faschistischen Italien”, Koeln- Wien, 1987, и cтудијата за историја на Фикрет Аданир под наслов “Die Makedonische Frage, ihre Entstehung und Entwicklung bis 1908”, Wiesbaden 1979/ Македонското прашање. Неговото потекло и развој до 1908 г.).

Од областа на современиот македонски јазик е докторската дисертација на Гизела Хавранек (моминско Баер) од Универзитетот “Мартин Лутер” Хале-Витенберг. Оваа дисертација е одбранета во 1980 г. и со својата лингвистичка анализа претставува сериозен придонес за расветлувањето на значењата на македонското минато неопределено време.

Интересот кон македонскиот јазик резултира и со издавање на еден учебник за негово учење. Тој во голема мера ги задоволува потребите на германското јазично подрачје. Се работи за учебникот “Lehrbuch der Makedonischen Sprache” од авторите Вера Бојиќ и Волф Ошлис. Еден од првите- учебници по македонски јазик во издание на Семинарот за македонски јазик, литература и култура има и своја верзија на германски јазик имено со цел да ги задоволи потребите на германскојазичните научни работници и студенти.

Повеќе германски универзитети во помал или поголем обем го воведуваат македонскиот јазик во своите наставни програми и реализираат пократки или подолги јазични курсеви и предавања од областа на македонскиот јазик, литература или историја, користејќи ги своите сили или престој на некој македонски научен работник. Во различни периоди и во различен степен таква настава имало на универзитетите во Берлин, Минхен, Келн, Гетинген, Регенсбург, Манхајм, Хамбург н др. Од посебно значење е работата на лекторатот по македонски јазик во рамките на Институтот за. славистика на Универзитетот “Мартин Лутеp” во Хале отворен во 1969 година и на кој околу 25 години работеа македонски лектори во согласност со Договорот за соработка меѓу универзитетите од Хале и од Скопје. За успешната работа на овој лекторат мошне голем придонес има и грижата на тогашните раководители на Институтот за славистика, професорите Хорст Шмит и Криста Флекенштајн. Денес на овој Институт нема македонски лектори, но наставата и натаму се изведува со помош на д-р Гизела Хавранек и со голема поддршка од раководителите на овој Институт, професорките Ангела Рихтер и Светлана Менгел. Библиотеката на Институтот за славистика во Хале заедно со Универзитетската библиотека од Хале имаат најбогата збирка со македонски книги во Германија, а тоа му дава можност на овој Институт да претставува македонистички центар во Германија. Договорот за соработка меѓу трите универзитети во близина (Хале-Лајпциг-Јена) создава добри предуслови за напредок на македонистиката не само во овој регион од три сојузни земји на Германија (Заксен-Анхалт, Саксонија и Тирингија) туку и пошироко во Германија. Благодарение на професорите Јосип Матешиќ и Дагмар Буркхарт во текот на неколку години лекторска настава по македонски јазик е изведувана и на Универзитетот во Манхајм.

Македонската литература исто така предизвикувала интерес кај германските научни работници. Еден од најпознатите на ова поле е професорот на Хумболтовиот универзитет во Берлин, Манфред Јенихен. Покрај него ќе го спомнеме и Рајнхард Лауер од Гетинген (пишувал за Б. Конески и други македонски автори) и Волфган Ешкер и др. He е многу голем бројот на преводите на македонски автори на германски јазик, но битен е фактот дека македонската литература е застапувана во повеќе антологии, меѓу кои најпознати се антологиите на “Македонската лирика” и “Македонските раскази”. Во нив се застапени повеќе македонски автори: Цане Андреевски, Славко Јаневски, Гого Ивановски, Србо Ивановски, Матеја Матевски, Радован Павловски. Анте Поповски, Кочо Рацин. Атанас Вангелов, Ацо Шопов, Гане Тодоровски и др. Меѓу преведувачите заслужни за претставувањето на македонската литература пред германската читателска публика, покрај споменатите се уште и Ина Јун Брода, Матијас Брониш, Сабине Фал и др. Посебно место во преводната литература од македонски на германски зазема книгата со песни од Блаже Конески под наслов “Lied der Weinstöcke” во превод на Валтрауд и Манфред Јенихен. Книгата е издадена во Берлин во 1988 г. и има одличен поговор од перото на Манфред Јенихен.

Македонскиот јазик, неговата литература и историја, како што може да се види и од овој, ни оддалеку не исцрпен, преглед на неговото место во германската наука и култура, претставувал и претставува интерес за мнозина германски филолози, историчари и други научни и културни работници. Доказ за тоа се и двете научни конференции на македонистичка тематика кои досега се одржаа на германско тло во организација на Универзитетот “Мартин Лутер” во Хале во 1975 и 1988 г., потоа Првата македонско-германска научна конференција одржана минатата година во Охрид. како и оваа сегашнава во организација на Универзитетот во Јена. Македонскиот јазик бил застапен и на многу други научни конференции во Германија, како на пример на конференцијата “Die Südosteuropa-Wissenschaften im neuen Jahrhundert” одржана во 1999 г. во Лајпциг во организација на проф. д-р Уве Хинрихс.

Co македонска проблематика денес во Германија се занимаваат покрај веќе споменатите научни работници (П.Редер. Х.Шалер, М.Јенихен, Ј.Матешиќ и др.) и Петер Хил од Хамбург, Дагмар Буркхарт од Манхајм, Кристијан Фос од Фрајбург, Штефан Требст од Лајпциг, Роналд и Нина Шмигер од Берлин, Ангела Рихтер и Гизела Хавранек од Хале. Македонистичка проблематика засегаат и други научни работници на кои македонистиката не им е главна преокупација ( Анке Левин-Штајнман од Лајпциг, Роланд Марти од Сарбрикен, Габриела Шуберт од Јена, Андреј Соболев од Марбург и др). Македонскиот јазик влегува и во многу современи и репрезентативни германски лингвистички изданија, како што е на пример Handbuch der Suedosteuropa-Lmguistik” подготвена од колектив автори под раководство на Уве Хинрикс од Универзитетот во Лајпциг, а во издание на Harrassowitz Verlag од Визбаден во 1999 г. како и во други изданија ( на пр., во редакција на Л.Цибатов).

На крајот, сакам да ja изразам својата надеж дека македонско-германските контакти и соработка во областа на македонистиката во најширока смисла и во иднина ќе се развива и ќе се продлабочи и интензивира. Истовремено, задача на македонската наука е подобро и целосно, колку што е можно, да се запознае со трудовите на германските колеги.

“Македонија – карактеристики и перспективи”, издавач Габриела Шуберт, Виесбаден 2005

На македонски јазик под наслов Македонскиот јазик и германската македонистика текстот е објавен во МАНУ, Прилози, Одделение за лигвистика и литературна наука XXXIII – XXXIV 1-2, Зборник на трудови во чест на академик Милан Ѓурчинов, Скопје 2008-2009, 291-296.

Исто така на македонски јазик објавен е и во книгата: Максим Каранфиловски, Македонистика и славистика, Бата прес, Скопје 2019, стр.102-106.

За германско-македонските конференции

Планот за одржување на германско-македонска конференција во Германија произлезеше за време на претходната конференција организирана од македонска страна во Охрид од 16 до 19 август 2000 година. Целта на тогашната конференција беше да се воспостави контакт меѓу германските и македонските научници и да се направи увид на научните и културните односи меѓу Сојузна Република Германија и Република Македонија. Беа обработени теми од лингвистиката, литературата, културата и политичките науки. Се покажаше дека Македонија и македонистиката за германскaтa славистика и германските југоисточноевропски студии допрва треба да се откријат. Македонија се најде премногу заглавена во тензијата помеѓу научниот фокус на Бугарија од една страна и Србија и Југославија од друга страна. Воопшто има малку знаење за Македонија и нејзините проблеми во западна Европа.

Втората германско-македонска конференција отсега на Универзитетот Фридрих Шилер во Јена ја организирала проф. Габриела Шуберт, славистка и балканолог на Институтот за славистика при ФСУ Јена. Со оглед на конфликтите во Република Македонија, конференцијата требаше да се фокусира не само на културните студии, туку и на актуелните проблеми на земјата и нивните причини, идните перспективи и можности за идна германско-македонска соработка. Покрај Универзитетот Фридрих Шилер во Јена, коорганизатори и спонзори на конференцијата беа Друштвото на Југоисточна Европа (Südosteuropa-Gesellschaft), Германската служба за академска размена (DAAD), германското Министерство за надворешни работи и Колегиум Еуропаеум Јененсе (CEJ).

За авторот

Проф. д-р Максим Каранфиловски

Максим Каранфиловски е роден 1948 година во Скопје, каде што на Филозофскиот факултет во 1971 година дипломирал на групата за руски јазик и книжевност, а во 1973 година и на групата за македонски јазик. Магистрирал во Белград, а докторирал во 1992 година.

Бил професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а во 2008 година е промовиран за почесен професор на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“. Претседател е на Македонскиот славистички комитет од 2011 година, а по пензионирањето, покрај другото, преведува и современа руска книжевност. Д-р Каранфиловски бил директор на Меѓународниот cеминар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, Република Македонија во периодот 1994-1996, 2001-2005 и 2009-2013 година.

Во 2019 година биле објавени две негови книги: „Македонистика и славистика“ и „Полско-македонски разговорник“, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

„Македонистика и славистика“ – проф. д-р Максим Каранфиловски, во издание на „Бата прес“, 2019 г.

Со љубезна дозвола на проф. д-р Максим Каранфиловски за преобјавување на неговиот труд