
Заменик-претседателот Горан Николоски и научниот референт д-р Александар Спасов се сретнаа на видео конференција со г-ѓа Хана Данел, консултант за култура на Централниот совет на Евреите во Германија.
Целта на средбата беше меѓусебно запознавање и размена на идеи, со особен акцент ставен кон културните настани и проекти како „Запознај Евреин“ – проект кој го зазема пристапот „да разговараме еден со друг наместо еден за друг! “. Дополнително, заеднички беа разгледани можностите за идна соработка во областа на културата и антидискриминациската работа.
Како јавна корпорација, Централниот совет на Евреите во Германија е најголемата кровна организација на еврејските заедници и државните здруженија во Сојузна Република Германија и нивното политичко претставување. Основана е на 19 јули 1950 година во Франкфурт на Мајна и е со седиште во Берлин од 1999 година.
Хана Данел е родена во Западен Берлин во 1972 година и пораснала во Бон. Студиите ги завршила во Хајделберг и Ерусалим , како магистер по еврејски студии и образовни науки. Од 2005 година, Хана Данел работи како консултант за култура и комуникација во Централниот совет на Евреите во Германија.
Одборот на Централниот совет на Македонците во Германија ѝ се заблагодарува на г-ѓа Данел за оваа исклучително интересна средба.